Инвестициската компанија на чешкиот милијардер Даниел Кретински купи замок југозападно од Париз за 43 милиони евра со план да го претвори во луксузен хотелски комплекс.
Кретински го купил Chateau du Marais и околното земјиште од француско аристократско семејство во текот на летото, а неговиот портпарол рече дека купувањето е заедничко вложување од 50-50 со Јиржи Шмејц, извршен директор на чешка инвестициска група во сопственост на милијардерското семејство Келнер.
Кретински го заработи своето богатство купувајќи електрани со неговата група EPH и во моментот е инвеститор во Royal Mail, West Ham и малопродажни групи, вклучувајќи ги Casino Guichard-Perrachon и Fnac Darty во Франција, а има удел и во Le Monde.
Chateau du Marais, кој се наоѓа на 36 километри од Париз, е дело на архитектот Жан Беноит Винсан Баре и е изграден во периодот од 1772 до 1779 година и е познат како еден од најдобрите примери на архитектура од времето на Луј XVI. Покрај неколкуте згради, имотот има и езеро долго 550 метри и парк во англиски стил.
„Планот е целосно да се реновира внатрешноста за да се создаде луксузен хотел“, вели градоначалникот на Ле Вал-Сен Жермен, каде што се наоѓа замокот. „Ова може да биде само добро за градот“, додава тој.
Посредувањето го водела компанијата за луксузни недвижности Grégoire de Commarque, а реновирањето ќе го води архитектонската фирма Perrot & Richard, велат упатените.