text size
Иран ќе се обиде да им забрани на американските и израелските бродови пристап до Ормускиот Теснец и ќе бара надомест од непријателските земји пред да им биде дозволено да го користат, според извештаите на локалните медиуми за предложениот договор меѓу Иран и Оман за управување со клучниот воден пат.
„Тоа очигледно нема да помине добро во Вашингтон“, рече Томас Ворик, поранешен службеник на Стејт департментот, кој сега е виш соработник во Атлантскиот совет. „Наместо двете страни да прават отстапки, двете страни ги зголемуваат барањата.“
И американските и иранските претставници во последниве денови сигнализираа дека се близу до некаков вид договор за Ормускиот Теснец. Претседателот Доналд Трамп, кој се повлече од своите најнови закани за продолжување на воените напади врз Иран, го повтори тоа доцна во средата. Сепак, многу претходни тврдења за непосреден договор се покажаа како неосновани и не е јасно дали предлозите Иран - Оман ќе бидат доволни за повторно да се воспостави проток на сообраќај. Цените на нафтата се искачија по овие вести.
Добро утро, ви пишува Игор Петровски од дигиталната редакција на Блумберг Адрија. Ова се петте вести за почеток на денот:
Зошто инфлацијата во Македонија и регионот е повисока и потрајна отколку во еврозоната?
Цените на храната се главната причина поради која Македонија и останатите земји од Западен Балкан (Србија, Црна Гора, Косово и Албанија) имаат повисока и потрајна инфлација отколку земјите од еврозната, покажува новата анализа на Народната банка. Од неа може да се заклучи дека, иако инфлациските движења во земјите од Западен Балкан вообичаено ги следат оние во еврозоната, последната инфлациска епизода се разликува.
„Главната разлика произлегува од цените на храната, коишто не само што имаа поголем придонес во вкупната инфлација, туку и се приспособуваа значително побавно отколку во еврозоната. Како резултат на тоа, регионот забележа поголем збирен раст на цените на храната и побавно враќање на нивните релативни цени кон преткризното ниво“, се наведува во анализата.
Светот гради ВИ-економија, ние сè уште зборуваме со ЧетГПТ
Во прогнозите за следните две години ММФ нагласува дека вештачката интелигенција сè повеќе ќе ја прави разликата меѓу економиите што растат побрзо и оние што заостануваат. Подобри изгледи имаат земјите што веќе се вклучени во глобалниот технолошки синџир, додека послаби прогнози добиваат економиите што не успеваат да ги искористат придобивките од ВИ.
Токму тука се поставува прашањето каде е Македонија во новата економска карта што, според ММФ, сè повеќе се дели меѓу земјите што успеваат да ја претворат вештачката интелигенција во двигател на продуктивноста и растот и оние што остануваат надвор од технолошкиот циклус. Додека големите економии веќе ги мерат придобивките од инвестициите во ВИ, а некои од европските земји веќе пресметуваат колку технологијата ќе им придонесе за растот на БДП, во Македонија сè уште нема јасна слика колку вештачката интелигенција навистина е дел од секојдневното работење на компаниите.
НЛБ ги објави кварталните резултати - како аналитичарите ги коментираат и што ќе се случи со акцијата
Најголемата словенечка банка, НЛБ, ги објави своите резултати за вториот квартал во четврток. Групацијата НЛБ остварила нето добивка од 133,1 милиони евра во вториот квартал од 2026 година, со раст на приходите во сите клучни категории и пазари, објави таа. И покрај поволниот квартал во кој нето добивката се зголеми за 12 проценти на квартална основа, со зголемување од 33 проценти на нето некаматните приходи во истиот период, банката забележа пад од 8 проценти на нето добивката во првата половина од 2026 година во споредба со истиот период минатата година.
Според податоците собрани од „Блумберг“, 100 проценти од аналитичарите препорачуваат купување акции на најголемата словенечка банка. Просечната 12-месечна целна цена за акциите на банката е поставена на 270,42 евра (пресметката ги зема предвид проценките кои не се постари од последните три месеци), што е околу 17 проценти над цената на затворање во четврток (229 евра).
ИТ-аутсорсинг во регионот: Евтината работна сила повеќе не е предност
Минатиот месец „Убисофт“ го затвори своето студио во Белград и им врачи отказ на сите сто вработени што десет години работеа на некои од најголемите светски гејмерски франшизи. Годинава „Зендеск“, „Плејстудиос“ и „Лотоматика“ ги намалија или целосно ги затворија своите канцеларии во Србија.
Овие заминувања покажуваат колку регионалната ИТ-индустрија зависи од одлуките на странските централи и од разликите во цената на трудот. Моделот носеше раст додека локалните инженери беа значително поевтини, но не ги направи незаменливи. Домашните ИТ-компании со години ја избираа сигурната заработка од продажба на работни часови, додека многу малку размислуваа за вложувања во сопствени производи, продажба и интелектуална сопственост. Токму затоа, во ерата на вештачката интелигенција, овој модел сè повеќе се става под лупа.
Тест на „БЈД сил 6“: Хибрид што поминува 1.350 километри без дизел
Караваните веќе некое време се загрозен вид. „Форд“ му стави крај на „мондеото“, „Опел“ на „инсигнијата“, а многумина се префрлија на кросовер модели. Кинезите донесоа голем семеен караван во Европа со плагин хибриден погон, кој, според ветувањата, може да помине повеќе од 1.300 километри.
Караванот „сил 6“ (Seal 6) е многу убедлив во некои аспекти. Изработката, ергономијата и технологијата се на убедливо и конкурентно ниво. Важни предности се цената и богатата опрема. Тест-примерокот со целата опрема чинеше 37.200 евра. Единствените недостатоци се премногу мекиот тапацир и седиштата без странична потпора. Исто така, би сакал да има кратенки за деактивирање одредени безбедносни системи. „Сил 6“ не е совршен автомобил, но е потсетник дека иднината на долгите патувања можеби веќе не е дизел. Само треба редовно да се полни, вели авто-мото новинарот на Блумберг Адрија.