text size
Приходите од пребарувачот и рекламирањето на „Алфабет“ (Alphabet Inc.) ги разочараа инвеститорите, засилувајќи ги стравувањата дека „Гугл“ ја губи позицијата во однос на конкурентите во областа на вештачката интелигенција, и покрај тоа што вложува стотици милијарди долари во оваа технологија.
Матичната компанија на „Гугл“ пријави продажба, исклучувајќи ги исплатите кон партнерите, од 111,2 милијарди долари за третиот квартал, што беше под проекциите на аналитичарите. Нејзините приходи од рекламирањето преку пребарувачот и поврзаните бизниси - кои сочинуваат приближно половина од вкупната продажба и се клучни за финансирање на нејзините огромни инвестиции во вештачката интелигенција - исто така беа под прогнозите, растејќи со најбавно темпо во последните пет квартали.
Акциите на „Алфабет“ паднаа за 10 отсто во доцното тргување во средата. Резултатите на компанијата беа особено остро спротивставени на оние на конкурентот „Мајкрософт“ (Microsoft Corp.), кој пријави раст на својот бизнис со услуги во облак што ги надмина очекувањата на Волстрит, истовремено држејќи ги трошоците под контрола, што предизвика раст на цената на неговите акции.
Прочитај повеќе
„Алфабет“ разочара со резултатите, акциите паднаа
Огромните инвестиции во вештачка интелигенција сè уште не го носат очекуваниот поврат, додека приходите од пребарувањето потфрлија.
пред 13 часа
Вработените во Гугл се сомневаат во способностите на новиот Џемини 4
Успехот на Џемини 4 е клучен за Гугл, чии производи се потпираат на моделот. Внатрешните оценки, сепак, укажуваат на нееднакви способности во програмирањето.
01.10.2026
ВИ-тимот на „Гугл“ предупредува: Не верувајте им на нашите филтри за вработување
„Гугл“ ги продава своите алатки за вештачка интелигенција на корпоративни клиенти за побрзо да пребаруваат низ огромен број пријави за работа. Меѓутоа, некои од тимовите на „Гугл“ не сакаат да се потпираат на тие алатки.
15.08.2026
Притисокот врз извршниот директор на „Алфабет“, Сундар Пичаи, се зголемува за да ја оправда сумата од повеќе од 1 билион долари со која „Гугл“ се соочува во идни плаќања за ресурси како што се податочни центри, компјутерска моќ и енергија за да ги поддржи своите амбиции во областа на вештачката интелигенција. „Овој квартал изгледа како момент на вистината за ’Алфабет’: или Пичаи и неговиот тим ќе го поправат начинот на кој компанијата ја монетизира вештачката интелигенција, или на гигантот му се заканува ризикот во блиска иднина да го изгуби лидерството во неколку од своите основни бизниси“, рече Томас Монтеиро, виш аналитичар во „Инвестинг“ (Investing.com).
„Сè додека ’Гугл’ не покаже дека може да наплаќа за вештачката интелигенција на ист начин како што некогаш наплаќаше за рекламите во пребарувачот“, рече тој, секоја прогноза за капиталните расходи што ќе ја објави ќе „изгледа помалку како амбиција, а повеќе како сметка“, рече тој.
Bloomberg
Трката на „Гугл“ за изградба на инфраструктура за вештачка интелигенција, и за сопствените потреби и за клиентите, ги зголеми капиталните расходи на компанијата до рекордни нивоа. Компанијата работи на целосно преуредување на популарните производи како што се пребарувачот, Јутјуб и Џимејл со помош на вештачка интелигенција. Но тие напори сè уште не донеле приходи од видот што инвеститорите сакаат да го видат за да ги оправдаат сите тие трошоци.
Вкупните приходи на „Гугл“ од услугите изнесуваа 96,3 милијарди долари во третиот квартал, под проценетите 98,4 милијарди долари. Приходите од рекламирањето на Јутјуб, во износ од 11,2 милијарди долари, исто така беа под проекциите.
Дополнително зголемување на загриженоста на инвеститорите: главниот директор за бизнис на „Алфабет“, Филип Шиндлер, во разговорот со инвеститорите за финансиските резултати во доцните часови во средата рече дека растечката популарност на AI Mode, нов таб во Гугл срч, имала негативно влијание врз резултатите на компанијата. Овие пребарувања имаат „пониска монетизација“, рече Шиндлер, иако истакна дека компанијата е оптимистична и има планови да внесе повеќе реклами во тој дел од пребарувачот.
Во меѓувреме, инвестициите на „Гугл“ во вештачката интелигенција стануваат уште поскапи. До крајот на третиот квартал идните обврски на „Гугл“ за купување ресурси како што се компјутерска моќ и енергија изнесуваа вкупно 924 милијарди долари. Претстојните обврски, како што се закупите на податочни центри што сè уште не започнале, достигнаа 152 милијарди долари, со што вкупните идни обврски на компанијата надминаа 1 билион долари.
Втор квартал по ред компанијата забележа негативен слободен паричен тек, нешто што дотогаш никогаш не ѝ се случило откако стана јавна компанија.
„Пребарувањето сè уште го генерира најголемиот дел од готовината на ’Алфабет’, а два последователни квартала со негативен слободен паричен тек покажуваат дека математиката на чистата вештачка интелигенција во моментов не функционира“, рече Андрес Билунд, соработник и технолошки аналитичар во МФ (Motley Fool).
„Алфабет“ во јули соопшти дека капиталните расходи оваа година ќе достигнат до 205 милијарди долари, што е повеќе од двојно од сумата што ја потрошила минатата година. Вештачката интелигенција бара огромни количини компјутерска моќ, а „Гугл“ се натпреварува во изградбата на податочни центри за да може да ја задоволи побарувачката за вештачка интелигенција од страна на потрошувачите, бизнисите и сопствените вработени.
Инвестициите на „Алфабет“ во сопственички удели исто така влијаеја врз крајниот финансиски резултат на компанијата. Тие удели забележаа загуба од 8,7 милијарди долари, главно поради уделот на „Алфабет“ во „Спејс екс“. Тоа претставува остар пресврт во однос на добивките што ги забележа една година претходно и неочекуваниот голем приход во вториот квартал, кој главно беше поттикнат од „Спејс екс“ и инвестиција во приватна компанија што „Блумберг“ подоцна ја идентификуваше како „Антропик“ (Anthropic PBC).
Нето-добивката по акција во третиот квартал изнесуваше 2,12 долари, што беше значително под процената на Волстрит од 2,99 долари.
Една светла точка во извештајот беше Гугл клауд (Google Cloud), кој се смета за клучен показател за побарувачката за производите и услугите за хостирање на компанијата поврзани со вештачката интелигенција. Одделот пријави продажба од 30,7 милијарди долари и добивка од 11,1 милијарди долари, надминувајќи ги процените на аналитичарите од 29,1 милијарди долари приходи и 9,8 милијарди долари добивка. Меѓу најголемите клиенти на овој оддел се стартапи како „Антропик“, кои се натпреваруваат со „Гугл“ во трката за вештачка интелигенција.
„Облачните услуги доживуваат бум, но многу од нивните најдобри клиенти градат асистенти што веќе го надминуваат ’Гугл’ кај потрошувачите“, напиша Монтеиро. „Во моментов ’Алфабет’ заработува повеќе со продавање вештачка интелигенција на своите конкуренти отколку со нејзино користење, а тој јаз треба да продолжи да се зголемува во текот на следните неколку квартали, освен ако нејзините модели не се променат драстично и брзо.“
Во текот на изминатите неколку години „Гугл“ работеше на повторно осмислување на својот пребарувач за ерата на вештачката интелигенција, обидувајќи се да ги задржи потрошувачите да се потпираат на неговите одговори, и покрај тоа што четботовите од „Опен еј-ај“ и „Антропик“ стануваат сè попопуларни. Компанијата сега дава одговори генерирани со вештачка интелигенција при многу пребарувања, промена што има големи последици за бизнисите што традиционално се потпирале на интернет-сообраќајот и приходите од рекламирање што ги обезбедува овој гигант во пребарувањето.
„Гугл“ вложи особено големи напори за да изгради предност преку генерирање поперсонализирани одговори на прашањата, користејќи ги долгогодишните податоци за своите корисници. Сепак, во последните месеци, компанијата заостана зад „Антропик“ и „Опен еј-ај“ во развојот на алатки за програмирање со вештачка интелигенција. „Гугл“ неодамна го објави Џемини 4, за кој тврди дека е одличен во области како што се програмирањето и сајбер-безбедноста, иако некои вработени стравуваат дека компанијата сè уште не успеала целосно да фати чекор со конкурентите.
Неколку часа пред конференцијата за финансиските резултати, „Гугл“ објави уште еден нов модел на вештачка интелигенција, познат како Карбон (Carbon), што претставува можен одговор на критичарите што повикуваа компанијата да го забрза темпото на развој на вештачката интелигенција.
„Наскоро ни доаѓаат уште модели“, им рече Пичаи на аналитичарите за време на конференцијата, „вклучувајќи и поефикасни верзии што ќе им помогнат на програмерите да ги оптимизираат брзината и трошоците и да ги применат кај нашите милијарди корисници.“