Милијардери од целиот свет се стационираа на Карибите и се подготвени за божиќни и новогодишни забави, па така бројот на јахти во регионот е повеќе од двојно зголемен во споредба со претходниот месец.
Сезоната на јахти на Карибите е во полн ек, со над 200 луксузни бродови кои се собраа околу островите, во споредба со 81 на крајот на ноември, според податоците за транспорт собрани од „Блумберг“.
Суперјахтата „Рајзинг сан“ (Rising Sun) на Дејвид Гефен е најголемата на Карибите со 454 стапки, а во моментот е закотвена во Сент Бартс, по неа следува „Инфинити“ (Infinity) со 384 стапки на Британските Девствени Острови и јахтатата „Ахпо“ (Ahpo) на канадско-јамајканскиот милијардер Мајкл Ли-Чин со 378 стапки, која неодамна пристигна во Сент Китс.
Во нормални години, поранешниот сопственик на премиерлигашот Челзи, Роман Абрамович, можеби ќе организираше новогодишна забава покрај бродот на Гефен во Сент Бартс, но четири мега-јахти поврзани со него или во негова сопственост останаа закотвени во Турција, откако јахти на руските олигарси беа запленети низ целиот свет по инвазијата на Путин во Украина.
И покрај бурната 2022 година, „Боут интернешнл“ (Boat International) претходно месецов објави дека оваа година биле продадени 600 супер-јахти за вкупно 3,6 милијарди евра (3,8 милијарди долари).
На другата страна на светот, бројот на јахти на Малдивите исто така се зголеми во пресрет на празниците, а „Лорен Л“ (Lauren L) со 290 стапки е најголемата од 17-те луксузни бродови закотвени таму. „Клаудбрејк“ (Cloudbreak) со 237 стапки на рускиот магнат за недвижности Александар Светаков ја предводи забавата во Пукет, откако помина два месеца во оддалечен дел на Индонезија и застана во Сингапур на неколку дена.