Некои од првите сопственици на уредите „ајфон 15 про“ и „про макс“ на „Епл“ (Apple Inc.) се жалат дека новите уреди се прегреваат при употреба или полнење, што може да биде потенцијален проблем за најпопуларниот производ на оваа компанија.
Жалбите се проширија на онлајн форумите на „Епл“ и на социјалните мрежи, вклучувајќи ги и Редит (Reddit) и X. Корисниците велат дека задната страна или страничниот дел на телефонот е топол на допир додека играат или имаат телефонски повик или видеоповик на Фејстајм (FaceTime). Кај некои корисници проблемот е поизразен при полнењето на уредот.
Персоналот за поддршка на „Епл“ добил повици во врска со ова прашање. Оттаму ги упатиле корисниците на стара статија за поддршка за тоа како да се постапи кога „ајфонот“ станува премногу жежок или премногу ладен. Во известувањето се наведува дека може да дојде до прегревање при користење тешки апликации, полнење или нагодување на новиот уред за првпат.
Претставник на „Епл“, чие седиште е во Купертино, Калифорнија, не одговори на барањето за коментар.
На „ајфон“ отпаѓаат приближно половина од приходите на „Епл“, а новите модели внимателно се испитуваат за потенцијални недостатоци. Понекогаш се појавуваат проблеми што „Епл“ мора да ги реши - преку ажурирање на софтверот или други поправки - но честопати проблемите се повлекуваат и сами по себе.
„Епл“ исто така има и ригорозен процес на тестирање, дизајниран да ги опфати сите проблеми пред „ајфоните“ да влезат во масовно производство.
Загревањето на уредите не е невообичаена појава, особено со оглед на супербрзите процесори што ги напојуваат современите уреди. Прашањето овој пат е дали проблемот со загревањето ќе ескалира повеќе од она што корисниците го сметаат за прифатливо.
Проблемот може да биде предизвикан или влошен од процесот на активирање на нов „ајфон“. Кога корисниците ќе го добијат новиот телефон, повторното преземање на сите апликации, податоци и фотографии од ајклауд (iCloud) може да биде долг и интензивен процес. Некои корисници веруваат дека проблемот може да го предизвикаат одредени апликации што работат во заднината, како што се Инстаграм (Instagram) или Унер (Uber).
Неколку лица објавија видеа како ја проверуваат температурата на телефонот со термометар. „’Ајфон 15 про макс’ многу лесно се вжештува“, стои во една објава. „Само ги прелистувам социјалните мрежи, а уредот веќе е жежок“. Други велат дека уредот се загрева така што топлината се чувствува дури и преку заштитната маска.
Сепак, тоа не е универзален проблем. Други сопственици на „ајфон 15 про“ изјавија дека го немаат овој проблем или дека загревањето е исто како и кај претходните модели. За некои корисници ставањето на телефонот во футрола барем спречува тој да биде премногу жежок на допир.
Еден корисник се пожали дека неговиот „ајфон 15 про макс“ толку се загреал што се исклучувал за време на повик, а потоа му биле потребни неколку минути повторно да се вклучи. Уредите на „Епл“ повремено се исклучуваат кога се прегреваат или се предолго изложени на сончева светлина.
„Ајфон 15 про“ и „ајфон про макс“ имаат нов чип А17, со помоќен графички мотор. Таа компонента, чија цел е да ги подобри перформансите на игрите, може да биде фактор што придонесува за загревањето. Најновите модели на „ајфон“ имаат и титаниумска рамка, што е новитет во однос на не’рѓосувачкиот челик што се користеше од 2017 година.
Проблемот настана откако корисниците се пожалија на материјалот фајнвовен (finewoven) што се користи во најновите футроли за „ајфон 15“. Материјалот, кој ја заменува кожата како дел од еколошката иницијатива на компанијата, е склон на гребење и побрзо се валка, посочија неколку корисници.