text size
Компанијата „Антропик“ (Anthropic PBC) претстави пакет алатки што ги интегрираат можностите на вештачката интелигенција на компанијата во секојдневната канцелариска работа, со што влегува во подиректна конкуренција со двајца свои инвеститори: „Мајкрософт“ (Microsoft Corp.) и „Гугл“ (Google), кој работи во рамките на „Алфабет“ (Alphabet Inc).
Новите функции, кои се претставени на настан на компанијата, вклучуваат асистент за видео повици, алатка за визуелизација и анализа на податоци, како и услуга за табеларни пресметки наречена Клод шитс (Claude Sheets), која многу потсетува на Ексел (Microsoft Excel) и Гугл шитс (Google Sheets), но со вградена вештачка интелигенција на „Антропик“. Многу од новите алатки се достапни во бета-верзија за корисниците кои плаќаат.
„Антропик“ работи на поттикнување поширока употреба на своите услуги меѓу разновидна група деловни корисници, додека се приближува историската иницијална јавна понуда (ИПО) на акции, подоцна месецов. Компанијата која стои зад Клод претходно забележа силна побарувачка меѓу софтверските инженери, кои ги користат нејзините алатки за поедноставување на процесот на пишување код и отстранување грешки.
Прочитај повеќе
Може ли и „Антропик“ од малите акционери да направи милионери, како што направија „седумте величествени“?
Анализираме дали „Антропик“ може да ја повтори успешната приказна на „Амазон“, „Енвидија“ и другите од „величествената седумка“.
пред 4 часа
„Антропик“ со спектакуларно ИПО цели кон вредност од 1,4 билиони долари
Создавачот на четботот „Клод“ поднесе документација за иницијална јавна понуда на акции, со која планира да прибере десетици милијарди долари и да стане првата водечка лабораторија за вештачка интелигенција на берза.
пред 19 часа
Засега, Клод шитс нуди „прилично основно“ корисничко искуство, изјави Николас Лин, еден од главните директори за производи во „Антропик“. Според него, алатката не е наменета за понапредни задачи, како што е финансиското моделирање, посочувајќи дека додатоците на „Антропик“ за постојните програми за табеларни пресметки би биле поефикасни во такви случаи.
„Мислам дека има време и место за производите на 'Мајкрософт' и 'Гугл', особено кога станува збор за понапредни случаи на употреба во големите компании“, изјави Лин. „Но, исто така се надеваме дека ќе покажеме нови начини на работа во рамките на Клод.“
Акциите на „Мајкрософт“ паднаа за три проценти до 12:43 часот по њујоршко време во вторникот.
„Антропик“, исто така, претстави како компаниите како „Адоби“ (Adobe Inc.), „Атласијан“ (Atlassian Corp.) и „Хабспот“ (HubSpot Inc.) можат да интегрираат верзии на своите постојни апликации во рамките на Клод. „Антропик“ стана и партнер и конкурент на овие и други компании, што во различни периоди од оваа година предизвика стравувања дека вештачката интелигенција еден ден би можела да ги направи традиционалните софтверски производи за претпријатијата застарени.
Продажбата на „Антропик“ и понатаму бележи силен раст. Според документ објавен во вторникот, компанијата за вештачка интелигенција пријавила годишна стапка на приходи, пресметана врз основа на моменталното темпо на работење, од 81 милијарда долари на 31 октомври, што е за 10 милијарди долари повеќе отколку на крајот на септември. Компанијата сега настојува да достигне целосно разводнета вредност од околу 1,4 билиони долари при иницијалната јавна понуда на акции.