text size
Индустријата за крстарења доживува историски бум. Извештајот на „Круз лајнс интернешнл“ (Cruise Lines International Association - CLIA), објавен во април годинава, покажа дека бројот на патници во 2025 година достигнал рекордни 37,2 милиони, а речиси 90 отсто од нив се изјасниле дека планираат повторно да се вратат.
Истовремено, забрзано расте побарувачката за премиум искуства. Туристичките агенти и советниците за патувања токму луксузното крстарење го издвоиле како сегмент со најголем раст во 2025 година, а тоа го покажуваат и бројките. Според истиот извештај, луксузната флота се зголемила тројно во последните 15 години, од 28 бродови во 2010 година на 98 бродови во категоријата луксузни крстарења во 2025 година. Експанзијата се очекува да продолжи, а прогнозите покажуваат дека до 2029 година околу 1,7 милиони патници ќе изберат луксузно крстарење, што би претставувало околу 4 отсто од вкупно проектираните 42,1 милион патници на глобално ниво.
The Norwegian Cruise Line Holdings Ltd. Jewel (десно) во Regent Seven Seas Cruises | Тим Ру/Блумберг
Растот го поттикнуваат нови бродови, но и нови луксузни линии, како Explora Journeys на MSC, но и проширувањето на понудата кај веќе етаблираните компании како „Кристал крузис“ (Crystal Cruises), „Силверси“ (Silversea), „Сиборн“ (Seabourn), „Риџент севен сис“ (Regent Seven Seas Cruises) и „Понант“ (Ponant). Истовремено, големите компании за крстарење сè повеќе го развиваат концептот „брод во брод“ со приватни ресторани, салони и ексклузивни зони за гостите во најлуксузните апартмани.
Крузерот „Хармонија оф д Сис“, управуван од „Ројал Карибиан Крузис“ Лтд., поминува покрај запленетата луксузна јахта „Танго“ од 77 метри, во сопственост на рускиот милијардер Виктор Векселберг, во Палма де Мајорка, Шпанија | Андреј Рудаков/Блумберг
Роб Колман, виш потпретседател за продажба во Seabourn, компанија специјализирана за луксузни крстарења, објаснува дека клучна предност на крстарењето е што бродовите можат да стигнат до места каде што луксузните хотели едноставно не постојат.
„Луксузното крстарење ја носи софистицираноста на ресорт од светска класа и духот на автентичното гостопримство, но со дополнителната моќ да ги одведе патниците до најнеобичните и највпечатливи делови од светот“, вели тој.
Сепак, не се сите среќни што нивните улици се преплавени со туристи на скапи крузери. Минатата недела, демонстрантите демонстрираа во Палма де Мајорка против прекумерниот туризам, крузерите и високите цени на недвижностите | Андреј Рудаков/Блумберг
Колман додава дека иако традиционално најголем дел од клиентите на луксузните крстарења се бумерите, сепак расте и бројот на помлади клиенти. Патниците на возраст од 29 до 49 години стануваат сè поважен сегмент во луксузното крстарење, без разлика дали патуваат како парови, со пријатели или во рамки на повеќегенерациски семејства.
Дополнителен раст бележи и категоријата на соло патници, кои ги привлекува можноста за комбинација од приватност, удобност и социјално искуство што го нудат крстарењата.
Листа на чекање и за најбогатите
Повеќе специјализирани магазини и портали редовно објавуваат рангирања на најскапите крстарења во светот кои покажуваат до каде може да оди луксузот. Од повеќенеделни патувања околу светот до ултраексклузивни апартмани со ограничен пристап, цените достигнуваат нивоа што се споредливи со купување на недвижен имот или луксузен автомобил.
Американското списание Miami Living Magazine состави листа на најскапите крстарења во светот за 2026 година, која добро ја илустрира разновидноста на пазарот со аранжмани што лесно достигнуваат над 100.000 долари по лице. Разликата во цената ја одредуваат должината на патувањето, маршрутата, категоријата на сместување и нивото на вклучените услуги.
Едно од подостапните светски крстарења во оваа категорија, со почетни цени од околу 15.000 долари по лице, е MSC World Cruise. На листата се и Four Seasons Yachts, со концепт инспириран од приватни јахти и персонализирана услуга, каде цените достигнуваат околу 60 илјади долари, како и Ultimate Luxury World Cruise на Mundy Cruising, каде цената достигнува повеќе од 200.000 долари.
Луксузна сала за претстави и кино проекции, конференции и предавања | Regent Seven Seas Cruises
На самиот врв на листата се наоѓа крстарењето „Ворлд оф сплендор ворлд круз“ (World of Splendor World Cruise) на компанијата „Риџент севен сис крузес“ (Regent Seven Seas Cruises) кое допрва треба да се случи во јануари 2027 година, а е предвидено да трае 140 ноќи со посети на 40 земји, шест континенти и 71 пристаниште. Маршрутата минува низ Карибите, Пацификот, Австралија и Нов Зеланд, Азија, Африка и Европа, а патниците ќе поминат повеќе од 35.000 наутички милји, со стотици организирани екскурзии и пристап до некои од најпознатите светски дестинации. Цените почнуваат од 91.499 долари по лице, па се’ до рекордни 839.999 илјади долари по лице за најексклузивниот апартман.
Луксузните јахти во Дубаи стојат? Од Барселона и Мајорка до Француската ривиера, крстосувачките компании очекуваат многу успешна сезона бидејќи рутите се пренасочуваат од источниот Медитеран, каде што тензиите поврзани со војната во Иран ги зголемија безбедносните ризици во еден од најпрометните коридори за луксузни крстарења | Кристофер Пајк/Блумберг
„Ова ќе биде прво светско крстарење на бродот Seven Seas Splendor, дел од Explorer-Class серијата на Regent, кој е дизајниран според највисоки стандарди на луксуз и го има најексклузивниот апартман - Regent Suite, со површина од околу 413 квадратни метри“, изјави Андреа ДеМарко, претседател на Regent Seven Seas Cruises.
Една од собите на бродот „Севен Сис Престиж“ | Regent Seven Seas Cruises
Според официјалната презентација, истиот е сместен на четиринаесеттиот кат и нуди непречен поглед од 270 степени кон предниот дел на бродот, преку кружна тераса и стаклен солариум, што им овозможува на гостите поглед сличен на оној на капетанот додека бродот пристигнува во секое пристаниште.
Апартманот вклучува приватен спа простор со лична сауна, парна бања и џакузи. Гостите на Regent Suite добиваат и посебен батлер, целосно опремен приватен бар, личен
автомобил и возач во секое пристаниште, оригинални дела од Пикасо, специјално изработено пијано од познатиот американски дизајнер на мебел Дакота Џексон, како и луксузни козметички производи.
Апартманот располага и со рачно изработен кревет на шведската компанија Hästens Vividus, кој се смета за еден од најскапите и најудобните во светот и чија вредност надминува 200.000 долари.
Гастрономската понуда на Seven Seas Splendor вклучува девет ресторани, од кои пет се без дополнителна наплата, а бродот располага и со специјализирана кулинарска работилница (Culinary Arts Kitchen), каде гостите можат да учествуваат во практични часови по готвење под водство на врвни шефови.
Највисоките крузери во светот се бродовите од класата Квантум на Ројал Карибијан, кои достигнуваат висина од 72 метри од нивото на морето до врвот на јарболот. Тие имаат помеѓу 16 и 18 палуби, а нивната препознатлива атракција е Северницата, стаклена капсула за панорамско гледање што се издига до висина од околу 91 метар над површината на морето | Тим Ру/Блумберг
Уште едно ултраекслузивно крстарење е она на компанијата Silversea со седиште во Монако. Популарниот онлајн водич за крстарења „Крузли“ (Cruzely) пишува дека аранжманите се целосно распродадени, а компанијата веќе има и листа на чекање, иако цената на најлуксузните апартмани достигнува 302.000 долари по лице.
Станува збор за 149-дневното патување насловено „Три океани“ (The Three Oceans) што започнува во Лос Анџелес на 8 јануари, а завршува во Копенхаген на 7 јуни 2027 година, минувајќи низ Пацификот, Индискиот и Атлантскиот Океан.
Маршрутата вклучува дестинации како Хаваи, Бора Бора, Австралија, Сингапур, Сејшели, Јужна Африка, Шпанија, Португалија, Франција, Велика Британија и Норвешка. Во цената се вклучени авионски билети од бизнис-класа, ваучер за екскурзии на копно, ваучер за активности на бродот, неограничен интернет, перење алишта, медицински услуги, спа-третман, батлерска услуга за секој апартман, како и храна, пијалаци и бакшиш.
Чудата на морињата Ројал Каребина | Блумберг
Малку поинаква листа објави специјализирано британско списание World of Cruising кое повеќе се фокусира на најскапите луксузни бродови и апартмани, а не само на најскапите конкретни патувања.
И на овој список доминира компанијата Regent Seven Seas Cruises, дел од норвешко-американската групација Norwegian Cruise Line Holdings, каде бродовите како Seven Seas Splendor и Seven Seas Voyager се позиционирани како едни од најлуксузните.
„Сличен концепт нуди и компанијата Seabourn, каде експедициските бродови Seabourn Pursuit и Seabourn Venture комбинираат истражување на оддалечени региони со луксузна услуга“, пишува во објавата.
Во истата елитна категорија се издвојуваат и бродовите Viking Octantis и Viking Polaris кои повеќе се позиционирани на истражувачкиот елемент во луксузниот сегмент со маршрути кон поларни региони и далечни дестинации, а цените за најексклузивните сместувања, како Owner’s Suite, достигнуваат над 24.000 фунти по лице.