text size
Минатиот месец „Убисофт“ го затвори своето студио во Белград и им врачи отказ на сите сто вработени што десет години работеа на некои од најголемите светски гејмерски франшизи. Годинава „Зендеск“, „Плејстудиос“ и „Лотоматика“ ги намалија или целосно ги затворија своите канцеларии во Србија. Овие заминувања покажуваат колку регионалната ИТ-индустрија зависи од одлуките на странските централи и од разликите во цената на трудот. Моделот носеше раст додека локалните инженери беа значително поевтини, но не ги направи незаменливи.