Закерберг сигнализира дека вишокот компјутерска моќ наскоро би можел да се продава на други компании.
Компанијата „Мета“ (Meta Platforms Inc.) развива планови за бизнис со инфраструктура во облак преку кој ќе продава пристап до компјутерска моќ и модели за вештачка интелигенција, со што отвора нов правец на конкуренција со лидерите во индустријата како АВС (Amazon Web Services), „Мајкрософт Ажур“ (Microsoft Azure) и „Гугл Клауд“ (Google Cloud).
„Мета“, која забрзано обезбедува скапи податочни центри и друга инфраструктура за да ги поддржи сопствените амбиции во областа на вештачката интелигенција, формира бизнис што ќе генерира приходи од вишокот компјутерска моќ што ќе им се продава на надворешни клиенти, велат лица запознаени со плановите, кои побарале да останат анонимни бидејќи деталите сè уште не се јавни.
Прочитај повеќе
„Мета“ лансира очила под сопствен бренд по цена од 299 долари
„Мета“ ги претстави своите први паметни очила под сопствен бренд, по цена од 299 долари. Новите модели, развиени во соработка и со Кајли Џенер, означуваат движење кон попристапен сегмент од пазарот.
30.06.2026
Компјутерската моќ станува нова стока, Хрватска веќе инвестира 50 милијарди
Додека Волстрит зборува за фјучерс-договори за ГПУ капацитети, Хрватска веќе гради ВИ дата-центар од 50 милијарди евра, проект што е речиси на ниво на половина од БДП на земјата.
21.06.2026
„Мета“ почна со укинување 8.000 работни места низ светот
Закерберг ја насочува „Мета“ кон ВИ со огромни инвестиции и отпуштања, но инвеститорите стравуваат дека трошоците нема да се исплатат.
20.05.2026
Вработените во „Мета“ обучуваат ВИ-модели што ќе им ја земат работата
„Мета“ има намера да инсталира софтвер на компјутерите на вработените што ќе ја следи нивната работа за обука на модели со вештачка интелигенција.
24.04.2026
Еден од можните планови предвидува продажба на пристап до различни модели за вештачка интелигенција хостирани на постојната ВИ инфраструктура на „Мета“, пристап сличен на понудата Бедрок (Bedrock) на АВС, велат истите извори. „Мета“ би управувала со дата-центрите и чиповите што ги придвижуваат моделите, вклучувајќи ги и сопствените модели „Мјуз Спарк“ (Muse Spark), а на развивачите би им наплатувала за пристап до нив.
Компанијата исто така размислува да продава пристап до „суров“ компјуерски капацитет, слично на таканаречените неооблачни компании како „Корвив“ (CoreWeave Inc.), велат изворите. Развојот на овие нови деловни линии е дел од „Мета компјут“ (Meta Compute), внатрешна иницијатива за изградба и управување со инфраструктурата за вештачка интелигенција на компанијата, според лице запознаено со плановите. „Мета компјут“ е предводена од Сантош Џанардхан, директорот за инфраструктура на „Мета“, Даниел Грос, еден од лидерите во единицата МСЛ (Meta Superintelligence Labs), и претседателката на „Мета“, Дина Пауел МекКормик.
Портпарол на „Мета“ одби да ги коментира информациите. Плановите на компанијата сè уште се во фаза на развој и можно е стратегијата да претрпи измени. Акциите на „Мета“ пораснаа за најмногу 8,6 проценти во претпазарното тргување во средата, пред делумно да ги намалат добивките, додека акциите на „Корвив“ паднаа за 9,7 проценти.
Мета го постави развојот на суперинтелигенција базирана на вештачка интелигенција како еден од своите главни приоритети и најави инвестиции од стотици милијарди долари во дата-центри, специјализирани чипови и друга инфраструктура неопходна за развој на оваа технологија. Овие вложувања предизвикаа загриженост кај инвеститорите за тоа како компанијата ќе обезбеди поврат на инвестициите, а меѓу нив се и големи договори за компјутерски капацитети со „Корвив“, „Гугл“, „Оракл“ и други компании. Еден од начините за враќање на дел од вложените средства е развојот на сопствен бизнис во облак, по примерот на АВС или „Мајкрософт Ажур“ кои со години остваруваат приходи од изнајмување компјутерска моќ, простор за складирање податоци и софтвер преку интернет.
Со растот на побарувачката за вештачка интелигенција, водечките провајдери на технологии во облак ги проширија своите услуги со изнајмување специјализирани чипови и компјутерски капацитети потребни за развој и работа на ВИ моделите. Во меѓувреме, „Спејс екс“ на Илон Маск, која во февруари го презеде стартапот за вештачка интелигенција „Екс еј-ај“, се наметна како важен играч во овој сегмент, обезбедувајќи пристап за „Антропик“ до својот податочен центар во Мемфис и склучувајќи договор со „Гугл“. Според процените на „Блумберг интелиџенс“, оваа стратегија би можела да му донесе на „Екс еј-ај“ приходи од повеќе од 50 милијарди долари до 2028 година и 100 милијарди долари до 2030 година.
Извршниот директор на „Мета“, Марк Закерберг, изјави дека компанијата размислува за продажба на вишокот компјутерски капацитети и за воспоставување АПИ услуга преку која клиентите би плаќале за користење на моделите за вештачка интелигенција. Тој посочи дека засега компанијата има потреба од сопствените ресурси, но доколку во иднина изгради поголеми капацитети од потребните, нивната комерцијализација останува реална можност. Закерберг смета дека индустријата се соочува со недостиг од компјутерски капацитети и дека „Мета“ треба да обезбеди што е можно повеќе такви ресурси, а нивната конкретна намена да ја одреди во подоцнежна фаза.