Најскапите влезници за финалето на Светското првенство во 1994 година во САД чинеа 475 долари. Оваа година, влезниците за финалето на стадионот „Мет лајф“ во Њу Џерси се продаваат за повеќе од 10.000 долари.
Тогаш првенството беше значително поевтино од една причина: пред повеќе од 30 години, успехот на турнирот беше неизвесен. САД, навикнати на статус на суперсила речиси во сè, во машкиот фудбал беа, во најдобар случај, споредна репрезентација. Немаа ниту вистинска домашна лига. Старата Северноамериканска фудбалска лига (North American Soccer League) згасна по сезоната 1984, а МЛС (Major League Soccer), највисок ранг на натпреварување во фудбалот во САД, започна со игра дури две години по Светското првенство.
„Не бевме сигурни колку ќе биде успешно тоа, но знаевме дека Американците сакаат големи настани“, изјави Алан Ротенберг, претседател и главен извршен директор на турнирот во 1994 година, кој во тоа време беше и претседател на Фудбалскиот сојуз на САД (US Soccer) и ги надгледуваше фудбалските натпревари на Олимписките игри во Лос Анџелес во 1984 година.
Прочитај повеќе
Дресовите како маркетиншко оружје: „Најк“ и „Адидас“ ја водат глобалната битка на Мундијалот
Светското првенство во фудбал е најважниот маркетиншки полигон во светот.
09.06.2026
Мундијал на милијарди: Кој ги има најскапите ѕвезди и која е највредната репрезентација
Вредноста на три европски репрезентации надминува милијарда евра.
08.06.2026
Најдобрата атмосфера на Светското првенство не е на стадионите
Највозбудливата атмосфера на Светското првенство нема да ја најдете во земјата домаќин на турнирот, туку меѓу навивачите чии репрезентации играат на теренот.
04.06.2026
Светско првенство 2026: Сè што треба да знаете пред почетокот на турнирот
Кои се фаворити за титулата? Колкава е вредноста на нивните репрезентации?
02.06.2026
Хаотично и политизирано Светско првенство се приближува кон почетокот
Прикриените закани на Трамп против иранските играчи и непријателствата со Канада и Мексико се наѕираат во голема мера пред претстојниот настан.
13.05.2026
Ротенберг, по професија адвокат, кој исто така ги застапувал тимовите ЛА Лејкерс, ЛА Клиперс и Портланд трејлблејзерс, како и спортистите Брус (сега Кејтлин) Џенер и Грег Луганис, ги искористил своите врски во холивудската и забавната индустрија во Лос Анџелес. Во организацијата биле вклучени ѕвезди како Витни Хјустон, тројцата тенори Пласидо Доминго, Хосе Карерас и Лучано Павароти, Робин Вилијамс и други, за да привлечат публика на стадионите.
„Го доведовме секое познато лице што можете да го замислите“, рече Ротенберг.
Сепак, самото отворање на турнирот дополнително ги засили сомнежите дека САД всушност не се фудбалска нација, кога пејачката Дајана Рос, танцувајќи по теренот, се обиде да изведе пенал, но топката замина лево од голот, кој беше специјално наместен да се „отвори“ за да симулира спектакуларен погодок. Оваа година ФИФА и организаторите одлучија да го следат примерот на Супербоул, главниот спортски настан во САД. За првпат, финалето ќе има големо продукциски осмислено шоу на полувремето, со Мадона, Шакира и јужнокорејскиот К-поп бенд БТС.
Bloomberg
И покрај почетните сомнежи, турнирот во 1994 година почна да добива на замав. Меѓу спонзорите беа брендови како „Жилет“, „Мекдоналдс“ и „Адидас“, но и некои што во меѓувреме престанаа да постојат, како „Понтијак“.
Бидејќи фудбалот се игра без чести прекини, за разлика од американскиот фудбал, американските телевизиски куќи мораа да осмислат креативни начини за вметнување реклами за време на натпреварите. „Еј-би-си“ (ABC) и „И-ес-пи-ен“ (ESPN) го искористија новиот графички приказ на екранот со резултатот и времето како простор за огласување, каде што се ротираа брендови како „Сникерс“ и „Кока-Кола“.
Американските навивачи, кои претходно не беа толку заинтересирани за фудбалот поради малиот број голови, со текот на времето почнаа да го ценат текот на играта. „И одличен потег и лош потег можат да променат сè во еден момент“, рече Ротенберг. „На навивачите срцето им беше во грло од првиот судиски свиреж до крајот на натпреварот.“
Фудбалот во 1994 година во САД беше толку нова појава што таа земја беше сметана за „последната непокорена територија“. Рекламните кампањи за турнирот прикажуваа каубој што со ласо фаќа фудбалска топка. Друга реклама, со натпис „фудбалската сезона 1994 почнува на 17 јуни“, беше илустрирана со фотографија од маж што држи топка во поза на играчот од трофејот Хајсман, кој се доделува во американската колеџ-лига. (Трофејот Хајсман прикажува играч во трк што со едната рака оттурнува одбранбен играч, додека во другата држи топка за американски фудбал, заб. прев.)
„Ми беше доделен буџет за кампања за издигање на свеста, како да лансирам нов производ“, рече спортскиот консултант Џон Кристик, кој ја надгледувал промоцијата на турнирот. „Денес ситуацијата е целосно поинаква. Ние сме фудбалска нација.“
Американската репрезентација во 1994 година оствари неочекувано добар резултат и стигна до осминафиналето, победувајќи ја фудбалската велесила Колумбија со 2:1. Колумбискиот играч Андрес Ескобар, кој постигна автогол, беше убиен неколку дена подоцна по враќањето дома.
Потоа САД играа против Бразил на 4 јули, Денот на независноста. Публиката што доаѓаше на стадионот во Пало Алто, Калифорнија, беше еднакво возбудена како каде било во светот, се присети Ротенберг.
САД дадоа отпор во првото полувреме, но загубија со 1:0. Бразил подоцна ја победи Италија со 3:2 по изведување пенали во финалето на стадионот „Роуз боул“ во Пасадена, Калифорнија. Турнирот оствари профит од 40 милиони долари, што е околу 88 милиони во денешна вредност. Натпреварите во просек ги посетуваа 68.991 гледач, а стадионите беа исполнети околу 96 проценти, што го направи едно од најуспешните светски првенства.
Денес, слично како во 1994 година, постојат многу сомнежи околу тоа дали Светското првенство ќе биде успешно. Многу посетители од странство, загрижени дека нема да наидат на срдечен прием, како и поради високите трошоци во САД, се откажуваат од доаѓање. Додека во 1994 година организаторите стравуваа дека трибините ќе бидат празни поради слаб интерес кај Американците, оваа година навивачите се жалат дека на натпреварите можат да одат само најбогатите поради високите цени на билетите.
Bloomberg
Лос Анџелес ќе биде домаќин на осум натпревари од Светското првенство, вклучувајќи го и првиот натпревар на репрезентацијата на САД против Парагвај, кој ќе се одржи в петок. „За жал, ова е натпреварување наменето за светската елита“, изјави градоначалничката на Лос Анџелес, Карен Бас.
Цените се толку високи за да се спречи препродавачите да профитираат на пазарот, изјави претседателот на ФИФА, Џани Инфантино. Продажбата на 6,7 милиони билети за 104 натпревари во 16 града во САД, Канада и Мексико се одвива електронски. Организаторите во 1994 година испечатија повеќе од 3,5 милиони хартиени билети за 52 натпреварa во девет американски града, кои беа доставувани по пошта или на друг физички начин од центарот во Лос Анџелес.
„Презедовме банкарски сеф“, вели Марла Месинг, која тогаш управувала со дистрибуцијата на билетите.
Месинг подоцна го водеше Светското првенство за жени во САД во 1999 година, на кое САД победија по пенали во финалето на „Роуз боул“, а победата остана запаметена по фотографијата од Бренди Честејн, која прослави соблекувајќи го дресот.
„Секогаш има многу нервоза пред вакви големи настани, но кога играчите ќе излезат на теренот, сè што било пред тоа исчезнува и тоа станува еден од најголемите спортски настани на сите времиња“, рече Месинг.
Светското првенство во 1994 година стана темел за основањето на МЛС, која денес има 30 тима во САД и Канада, со специјално изградени стадиони и телевизиски договор со „Епл ТВ“ вреден 250 милиони долари годишно. Сепак, САД не ги исполнија сите очекувања.
„САД се водечка светска сила“, изјави претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, за време на посетата на Беверли Хилс во мај. „Не разбирам како можете да бидете задоволни со тоа да бидете 20-ти во спортот што е број еден во светот.“
САД загубија од Белгија и Португалија во пријателските натпревари во март во Атланта, но победите против Сенегал и тесниот пораз од Германија помогнаа да се појави фудбалска треска. Шансите САД да ја минат групната фаза во моментов, според платформата „Калши“, се околу 83 проценти.
Bloomberg
Другите професионални спортски лиги растат побрзо. Вредноста на клубовите во Женската национална кошаркарска лига (WNBA) и Женската национална фудбалска лига (NWSL) расте побрзо од вредноста на тимовите во МЛС, покажуваат податоците на платформата „Спортико“, која се занимава со деловната страна на спортот. Дополнително, како уште еден загрижувачки знак, во САД се намалило учеството на младите во фудбалот во изминатата деценија, додека учеството во индивидуалните спортови, како голфот и тенисот, пораснало, се наведува во истражување на институтот „Аспен“. Ветераните од 1994 година очекувале работите да се развиваат во поинаква насока по толку време.
„Да ме прашавте во 1994 година, додека имав толку многу коса, како ќе изгледа летото 2026 година - цели 32 години подоцна - ќе бидам искрен, ќе мислев дека ќе напредуваме многу повеќе“, изјави Алекси Лалас, дефанзивец на американската репрезентација од 1994 година. „Ќе мислев дека ќе се разговара за тоа дали ќе го освоиме Светското првенство. А денес тоа сигурно не е тема.“