Се чини дека преовладува мислењето дека компјутерската тастатура е во заминување. Во најмала рака, таа е деградирана како примарен метод за внесување податоци на работа. Кејт Кларк, пишувајќи за „Волстрит журнал“, се осврнува на трендот кај вработените во технолошки стартапи што користат ВИ-софтвер за диктирање, за да ги претворат „нафрлените“ текови на свест во „кохерентен, употреблив текст за неколку секунди“.
„Низ Силициумската Долина работата се трансформира додека некогаш мирните простори стануваат жаришта на бучава“, напиша Кларк. Насловот гласи: „Типкањето се заменува со шепотење - и тоа е многу поиритантно“.
Фала му на Бога, си помислив, што не работам во стартап во Силициумската Долина.
Прочитај повеќе
Вештачката интелигенција не смее да завладее над човештвото, порача папата
Во нова енциклика, Ватикан бара технологијата да не доминира над човештвото и предупредува на опасности во војувањето, како и контрола и злоупотреба на алгоритмите.
25.05.2026
Вештачката интелигенција има сериозен проблем со инфлацијата
Кога ќе откриете дека следниот паметен телефон или конзола чинат многу повеќе од претходните, виновна е ВИ.
23.05.2026
Четирите најпознати четботови имаат проблем со одговорите за политика
Истражувачи им поставиле на четири четботови повеќе од 3.100 прашања за широк спектар на вести, како политика, здравство и надворешни работи.
21.05.2026
„ЏП Морган“ ќе вработува повеќе специјалисти за вештачка интелигенција, а помалку банкари
Коментарите на Дајмон го нагласуваат поширокото насочување на индустријата кон автоматизација што ја преобликува глобалната финансиска работна сила.
21.05.2026
Сири добива четбот-функција и нов дизајн
„Епл“ подготвува нова генерација на својот гласовен асистент Сири во рамките на идниот оперативен систем иОС 27.
18.05.2026
Сепак, работам во „Блумберг“ - па, замислете го мојот очај кога во среда наутро во билтенот на Кевин Шики, нашиот раководител за комуникации, ги прочитав следните зборови: „Тивката канцеларија наскоро би можела да стане историски артефакт. Канцеларијата на иднината би можела да звучи помалку како библиотека, а повеќе како продажен оддел. Со нетрпение очекувам :)“
Јас можам да чекам. По можност засекогаш, или барем додека не отидам во пензија за (чукни во дрво) дваесетина години, кога ќе излезам низ вратата сигурен во сознанието дека, во мое време, работата се изведуваше со тастатура. Моите текови на свест, моите дистракции, моите дигресии - останаа внатре, како што му прилега на цивилизирано општество.
Ова би можело да биде изгубена битка. Виспр (Wispr), развојниот програмер на една од најпопуларните апликации за таа намена, е блиску до финансирање што би го проценило на две милијарди долари. (Се обидов да ја користам нивната апликација додека ја пишував оваа колумна, како тест, но брзо подлегнав на непријатност и срам.)
Токму минатата недела некој ми одговори на барање за интервју користејќи го она што го нарече „ВИ-потпомогната артикулација“. Харшит Вадапати, технолошки менаџер, го прочитал мојот мејл во кој го прашав за мислење за сигурноста на алатката за кодирање на „Антропик“. Потоа зборувал во својот компјутер користејќи „Опенкло“ (OpenClaw), алатка за претворање говор во текст, „за да создаде цел документ со неговите мисли“. Го прегледал пред да ми го испрати.
„Клучната нијанса што би ја нагласил е дека ’Опенклo’ не измислува одговори независно во мое име“, ми рече Вадапати откако го испрашав за тоа. „Гледиштето е мое.“
Но дали навистина е така? Разбирам што кажува: тоа се неговите мисли, структурирани во текст, а потоа одобрени. Но мислам дека се залажува себеси, како и сите други што ја делегираат работата на овие алатки. Неструктурирана, неартикулирана мисла изговорена гласно е само половична мисла; живо јајце скршено во ладна тава. „Пишувањето е размислување“, рече во 2002 година Дејвид Мекалоу, двократен добитник на Пулицерова награда. „Да пишуваш добро значи да мислиш јасно. Затоа тоа е толку тешко.“
Можеби не ве интересира доброто пишување. Тоа е уште еден аргумент што го слушам во корист на ВИ-потпомогната артикулација: „Типкам белешки од состанок, не го пишувам следниот голем американски роман.“ Секако, постојат многу (најголем дел) работи во кои пишувањето не е дел од крајниот производ, ниту негова важна компонента. Всушност, многумина од нас денес потребата за пишување ја сметаат за најмачниот дел од денот. „Да престанеме да се преправаме дека постојат различни работи“, напиша комичарката и продуцентка Кејт Хелен Даунy во 2021 година. „Постои само една работа, а тоа се мејлови.“
Но користењето на ВИ за да се префрли таа здодевност на надворешни изведувачи, колку и да звучи примамливо, значи испраќање на сопствениот мозок на клупа. Кога ВИ ги структурира „вашите“ мисли и го одработува „вашето“ пишување, тоа ќе го направи според најширокиот можен заеднички именител; вашата работа ќе биде хомогенизирана за јавноста како ИКЕА-полица за книги. Компаниите ќе се соочат со уште поголема мочуришна внатрешна комуникација бидејќи вработените ќе им ги препуштаат на своите ботови задачите со кои инаку не би се малтретирале.
Таа лажна добивка во продуктивноста ризикува кумулативен ефект во кој никој навистина не знае кој што одлучил и зошто. Работните места ќе станат какофонични додека вработените извикуваат инструкции кон своите четботови. „Посета на ВИ-стартапи денес е како доаѓање во врвен повикувачки центар“, извести „Журнал“ од првата линија на новиот облик на канцелариски пекол.
Ако овие ВИ-можности некогаш исчезнат - а можеби и ќе исчезнат, со оглед на несигурната економија на ВИ-индустријата - ќе останете да се прашувате како воопшто сте успевале да работите, исто како што веројатно веќе се мачите да стигнете до познати места без ГПС.
Пропаѓањето на вештините нема да се случи одеднаш. „ВИ сигурно ја подобрува моменталната изведба на задачите, додека ги деградира основните човечки способности што ја создаваат таа изведба“, напиша Том Слејтер, партнер во инвестициската фирма „Бајли Гифорд“, во неговиот прониклив есеј за когнитивен аутсорсинг. „Денес добивате подобри резултати, но утре станувате помалку способни.“ Таквата зависност е бизнис-модел. „Интелигенцијата ја претвораме во глобална комунална услуга“, беше наведено во неодамнешното соопштение за јавност на компанијата „Опен еј-ај“.
За разлика од стотици милијарди долари што се трошат на серверите на „Опен еј-ај“, таинствениот чудесен центар за податоци сместен во вашата черепна празнина е бесплатен за користење и работи со полн капацитет кога ги артикулирате своите мисли - мисли што ќе ве изненадат. Писателот Чарлс Буковски еднаш забележа дека „пишувачката машина ми дава работи за кои и сам не знам дека можам да ги работам“. Тоа се поместувања што се важни, работа што ќе значи дека сте вистински соработник, работа што нема да биде заменета.
Размислете за сето тоа кога ќе се прашувате дали треба да престанете или да го намалите пишувањето во корист на брборење со ВИ. „Свет поделен на оние што пишуваат и оние што не пишуваат е поопасен отколку што звучи“, напиша Пол Греам, еден од сѐ помалиот број технолошки инвеститори што очигледно сè уште можат трезвено да размислуваат. „Тоа ќе биде свет на оние што мислат и оние што не мислат. Знам во која половина сакам да бидам, а се обложувам дека знаете и вие.“
Дури и најобичното пишување ве тера да размислувате. Вашата тастатура е штит против свет во кој вашата цел е намалена. Јас цврсто ќе се држам до својата.