text size
„Мета“ (Meta Platforms Inc.) даде разочарувачка прогноза за приходите во тековниот квартал, дополнително зголемувајќи го притисокот врз главниот извршен директор Марк Закерберг да ги ублажи стравувањата на инвеститорите дека компанијата не остварува доволно брзо придобивки од огромните вложувања во вештачката интелигенција.
Компанијата, која е сопственик на „Фејсбук“ и „Инстаграм“, исто така, пријави најнизок слободен паричен тек во последните неколку години, што е показател за нагло зголемените трошоци за вложувањата во ВИ, вклучувајќи центри за податоци и паметни очила. Тие годинава би можеле да достигнат 145 милијарди долари.
„Мета“ се потпира на своето обемно интернет-рекламно работење за да ги финансира овие инвестиции, но акционерите стануваат сè понетрпеливи околу способноста на компанијата доволно брзо да ги зголемува приходите и профитот. Инвеститорите негодуваа уште претходно оваа година кога Закерберг ги зголеми проектираните расходи за ВИ, а многумина и натаму жалат за огромните трошоци за виртуелната реалност и метаверзумот, кои достигнаа десетици милијарди долари без значителен поврат. На разговорот со инвеститорите во средата, Закерберг повеќепати уверуваше дека фокусот на ВИ на крајот ќе се исплати.
Прочитај повеќе
„Мета“ игра на големо во Луизијана
Желбата на Марк Закерберг да го изгради најголемиот објект за ВИ во светот длабоко ја вплете неговата компанија во политиката, културата и економијата на Луизијана.
26.07.2026
Можно е „Мета“ да му изнајмува компјутерска моќ на „Антропик“
Преговорите за можната зделка сѐ во рана фаза
17.07.2026
Закерберг ја претвора ВИ инфраструктурата во нов бизнис
„Мета“ подготвува огромен пресврт: влегува во системот за технологии во облак и директно им конкурира на „Амазон“, „Мајкрософт“ и „Гугл“.
01.07.2026
„Мета“ лансира очила под сопствен бренд по цена од 299 долари
„Мета“ ги претстави своите први паметни очила под сопствен бренд, по цена од 299 долари. Новите модели, развиени во соработка и со Кајли Џенер, означуваат движење кон попристапен сегмент од пазарот.
30.06.2026
„Мета“ почна со укинување 8.000 работни места низ светот
Закерберг ја насочува „Мета“ кон ВИ со огромни инвестиции и отпуштања, но инвеститорите стравуваат дека трошоците нема да се исплатат.
20.05.2026
„Разбирам дека ова е голема инвестиција и голем влог“, рече Закерберг. „Гледаме дека технологијата функционира. Задоволни сме од напредокот на лабораторијата. Возбуден сум од производите што доаѓаат. И веруваме дека ова ќе биде нешто големо.“
„Мета“ соопшти дека приходите во третиот квартал ќе изнесуваат меѓу 61 и 64 милијарди долари, при што средината на тој распон е под просечната процена на аналитичарите од 63,2 милијарди долари, според податоците што ги собра Блумберг. Акциите на „Мета“ паднаа за дури 10 отсто во тргувањето по затворањето на берзата, откако во средата во Њујорк завршија на 585,61 долар. Од почетокот на годинава акцијата е во пад од 11 отсто.
„Мета“ троши стотици милијарди долари за да им конкурира на американските технолошки ривали, меѓу кои „Алфабет“ (Alphabet Inc.), „Опен еј-ај“ (OpenAI) и „Антропик“ (Anthropic PBC), во трката за развој на водечки модели и производи за вештачка интелигенција. Компанијата е меѓу најголемите инвеститори во индустријата кога станува збор за центри за податоци за ВИ. Само оваа недела објави партнерство со „Блекрок“ (BlackRock Inc.) за изградба на комплекс вреден 14 милијарди долари во Ел Пасо, Тексас. Истовремено гради уште еден центар за податоци во руралниот дел на Луизијана, чија вредност се очекува да надмине 250 милијарди долари.
Делумно затоа што сè уште нема бизнис со облачни услуги, а нејзините ВИ-производи повремено се сметаа за помалку конкурентни од оние на други лаборатории за вештачка интелигенција, „Мета“ постојано се соочува со скептицизам кај инвеститорите дека ќе успее да ги врати овие инвестиции. Во последните месеци компанијата претстави неколку нови бизниси поврзани со ВИ, меѓу кои претплата за четбот за потрошувачи и модел за вештачка интелигенција што програмерите ќе можат да го користат со плаќање, но тие сè уште се во рана фаза.
Можност во облачните услуги
На разговорот со инвеститорите во средата, Закерберг најави уште една потенцијална деловна линија – бизнис со облачни услуги преку кој „Мета“ би продавала компјутерска моќ на други компании. Главниот извршен директор рече дека „значителен“ дел од компјутерските ресурси на компанијата моментално се користат за тренирање на нејзините модели за ВИ, што е неопходно доколку сака да остане меѓу водечките лаборатории за вештачка интелигенција. Но, истовремено додаде дека „Мета“ добила „голем број понуди“ од компании заинтересирани да ја купат нејзината компјутерска моќ по цена што носи „значителна премија“ во однос на трошокот што компанијата го платила за нејзино обезбедување.
Тоа, додаде тој, создава нова деловна можност, бидејќи „Мета“ сега треба да одлучи дали е поисплатливо да ја продава компјутерската моќ што ја поседува или да продолжи да ја користи за сопствените производи и услуги. Овие пресметки се прават во исто време кога компанијата купува дополнителна компјутерска моќ и од независни оператори на центри за податоци, т.н. неоклауд.
„Едноставно нема ни приближно доволно компјутерска моќ за целата побарувачка“, додаде тој, одговарајќи на прашањето како „Мета“ може истовремено да биде и купувач и продавач. Блумберг претходно објави дека компанијата планира да развие сопствен бизнис со облачни услуги.
„Мета“ ја ревидираше прогнозата за капиталните расходи за целата година на меѓу 130 и 145 милијарди долари, при што долната граница е зголемена од претходните 125 милијарди долари.Слободниот паричен тек на „Мета“ во вториот квартал падна на 784 милиони долари, што е најниско ниво од третиот квартал на 2022 година и уште еден показател за размерите на вложувањата на компанијата во ВИ, според податоците што ги собра Блумберг.
Голем дел од тие инвестиции се финансираат од приходите од рекламирањето на главните социјални мрежи на компанијата, „Фејсбук“ и „Инстаграм“. „Мета“ оствари приходи од 60,8 милијарди долари во кварталот што заврши на 30 јуни, што е малку над прогнозата на аналитичарите од 60,3 милијарди долари.
„Силниот раст на приходите на „Мета“ повторно ќе остане во сенка на нејзините проекции за капиталните расходи“, напиша Минда Смајли, виш аналитичар во „Емаркетер“ (Emarketer). „Иако „Мета“ не ги зголеми прогнозите, тоа нема да ги спречи инвеститорите да бараат повеќе информации за плановите за потенцијален бизнис со компјутерски услуги и за сите други начини на кои компанијата размислува да ја монетизира ВИ.“
Најголемите американски технолошки компании годинава планираат да потрошат дури 725 милијарди долари за капитални расходи, главно за ВИ-инфраструктура потребна за изградба на центри за податоци. Матичната компанија на „Гугл“, „Алфабет“ (Alphabet Inc.), минатата недела соопшти дека ја зголемила прогнозата за капиталните вложувања на најмногу 205 милијарди долари годинава, што предизвика пад на нејзините акции. Во целиот сектор инвеститорите остануваат претпазливи кон огромните вложувања во ВИ, бидејќи не се сигурни каде ќе доведат и дали на крајот ќе се исплатат.
„Мајкрософт“, кој исто така ги објави финансиските резултати во средата, соопшти дека во тековната фискална година планира капитални расходи од 175 милијарди долари. Сепак, акциите на компанијата пораснаа откако соопшти дека приходите од облачните услуги во последниот квартал се зголемиле за 43 отсто, што е најбрзо темпо во последните четири години.
Сепак, Закерберг со самоуверен тон го заврши разговорот со аналитичарите, оценувајќи дека инвеститорите на крајот ќе имаат корист од облогот на „Мета“ на вештачката интелигенција.
„Мојата лична процена е дека луѓето што инвестираат во ова ќе бидат наградени и со текот на времето ќе бидат многу задоволни“, рече тој.
Правни трошоци
Покрај огромните вложувања во вештачката интелигенција, „Мета“ се соочува и со значителни правни трошоци. Компанијата во средата ја ревидираше прогнозата за вкупните расходи годинава на меѓу 165 и 169 милијарди долари, при што во таа сума се вклучени и 2,4 милијарди долари казни поврзани со судски постапки, покажува извештајот на компанијата.
Илјадници поединци и училишни окрузи во САД поднесоа тужби против „Мета“ и други големи компании за социјални мрежи, тврдејќи дека нивните производи предизвикуваат зависност и им штетат на малолетниците. Претходно годинава, поротата утврди дека „Мета“ и „Гугл“ се одговорни за нарушувањето на менталното здравје на една млада жена и ѝ досуди вкупно шест милиони долари отштета. Овој случај се смета за преседан за илјадниците слични тужби што сè уште се во тек.
Во март, „Мета“ загуби и посебен судски спор во Ново Мексико, во кој беше обвинета дека не успеала да ги заштити децата од онлајн сексуални предатори. Поротата одреди казна од 375 милиони долари, но компанијата продолжува да ја оспорува пресудата.