„Опен еј-ај“ (OpenAI) е во рана фаза на преговори за потенцијална продажба на акции на сегашни и поранешни вработени, при што вредноста на компанијата би се проценила на околу 500 милијарди долари, изјавија лица запознаени со инвестициските преговори. Тоа би претставувало огромен раст на вредноста за овој лидер во областа на вештачката интелигенција (ВИ).
Компанијата има за цел секундарна продажба на акции во вредност од повеќе милијарди долари, велат соговорниците, кои побарале да останат анонимни бидејќи не се овластени јавно да зборуваат за ова прашање. Постои интерес од постојни инвеститори, вклучувајќи ја и „Трајв капитал“ (Thrive Capital), кои се обратиле до „Опен еј-ај“ со желба да откупат дел од акциите на вработените, наведуваат истите извори.
Прочитај повеќе

„Опен еј-ај“ го лансира „Старгејт“ во Европа преку Норвешка
„Опен еј-ај“ се согласи да биде главен клиент за нов центар за податоци во Норвешка, првата европска локација за инфраструктурниот потфат „Старгејт“ на компанијата за вештачка интелигенција.
31.07.2025

Закерберг против Алтман: Како вештачката интелигенција ги засени фудбалските супертрансфери
Реал Мадрид го шокира спортскиот свет во 2009 година кога плати рекордни 94 милиони евра за Кристијано Роналдо, трансфер што го промени фудбалскиот пазар.
09.07.2025
Ако дојде до договор, тоа „на хартија“ би ја зголемило вредноста на „Опен еј-ај“ за приближно две третини. Претходната процена изнесуваше 300 милијарди долари, како дел од инвестициска рунда вредна 40 милијарди долари, предводена од „Софтбанк“ (SoftBank Group Corp). Тоа ја направи „Опен еј-ај“ една од најголемите приватни компании во светот. Претставници на „Опен еј-ај“ и на „Трајв капитал“ одбија да коментираат.
Овој најнов потег следува по веста од минатата недела дека стартапот обезбедил 8,3 милијарди долари од група инвеститори како втор дел од споменатата рунда од 40 милијарди долари, која, според еден извор, била барувана пет пати повеќе од расположливиот износ. „Опен еј-ај“ успеал да ги обезбеди овие средства порано од планираното, додава истиот извор.
Големите американски стартап-компании често преговараат за продажба на акции на вработените како начин да ги наградат и задржат, но и да привлечат надворешни инвеститори. Компанијата, предводена од Сем Алтман, се обидува да ја искористи побарувачката од инвеститорите за да им овозможи на вработените ликвидност што одговара на растот на компанијата, изјавил еден од изворите запознаени со преговорите.
„Опен еј-ај“ во изминатите месеци изгуби неколку истражувачи, кои преминаа во „Мета“ (Meta Platforms Inc.), која агресивно регрутира врвни експерти од „Епл“ (Apple) и други конкуренти за својот тим посветен на „суперинтелигентна“ вештачка интелигенција, нудејќи им компензациски пакети со деветцифрени износи. Секундарната продажба на акции би можела да биде начин да се мотивираат вработените да останат во компанијата, и покрај профитабилните понуди.
„Опен еј-ај“, кој со лансирањето на ЧетГПТ (ChatGPT) отвори нова ера во развојот на вештачката интелигенција, неодамна претстави низа технолошки новитети. Меѓу нив се два отворени и слободно достапни ВИ-модели што го имитираат човечкиот процес на расудување, неколку месеци откако кинескиот „Дипсик“ (DeepSeek) го привлече глобалното внимание со својот софтвер со отворен код. Компанијата се подготвува за лансирање и на најновиот модел ГПТ 5 (GPT-5), со цел да ја зачува лидерската позиција во сè поконкурентната средина.
Стартапот објави дека неделава очекува ЧетГПТ да достигне 700 милиони активни корисници неделно, во споредба со 500 милиони кон крајот на март. Апликацијата неодамна ја надмина и бројката од три милијарди кориснички пораки дневно. Во мај „Опен еј-ај“ ги објави и плановите за аквизиција на стартап што развива ВИ-уреди, основан од поранешниот дизајнер од „Епл“ – Џони Ајв. Станува збор за договор вреден речиси 6,5 милијарди долари во акции, со кој компанијата ги здружи силите со легендарниот дизајнер во обид да влезе во хардверскиот сектор.
Сепак, се соочува и со голем број предизвици. „Опен еј-ај“ во моментов е во одделни разговори за својата иднина како профитна компанија, преговори што траат со месеци. „Мајкрософт“ (Microsoft Corp.), кој има вложено околу 13,75 милијарди долари во „Опен еј-ај“ и има право на користење на неговата интелектуална сопственост, е моментално најголемиот противник меѓу инвеститорите, пренесе претходно „Блумберг“. Главното прашање е големината на уделот на „Мајкрософт“ во новата правна структура на компанијата.
Во меѓувреме преговорите се трансформираа во поширока ревизија на односите, при што софтверскиот гигант се обидува да избегне ситуација во која би можел одненадеж да го изгуби пристапот до технологијата на „Опен еј-ај“ пред истекот на постојниот договор, кој важи до 2030 година.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...