text size
Неколку дена откако „Гугл“ во 2023 година го претстави својот прв четбот „Џемини“ (Gemini), во обид да му конкурира на ЧетГПТ, еден од директорите на гигантот, Џеф Дин отиде на конференција за вештачка интелигенција, каде што учесниците веднаш го опкружија. Во еден момент, тој погледна во часовникот и сфати дека за неколку минути треба да одржи говор, што предизвика брзање за фотографирање селфи со влијателниот технолошки лидер пред да замине.
Сега самите вработени во „Гугл“ се подготвуваат за заминувањето на овој пионер на вештачката интелигенција. Дин, кој почна да работи во компанијата пред повеќе од две децении, во средата објави дека го напушта „Гугл“ заедно со колегите Санџеј Гемават, Квок Ле и Ориол Вињалс за да основа стартап наречен „Дискавери луп“ (Discovery Loop). Оваа објава беше дел од поширока промена во раководството, во чии рамки шефот на „Гугл дипмајнд“ (Google DeepMind), Демис Хасабис, премина на функцијата претседател на одборот на таа лабораторија за ВИ.
Заминувањето на Дин е една од најзначајните загуби за секторот за ВИ на „Гугл“ во последните години и доаѓа во момент кога сè почесто се поставува прашањето дали компанијата може да држи чекор со „Опен еј-ај“ (OpenAI) и „Антропик“ (Anthropic PBC). Сегашни и поранешни вработени рекоа дека моралот во „Гугл“ опаднал по реорганизацијата на раководството на секторот за ВИ и предвидуваат дека поради заминувањето на Дин ќе биде потешко да се привлечат врвни експерти за вештачка интелигенција.
Дин, кој му се приклучи на „Гугл“ во 1999 година како 30-ти вработен, имаше клучна улога во речиси сите главни производи на компанијата, од пребарувачот и рекламирањето до чиповите, што кулминираше со неговата работа на насочување на развојот на вештачката интелигенција како главен научник на компанијата.
„Тој на многу начини го создаде современото длабоко учење“, рече Догуш Чубук, кој со години работел со Дин во „Гугл“ и кој го има како инвеститор во својот стартап „Периодик лабс“ (Periodic Labs).
Како еден од основачите на иницијативата „Гугл брејн“ (Google Brain) во 2011 година, Дин 15 години беше заштитно лице на напорите на „Гугл“ во областа на вештачката интелигенција. Во 2016 година, тој и дваесетина коавтори, меѓу кои беше и Гемават, го развија „Тензорфлоу“ (TensorFlow), софтвер со отворен код што им овозможува на луѓето поедноставно да создаваат системи за вештачка интелигенција. Тој и Гемават, исто така, го развија „Мапридјус“ (MapReduce), за драматично да ја подобрат способноста за обработка на огромни количества податоци.
Некои вработени во „Гугл“ се загрижени поради влијанието што заминувањето на Дин ќе го има врз привлекувањето талентирани експерти/Дејвид Пол Морис/Bloomberg
Неговиот мандат не помина без контроверзии. Две основачки на тимот на „Гугл“ за етичка вештачка интелигенција беа отпуштени пред неколку години откако Дин изрази загриженост во врска со нивната работа за ризиците од големите јазични модели. Иако Дин првично ги поддржуваше тие научнички, неговиот однос со групата се влоши, меѓу другото и затоа што истражувачите сметаа дека бил премногу бавен во справувањето со обвинувањата за вознемирување. „Гугл“ во тоа време го бранеше начинот на кој се справувал со тој проблем.
Дин повремено јавно ги изнесуваше своите ставови за контроверзни прашања. Претходно оваа година, во објава на платформата Икс, го осуди убиството на демонстрант од страна на припадници на американската Служба за имиграција и царина (ИЦЕ). Подоцна им се придружи на други вработени во „Гугл“ и „Опен еј-ај“ во поднесок за поддршка на „Антропик“ во нејзиниот правен спор со Пентагон.
Во последните години Дин имаше помала оперативна и производна улога, откако „Гугл“ ги спои „Брејн“ (Brain) и „Дипмајнд“ (DeepMind) под раководство на Хасабис. Сепак, тој продолжи да има значително влијание, меѓу другото и како своевиден мост меѓу тимовите на „Гугл“ што работат на софтвер и чипови за ВИ, со фокус на нивно потесно поврзување и усогласување на развојот.
За сето тоа време Дин остана неизбежна фигура во „Гугл“, која не само што ја обликуваше неговата најважна технолошка работа, туку ја претставуваше и самата култура на компанијата.
Едно лице ја опиша атмосферата на прошталната забава за Дин оваа недела како ведра, наведувајќи дека многу вработени биле среќни за него.
Дин, исто така, го прошири своето влијание далеку надвор од ѕидовите на „Гугл“, инвестирајќи во повеќе од 100 стартапи од најмалку 2014 година, покажуваат податоците што ги собра „Пичбук“ (PitchBook). Многу од тие инвестиции биле реализирани во последните три години, додека ВИ-бумот земаше замав.
Со својот нов стартап Дин сака да ја користи вештачката интелигенција за автоматизирање сложени задачи во науката и инженерството. „Дискавери луп“ планира на почетокот самиот да си биде прв клиент, пред да премине на поширок пристап што би опфатил области како дизајн на хардвер и материјали, откривање лекови и чиста енергија. Стартапот одби да го стави Дин на располагање за коментар.
„Демис и Џеф ѝ даваат предност на својата страст за примена на вештачката интелигенција во научните откритија и поврзаните иновации - особено во областа на природните науки“, рече Мет Мекилвејн, извршен директор на „Мадрона“ (Madrona Ventures).
„Алфабет“ е меѓу инвеститорите во новиот стартап на Дин. „Дискавери луп“, исто така, планира да ги користи компјутерските ресурси на „Гугл“, што значи дека технолошкиот гигант би можел уште некое време да има корист од работата на Дин.
„Ја знаете онаа позната изрека: 'Не губите син, туку добивате снаа'?“, рече Орен Ециони, пензиониран професор на Универзитетот во Вашингтон и основачки директор на Институтот за вештачка интелигенција „Ален“ (Allen Institute for AI). „Овде го губите Џеф Дин, но истовремено го добивате Џеф Дин на друго место во семејството на 'Алфабет'.“
- Со помош на Џулија Лав