НАСА успешно ја започна една од најзначајните вселенски мисии во последните децении, откако екипаж од астронаути полета кон Месечината и влезе во стабилна орбита околу Земјата. Станува збор за десетдневна мисија која има за цел да ги однесе астронаутите блиску до лунарната површина каде што луѓето не пристапиле во последните над 50 години.
Лансирањето се случи од вселенскиот центар „Кенеди“ во Флорида, каде што капсулата „Орион“, изработена од „Локхид Мартин“ (Lockheed Martin), беше поставена на ракетата „Space Launch System“ (СЛС) на „Боинг“ (Boeing). Моќниот ракетен систем, повисок од Статуата на слободата, достигна брзина од околу 28.000 километри на час, оставајќи зад себе трага од оган и чад додека се искачуваше кон вселената.
Од вселенскиот центар во Флорида кон Месечината
NASA
Околу осум минути по полетувањето, главните мотори на ракетата се исклучија според планот, а капсулата со астронаутите успешно навлезе во вселената. Нешто подоцна, нејзиниот главен мотор се активираше, поставувајќи го леталото во стабилна орбита околу Земјата.
„Имаме прекрасен изгрев на Месечината. Се движиме директно кон неа“, изјави командантот на мисијата, астронаутот Рид Вајсман, за време на директниот пренос.
Патување без преседан
Екипажот ќе помине околу четири дена патувајќи кон Месечината, по што ќе мине зад нејзината далечна страна - дел кој никогаш не е видлив од Земјата. На 6 април е планирано блиско прелетување над лунарната површина.
Најблиската точка до Месечината ќе биде на околу 6.600 километри, при што земјиниот сателит ќе изгледа како да е со големина на кошаркарска топка во испружена рака, гледано од прозорецот на капсулата.
Траекторијата по која ќе се движи вселенската капсула во наредните 10 дена
Bloomberg
Во екипажот, покрај Вајсман, се и пилотот Виктор Гловер, специјалистката Кристина Кох и канадскиот астронаут Џереми Хансен. Мисијата носи и историски моменти - Кох ќе биде првата жена што ќе лета во близина на Месечината, Гловер првиот Афроамериканец со таква задача, а Хансен првиот Канаѓанец (не-Американец) на оваа рута.
Чекор кон идни мисии
Мисијата е дел од програмата „Артемис“, која има за цел не само враќање на човекот на Месечината, туку и воспоставување долгорочна база на нејзината површина. Ова би претставувало клучна основа за идни мисии кон Марс.
Во рамки на плановите, се предвидуваат и идни тест-мисии, вклучително и поврзување со лунарни летала што ги развиваат приватни компании како „Спејс екс“ на Илон Маск и „Блу Ориџин“ на Џеф Безос.
САД се обидуваат да го забрзаат напредокот во вселенската програма и повторно да стигнат до Месечината пред Кина, која исто така има амбиции да испрати свои астронаути до крајот на деценијата. Ова ја претвора новата вселенска ера во своевидна стратешка трка за доминација.
И покрај големите амбиции, програмата „Артемис“ се соочува со доцнења и зголемени трошоци. Ракетата СЛС и капсулата „Орион“ веќе ги пробија првичните рокови, што отвора сомнежи дали следните чекори, вклучително и планираното слетување на Месечината до 2028 година, ќе се реализираат навреме.
По завршувањето на мисијата, капсулата ќе се врати на Земјата, влегувајќи во атмосферата и слетувајќи во Тихиот Океан со помош на падобрани, каде што екипи на НАСА и американската морнарица ќе го пречекаат екипажот.
Оваа мисија претставува клучен тест за иднината на човечкото присуство во вселената - и можеби почеток на нова ера на истражување надвор од Земјата.