АМД (Advanced Micro Devices Inc.) потпиша договор со „Опен еј-ај“ (OpenAI) за имплементација на инфраструктура за вештачка интелигенција, кој, според процените на производителот на чипови, би можел да генерира десетина милијарди долари нови приходи. Акциите на АМД нагло доживеаја пораст.
Компаниите потпишаа договор што предвидува дека „Опен еј-ај“ ќе испорача шест гигавати GPU во текот на неколку години. АМД исто така му даде на „Опен еј-ај“ опционално право на сопственост над 160 милиони акции, кои постепено ќе бидат достапни, како што ќе се остваруваат поставените цели. Тие цели бараат продолжување на растот на цената на акциите на АМД, а еден од клучните параметри предвидува достигнување цена од 600 долари по акција. Акциите на АМД завршија со вредност од 164,67 долари во петокот.
Овој договор е најнов во низата големи договори на „Опен еј-ај“ поврзани со центри за податоци, додека стартапот за вештачка интелигенција (ВИ) гради сѐ поголема компјутерска инфраструктура, што нема преседан во технолошката индустрија, со верба дека побарувачката за ВИ-алатки ќе продолжи да расте. „Енвидија“ (Nvidia Corp.) во септември најави дека ќе инвестира до 100 милијарди долари во „Опен еј-ај“ за изградба на инфраструктура за ВИ и нови центри за податоци со капацитет од најмалку 10 гигавати.
„Опен еј-ај“ и други оператори на големи центри за податоци насочуваат милијарди долари во проширување на капацитетите за ВИ. АМД сѐ уште е далеку зад „Енвидија“ кога станува збор за пазарот на чипови за акцелератори. Приходите на АМД од GPU годинава се предвидува да бидат 6,55 милијарди долари, но компанијата очекува дека партнерството со „Опен еј-ај“ ќе стане многу профитабилно веќе следната година, а уште повеќе во 2027 година.
Исто така, се очекува дека ова партнерство може да служи како пресвртница за поширока употреба на неговата технологија, што може да го зголеми приходот во оваа област на повеќе од 100 милијарди долари, иако точниот временски рок не е наведен.
Во соопштението за новиот договор, извршната директорка на АМД, Лиса Су, изјави дека компанијата „е возбудена за партнерството со ’Опен еј-ај‘ во испорака на компјутерска моќност во огромни размери“. Извршниот директор на „Опен еј-ај“, Сем Алтман, го нарече партнерството „голем чекор во изградбата на компјутерски капацитет што ќе го овозможи целосниот потенцијал на вештачката интелигенција“, додавајќи дека „водечката улога на АМД-чиповите со високи перформанси ќе помогне за побрзо испорачување на технологијата на ’Опен еј-ај‘ до корисниците“.
За „Опен еј-ај“, соработката со АМД може да помогне во создавање посилна алтернатива на сѐ поприсутната технологија на „Енвидија“. „Опен еј-ај“ и операторите на центри за податоци трошат огромен дел од нивните буџети за инфраструктура токму на технологијата на „Енвидија“. Централниот оддел на „Енвидија“ за центри за податоци генерира повеќе приходи од кој било друг производител на чипови, а во последната финансиска година приходите се зголемија повеќе од двојно, на 115 милијарди долари, со сличен раст што се очекува и во тековниот период.
Напредокот на АМД во процесорите во споредба со „Интел“ (Intel Corp.), како и неговиот помал, но успешен продор на пазарот на чипови специјализирани за ВИ, го привлече вниманието на инвеститорите и ја подигна пазарната вредност на компанијата на историски максимум, давајќи ѝ на компанијата можност да ја искористи новата финансиска моќ за понатамошно проширување на бизнисот.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...