Трошоците за инфраструктура за ВИ постојано растат. Големите технолошки компании веројатно ќе инвестираат неколку билиони долари во наредните години за да ги задоволат навиките на корисниците на Чет ГПТ и Клод.
Сепак, огромните сметки за капитални инвестиции не се последица само на тоа што таканаречените хиперскејлери, како „Мајкрософт“ (Microsoft) и „Мета“ (Meta), градат или изнајмуваат сè повеќе дата-центри. Порасна и цената на компонентите што се вградуваат во овие огромни компјутерски системи, што принуди дел од компаниите да потрошат повеќе готовина отколку што првично планирале.

„Инфлацијата на чипови“ не е проблем само за технолошките гиганти кои некако мора да обезбедат финансиски поврат од своите инвестиции. Наглиот напредок на вештачката интелигенција ги потиснува и залихите на поконвенционални чипови. Кога ќе сфатите дека следниот паметен телефон или гејминг конзола чинат значително повеќе од претходните, виновна е ВИ, како што напиша мојот колега Дејв Ли.
Сите што се занимаваат со таканаречено „вајб кодирање“ на апликации и користат ВИ-агенти за поднесување даночни пријави создаваат дополнителна побарувачка за хардверските компоненти што ги поддржуваат тие активности, како графички процесори, меморија, па дури и централни процесори. ЦПУ-чиповите претходно беа на маргините на ВИ-револуцијата, но станаа неопходни за автономните ВИ-агенти да можат да се справат со работниот товар.
Дел од технолошките компании со најголеми парични текови и најдобро финансираните стартапи во историјата очајнички се натпреваруваат да обезбедат доволно хардвер, стравувајќи дека во спротивно ќе заостанат во трката за суперинтелигенција. Бидејќи овие купувачи се релативно неосетливи на цените, нивните добавувачи на чипови главно имаат доминантни позиции на пазарот, а огромните технички и финансиски бариери дополнително ја отежнуваат појавата на посериозна конкуренција. Контролата врз овие тесни грла се покажува како исклучително профитабилна.
„ТСМЦ“ (TSMC), најголемата светска фабрика за напредни чипови, планира рекордни инвестиции од 56 милијарди долари годинава, но ни тоа нема да биде доволно за да се обезбедат доволно врвни производи. Овие ограничувања го поттикнаа Илон Маск да размислува за изградба на сопствена фабрика за чипови. Тоа би чинело најмалку 55 милијарди долари, а потенцијално и до 119 милијарди долари.
Кога побарувачката ја надминува понудата, цените мора да растат. Затоа акциите на добавувачите на ВИ-хардвер ги надминуваат перформансите на повеќето нивни купувачи, односно хиперскејлерите, кои трошат огромни суми за да останат во играта. Исклучок е „Алфабет“ (Alphabet Inc.), благодарение на сопствените иновации во производството на чипови.
„Речиси целата вредност се акумулираше кај производителите на чипови, што е истовремено без преседан и неодржливо“, им порача на клиентите Џејмс Ковело, директор за глобални истражувања.
Најновите извештаи за заработката на хиперскејлерите го откриваат болниот удар од инфлацијата. „Мајкрософт“ очекува повисоките цени на компонентите да додадат 25 милијарди долари на неговите годишни капитални трошоци, кои сега достигнуваат вртоглави 190 милијарди долари. „Мета“ ја зголеми средната вредност на прогнозата за капитални инвестиции за 10 милијарди долари, главно поради трошоците за компоненти, особено мемориските чипови.
ГПУ-чиповите на „Енвидија“ (Nvidia), главните работни машини на вештачката интелигенција кои чинат десетици илјади долари по парче, одамна се машина за правење пари и носат бруто профитни маржи од 75 отсто. Иако најновите модели се неверојатно скапи, тие истовремено се многу поефикасни во перформанси и потрошувачка на енергија. Иновациите на компанијата во паралелната обработка и софтверот заслужуваат признание. Сепак, нејзината доминација на пазарот на ВИ-акцелератори, хардвер што се користи за извршување задачи, доведе огромните профити да бидат нарекувани „данок на Енвидија“.
Технолошките компании сè почесто мора да плаќаат и „данок за меморија“, бидејќи дата-центрите трошат огромни количества меморија. Дел од причината е што најнапредните ВИ-акцелератори бараат многу повеќе меморија со висока пропусност, позната како ХБМ, која претставува исклучително профитабилен и силициумски интензивен облик на динамичка меморија со директен пристап, наменета за брзо и привремено складирање податоци и апликации.
Големата тројка производители на динамичка меморија со директен пристап, „СК Хајникс“ (SK Hynix), „Самсунг електроникс“ (Samsung Electronics) и „Микрон“ (Micron Technology), станаа миленици на берзата и денес заедно вредат повеќе од 2,8 билиони долари.
Оперативните маржи на „СК Хајникс“ достигнаа рекордни 72 отсто во последниот финансиски квартал. „Купувачите му даваат приоритет на обезбедувањето количини пред цената“, без двоумење порачаа од јужнокорејската компанија. Просечните продажни цени на динамичката меморија со директен пристап кај „Самсунг“ пораснале за повеќе од 90 отсто во истиот квартален период во споредба со претходниот квартал.

Трошоците за различни видови меморија би можеле да сочинуваат 30 отсто од капиталните инвестиции на хиперскејлерите во 2026 година, според истражувачката компанија „Семи Аналисис“ (SemiAnalysis). Во 2024 година тој удел изнесуваше само осум отсто.
Хиперскејлерите и таканаречените „неоклауд“ компании, кои изнајмуваат ГПУ-чипови на корисници на кои им е потребен компјутерски капацитет, и понатаму се уверени дека инвестициите ќе им се исплатат, дури и кога често чинат повеќе од очекуваното. Ограничувањата во снабдувањето барем го намалуваат ризикот постарите и помалку ефикасни процесори брзо да ја изгубат вредноста. Цените за изнајмување „растат во сите сегменти“, порачаа од „Кор Вив“ (CoreWeave), една од водечките компании во неоклауд-секторот.

Сепак, самиот обем на капиталните инвестиции во чипови им дава силен поттик на хиперскејлерите да најдат начини за намалување на компјутерските трошоци. Еден од начините е користење алтернативни ВИ-процесори, како оние на „АМД“ (Advanced Micro Devices), или развој на сопствен хардвер — на пример, процесорските единици „Тенсор“ на „Алфабет“, чиповите „Трениум“ на „Амазон“ и „Маја 200“ на „Мајкрософт“.
„Амазон“ очекува „Трениум“ да му заштеди десетици милијарди долари годишно во сопствената потрошувачка. Сопствениците на Клод и Чет ГПТ, „Антропик“ и „Опен еј-ај“, потпишаа милијарди долари вредни договори со компанијата на Џеф Безос за овие чипови, иако најголемиот дел од залихите веќе се распродадени или резервирани во догледна иднина.
Меѓу другите ветувачки иновации, техниката за компресија „Турбо Квант“ на „Гугл“ (Google) би можела да помогне во ограничувањето на трошоците за меморија, додека „Арм“ (Arm Holdings) очекува неговиот нов ЦПУ-процесор да го намали трошокот за еден гигават капацитет на дата-центар за околу 10 милијарди долари. Во меѓувреме, расипничкото трошење на технолошката елита носи и несакани последици. Увозот на хардвер поврзан со вештачката интелигенција од Тајван и други земји дополнително го влошува американскиот трговски дефицит, што Доналд Трамп го смета за показател за економски неуспех.
Покрај самата ВИ-треска, производителите на паметни телефони, гејминг конзоли и персонални компјутери се борат да обезбедат доволни залихи од мемориски чипови, бидејќи производителите им даваат предност на попрофитабилниот пазар на дата-центри и долгорочните договори со хиперскејлерите. Компаниите што произведуваат потрошувачка технологија сега мора или да ги префрлат повисоките цени врз купувачите, или да ги намалат спецификациите на уредите, или да прифатат удар врз сопствените профитни маржи.
Се прогнозира дека глобалната продажба на паметни телефони годинава ќе падне за околу 13 отсто, при што најпогодени ќе бидат поевтините модели. „Нинтендо“ (Nintendo Co.) веќе ја зголеми цената на конзолата „Свич 2“ (Switch 2).
Фабриките за полупроводници се градат со години, па нема изгледи за брз одговор од страната на понудата. Станува збор за индустрија позната по силните циклуси, а неколку компании не така одамна претрпеа големи загуби, поради што денес се внимателни кога станува збор за прекумерно проширување на капацитетите.
Кога ќе се земат предвид и повисоките цени на електричната енергија предизвикани од енергетски интензивните дата-центри, ВИ веројатно уште долго ќе остане значаен инфлаторен фактор.
„Се чини дека огромната побарувачка за полупроводници, мемориски капацитети и други компоненти за изградба на ВИ-инфраструктура се прелева врз потрошувачките цени“, вели економистката Тифани Вајлдинг од „ПИМК“ (Pacific Investment Management Company), посочувајќи го растот на инфлацијата на личната потрошувачка.
Ако поради сето ова Фед не може да ги намали каматните стапки, бескомпромисната и неверојатно скапа потрага на ВИ-лабораториите по суперинтелигенција нема да изгледа само финансиски непромислена. Од општествен аспект, тоа значи дека на крајот цената ќе ја платиме сите.