Додека одбројувањето до почетокот на Светското првенство во фудбал влегува во завршна фаза, а 48 репрезентации се подготвуваат за најголемиот турнир досега што ќе се одржи во САД, Канада и Мексико, во сенка на теренот се води уште еден еднакво интензивен натпревар. Тоа е бескрајното ривалство меѓу двата гиганта во спортската опрема – „Најк“ (Nike) и „Адидас“ (Adidas).
Со потенцијална публика од речиси пет милијарди гледачи, Светското првенство не е само спортски настан туку и најважниот маркетиншки полигон во светот, место каде што брендовите се борат за глобално внимание, влијание и лојалност на потрошувачите.
Големата тројка „Адидас“, „Најк“ и „Пума“ (Puma) и овој пат доминираат, обезбедувајќи опрема за 37 репрезентации што настапуваат на Светското првенство, што претставува 75 отсто од пазарот.
Прочитај повеќе
Тензии пред Светското првенство: Штрајк на вработените во стадион-домаќин на натпреварите
Вработените на стадионот „СоФи“ во близина на Лос Анџелес гласаа во петокот да штрајкуваат за повисоки плати.
07.06.2026
Мундијал на милијарди: Кој ги има најскапите ѕвезди и која е највредната репрезентација
Вредноста на три европски репрезентации надминува милијарда евра.
08.06.2026
Најдобрата атмосфера на Светското првенство не е на стадионите
Највозбудливата атмосфера на Светското првенство нема да ја најдете во земјата домаќин на турнирот, туку меѓу навивачите чии репрезентации играат на теренот.
04.06.2026
Светско првенство 2026: Сè што треба да знаете пред почетокот на турнирот
Кои се фаворити за титулата? Колкава е вредноста на нивните репрезентации?
02.06.2026
ФИФА под истрага по поплаки за билети за Светското првенство
Американските обвинители ја истражуваат ФИФА по обвинувања за високи цени и спорна распределба на местата за Мундијалот.
27.05.2026
Прогноза: Мбапе ќе ја води Франција до златото на Светското првенство
Аналитичарите на „Банката на Америка“ предвидуваат дека Франција ќе го освои годинашното Светско првенство во фудбал и ќе ја освои својата трета титула со победа над Шпанија во финалето.
07.05.2026
Во битката за видливост на најголемата светска фудбалска сцена, „Адидас“ ја држи водечката позиција со 14 репрезентации. „Најк“ е присутен кај 12 селекции, додека „Пума“ го заокружува водечкото трио со 11 национални тима.
Дрес на шпанската репрезентација/Adidas
Вредноста не е само во бројот на репрезентации. „Адидас“ ги има Аргентина, Германија, Шпанија, Мексико, Јапонија и Белгија, што му обезбедува одлична комбинација од шампионски статус, европска традиција и големи навивачки бази.
„Најк“ ги има Бразил, Франција, Англија, САД, Канада, Хрватска и Холандија, па неговото портфолио има огромна комерцијална тежина, особено поради пазарот на Северна Америка, каде што се одржува првенството.
„Пума“ е трета, но со Португалија, Швајцарија, Австрија, Мароко, Сенегал, Египет, Гана и Брегот на Слоновата Коска располага со многу силно европско-африканско портфолио.
Дрес на швајцарската репрезентација/Puma
Покрај огромниот пазарен удел што го држат „Адидас“, „Најк“ и „Пума“, на Светското првенство во 2026 година ќе се појават уште 10 помали производители на спортска опрема. Меѓу нив, „Келме“ (Kelme) е единствениот бренд што обезбедува дресови за две репрезентации – Босна и Херцеговина и Јордан.
„Келме“ и Фудбалскиот сојуз на Босна и Херцеговина во 2023 година потпишаа договор за техничка соработка, со што беше прекината десетгодишната соработка со „Адидас“. „Адидас“ стана спонзор на репрезентацијата пред Светското првенство во Бразил во 2014 година, а претходно националниот тим настапуваше во дресови на „Легеа“ (Legea), кои кај многу навивачи останаа во убаво сеќавање.
Соработката со „Адидас“ и не беше особено успешна, а дресовите што ги носеа босанско-херцеговските репрезентативци најчесто се темелеа на најосновните дизајни на компанијата. Притоа, немаше модели изработени специјално за оваа репрезентација.
Дрес на репрезентацијата на БиХ/Kelme
Брендовите „7Сабер“ (7Saber), „Маџид“ (Majid), „Маратон“ (Marathon), „Капа“ (Kappa), „Темпо“ (Tempo), „Рибок“ (Reebok), „Сета“ (Saeta), „Џеко“ (Jako) и „Умбро“ (Umbro) обезбедуваат опрема за по една репрезентација.
Кога станува збор за копачките, и „Најк“ и „Адидас“ избраа впечатлива розово-црвена палета на бои за нивните играчи полесно да се истакнуваат на терените ова лето. За да го дополнат впечатливиот дизајн, двата бренда вклучија контрастни бели и црни елементи.
Овој исклучително светол изглед обезбедува нозете на фудбалерите да бидат лесно забележливи на зелените терени во Северна Америка.
Ова не е првпат големите производители на спортска опрема да се одлучат за многу слични комбинации на бои кај своите копачки.
Се очекува годинашниот проширен турнир да привлече милијарди гледачи и да генерира невидена ангажираност на телевизија и на социјалните мрежи, во малопродажбата и на настаните во живо, создавајќи можност со високи влогови за брендовите што се натпреваруваат за вниманието на потрошувачите.
„Адидас“ (Adidas) наводно вложил околу 67 милиони долари во својот главен промотивен филм за Светското првенство, „Бекјард леџендс“ (Backyard Legends). Според податоците на компанијата, кампањата во првите две недели генерирала 5,4 милиони прегледи на Тикток, 2,4 милиони лајкови на Инстаграм и 4,7 милиони прегледи на Јутјуб.
Како што се приближува Светското првенство во фудбал, ривалството меѓу „Адидас“ и „Најк“ само ќе се засилува. „Најк“ ја има предноста на домашен терен, но мора максимално да ја искористи за да ги убеди инвеститорите дека може да се врати на старите патеки на успех, пренесува „Блумберг“.
Компанијата е спонзор на репрезентациите на двајца од трите домаќини, САД и Канада, а во своите редови има и ѕвезди како Французинот Килијан Мбапе и Португалецот Кристијано Роналдо. Досегашните маркетиншки активности исто така беа агресивни, вклучувајќи го и натпреварувањето во уличен фудбал „Тома ел хуего – преземи ја играта“ (Toma El Juego – Take the Game), предводено од младите.
Но извршниот директор на „Адидас“, Бјорн Гулден, нема намера да му дозволи на „Најк“ да доминира на теренот. „Адидас“ е спонзор на еден од фаворитите на турнирот, Шпанија, на актуелниот светски шампион Аргентина и на третиот домаќин Мексико.
Гулден веќе подолго време зборува за пренесување на модната препознатливост на „Адидас“ на терените и атлетските патеки. Покрај дресови, компанијата продава и улична облека инспирирана од фудбалот, како популарните патики „самба“ (Samba) во боите на националните репрезентации. Токму оваа понуда веројатно придонесе за силниот раст на продажбата во фудбалската категорија во првиот квартал.
„Адидас“ повторно ги здружи силите и со „Кока-Кола“ (Coca-Cola) за претставување нова, впечатлива колекција за Светското првенство. Откако првпат соработуваа за турнирот во 2002 година, двата бренда се враќаат 24 години подоцна и повторно се обединуваат околу еден од најголемите моменти во спортскиот свет.
Втемелена врз препознатливи архивски дизајни и реинтерпретирана низ современа призма, колекцијата ги спојува уличниот стил од почетокот на 2000-тите и класичниот спортски изглед преку облека, обувки и модни додатоци.
Во понудата на обувки се издвојуваат верзии на четири препознатливи модели на „Адидас“ од 2000-тите инспирирани од „Кока-Кола“: „адистар контрол 5“ (Adistar Control 5), „предатор сала“ (Predator Sala), „климакул 1“ (Climacool 1) и „мегарајд Ф50“ (Megaride F50). Секој модел е редизајниран да потсетува на различна лименка на „Кока-Кола“, со детали што имитираат капки, додека „мегарајд Ф50“ му оддава почит на легендарното стаклено шише.
Колекцијата на облека и модни додатоци вклучува спортски горни делови, дресови, шорцеви и маици со кратки ракави, како и впечатлива црвена патна торба. Поделена е на два дела – едниот користи графики со нагласени логоа, а другиот е инспириран од винтиџ естетиката.
Највпечатливиот дрес го отсликува токму тој пристап, комбинирајќи ретрореклами на „Кока-Кола“ од различни периоди за да создаде нешто целосно ново.
Спојувајќи го наследството на двата бренда, колекцијата е претставена преку кампањата „Оригиналите се вистинската работа“. Снимени во жежок летен ден, серијата видеа следат група оригинални ликови, меѓу кои и Ламин Јамал, додека чекаат автобус за Светското првенство. Видеата ги истакнуваат уникатните и неповторливи личности што го прават светот вистински.
Ѕвезди низ објективот на полароид
Од друга страна, „Најк“ пред Светското првенство во 2026 година се откажа од традиционалниот модел на една спектакуларна рекламна кампања и започна 12-неделна иницијатива под наслов „12 недели фудбал“, фокусирана на социјалните мрежи, интернет-културата и заедницата на навивачи.
Кампањата е претставена преку серија фотографии снимени со полароид, која ги обединуваат најголемите фудбалски ѕвезди, музичари, спортисти и познати личности, од Кристијано Роналдо и Килијан Мбапе до Тревис Скот и Ким Кардашијан.
Овој пристап е дел од новата стратегија на „Најк“ наречена „Спорт офенс“ (Sport Offense), преку која компанијата сака да покаже дека фудбалот е многу повеќе од она што се случува на теренот. Во текот на летото е планирана континуирана серија на содржини и соработки, вклучувајќи проекти со младински заедници и ексклузивни модни колекции создадени во партнерство со луксузни и улични брендови.
Преку поврзување на спортот, модата, музиката и дигиталната култура, „Најк“ настојува Светското првенство во 2026 година да го позиционира како глобален лајфстајл настан, а не само како најголемиот фудбалски турнир во светот.