САД истражуваат начини како да ги опремат чиповите со подобри можности за следење на локацијата, изјави висок функционер, нагласувајќи ги напорите на Вашингтон за ограничување на дотокот на полупроводници, како оние што ги произведува „Енвидија“ (Nvidia), во Кина.
Вашингтон се залага за соработка со индустријата за да се следи движењето на овие чувствителни компоненти, што е дел од поширока стратегија за да се спречат шверцување и зачувување на доминацијата на американската технологија. Минатата недела Пекинг ги повика претставниците на „Енвидија“ на разговори за американските напори околу следењето на локацијата и други наводни безбедносни ризици поврзани со нивните чипови Х20 (H20).
„Се дискутира за потенцијални софтверски или физички измени што би можеле да се применат на самите чипови, со цел да се подобри следењето на локацијата“, изјави Мајкл Крациос, еден од архитектите на американскиот акциски план за вештачка интелигенција (ВИ), кој минатиот месец го претстави Доналд Трамп.
„Тоа е нешто што експлицитно го вклучивме во планот“, рече Крациос, директор на Канцеларијата за наука и технологија на Белата куќа, за телевизијата „Блумберг“.
Планот на Трамп предизвика остри реакции во Пекинг, кој со години ги критикува наводната надзорна политика на САД и напорите на таа земја да го ослаби кинескиот технолошки сектор. Кинеската влада е особено чувствителна на санкциите во областа на полупроводниците насочени против компании како „Хуавеј“ (Huawei Technologies) и нови фирми за вештачка интелигенција како „Дипсик“ (DeepSeek).
Функционери од администрацијата на Трамп неодамна ветија дека ќе ги укинат ограничувањата за извоз на чиповите Х20 во Кина, како дел од трговски договор, кој, според нив, треба да обезбеди испорака на магнети од ретки земји во САД. Сепак, Вашингтон останува фокусиран на спречување на шверцувањето чипови.
Крациос во вторникот изјави дека тој лично не разговарал ниту со „Енвидија“ ниту со АМД (AMD) за развој на технологии за следење на локацијата. „Енвидија“ минатата недела соопшти дека нејзините чипови не содржат никакви скриени механизми за надзор (англ. backdoors).
Крациос, кој престојуваше во Јужна Кореја поради состанокот на министрите за дигитални технологии на АПЕК, го критикуваше кинескиот план за вештачка интелигенција, кој предвидува формирање глобална организација за воспоставување стандарди за управување и развој на технологијата.
„Сметаме дека секоја земја треба самостојно да одлучува како ќе ја регулира вештачката интелигенција. Американскиот модел, кој ги става иновациите на прво место, ќе биде најпривлечен“, додаде тој.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...