Од „Епл“ прогнозираат дека нема уште долго да се пребарува преку Гугл
„Епл“ понуди необичен аргумент во обид да го зачува профитабилното партнерство со „Алфабет“.
пред 3 дена
19 мај 2023, 11:58
Корисниците ќе можат да пишуваат или да ги изговорат своите прашања за четботот
Апликацијата за „ајфон“ е пуштена во САД, а компанијата вети и услуга за „андроид“
Depositphotos
Компанијата „Опен еј-ај“ (OpenAI Inc.) за првпат ќе обезбеди пристап до својот ЧетГПТ (ChatGPT), алатка за генеративна вештачка интелигенција (ВИ), преку паметни телефони. Апликацијата за „ајфон“ (iPhone) е пуштена во четвртокот, а компанијата за во иднина вети и услуга за уреди што работат на „андроид“.
Софтверот, кој е бесплатен, сега е достапен во САД за уреди со iOS преку „Епстор“ (App Store). На платформата корисниците можат да пишуваат прашања и да добиваат одговори од четботот. Апликацијата исто така вклучува и препознавање глас, така што корисниците ќе можат да ги изговорат своите прашања, посочуваат од стартапот со седиште во Пало Алто, Калифорнија, во објава од четвртокот. Сепак, ботот ќе одговора само писмено. Апликацијата исто така синхронизира текстуални разговори на различни уреди.
Корисниците што плаќаат претплата на „Опен еј-ај“ можат да го користат и неговиот најмоќен јазичен модел, ГПТ-4 (GPT-4), преку апликацијата, соопшти компанијата. „Опен еј-ај“ планира да ја понуди својата апликација во повеќе земји во наредните недели и очекува наскоро да воведе верзија на „андроид“.
Од неговото објавување на интернет кон крајот на минатата година, милиони луѓе експериментираа со ЧетГПТ и други ботови како Бард (Bard), создаден од „Гугл“ (Google) на „Алфабет“ (Alphabet). Овој нов бран на четботови се заснова на големи јазични модели (анг. Large Language Models – LLM), на ВИ што располагаат со огромни количества на податоци од интернет за да можат да предвидат и генерираат човечки одговори на прашањата на корисниците. ЧетГПТ и сличните платформи веќе се користат за многу задачи, од пишување роденденски честитки до кодирање.
Во ироничен развој на настаните, „Епл“ (Apple) ја ограничи внатрешната употреба на ЧетГПТ и другите алатки за вештачка интелигенција токму кога се објавува нова апликација. Компанијата е загрижена дека софтверот би можел да се користи за објавување доверливи податоци, објави „Волстрит журнал“ (Wall Street Journal), цитирајќи документ. Со ова, „Епл“ им се придружува на „Самсунг“ (Samsung Electronics) и други технолошки гиганти во забраната за вработените да ги користат овие алатки.
Објавувањето на апликацијата за iOS значи дека ЧетГПТ ќе им биде на располагање на многу повеќе клиенти отколку што беше случај кога имаше само веб-базирана верзија. Овој потег исто така може директно да го подложи „Опен еј-ај“ на контрола преку рецензиите што корисниците можат да ги објавуваат на „Епстор“.