text size
Американскиот претседател Доналд Трамп засега зазема релативно воздржан став кон дополнителното регулирање на вештачката интелигенција (ВИ), бидејќи сака САД да ја задржат предноста пред Кина. Но ситуацијата станува сè покомплицирана откако модели на „Опен еј-ај“ и „Антропик“ успеаја да излезат од безбедни тест-средини и да нападнат системи на други компании.
Во администрацијата на Трамп постои несогласување околу тоа како треба да се регулира ВИ.
Едната страна, предводена од министерот за финансии Скот Бесент и директорот за национална сајбер-безбедност Шон Кирнкрос, се залага за посилни безбедносни механизми и независен регулатор кој би ја проверувал безбедноста на ВИ моделите.
Другата страна, предводена од советникот за наука и технологија Мајкл Крациос и поранешниот „ВИ цар“ Дејвид Сакс, предупредува дека прекумерното регулирање може да ја задуши иновацијата и да ѝ овозможи на Кина да ја стигне Америка.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот на денот, во избор на дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“ од Скопје.
„Опен еј-ај“ ја става безбедноста на прво место и годинава не излегува на берза
„Опен еј-ај“ (OpenAI) годинава нема да излезе на берза, бидејќи ќе се фокусира на решавање на безбедносните прашања поврзани со вештачката интелигенција, изјави извршниот директор на компанијата, Сем Алтман, во интервју за „Форчун“ (Fortune).
„Сметам дека е неприфатливо да преземеме ризик од околу 10 отсто да го убиеме човештвото до крајот на оваа деценија“, изјави Алтман. „Мислам дека сега влегуваме во нова ера и дека, како и порано во слични моменти на одлука, ќе мора да го промениме начинот на кој постапуваме за да обезбедиме оваа технологија да му користи на целото човештво, а притоа никој да не презема ни приближно толку голем ризик.“
Овие изјави доаѓаат во момент кога Алтман, извршниот директор на „Антропик“ (Anthropic), Дарио Амодеи, и соосновачот и директор на компанијата „Екс еј-ај“ (xAI), Илон Маск, викендов укажаа на потребата да се забави темпото на развојот на ВИ поради сè поголемите ризици што оваа технологија ги претставува за човештвото. Тоа е редок случај лидерите на трите главни конкуренти во оваа област да се согласат за некое прашање.
Инфлацискиот удар ќе биде долготраен, вели Лагард
Инфлацијата во еврозоната ќе остане зголемена извесно време, според претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард.
„Имаше голем шок кој веројатно ќе трае подолго отколку што очекувавме“, изјави Лагард во интервју за „Квест Франс“ (Ouest-France).
Војната со Иран и „уништувањето на капацитетите за рафинирање ширум светот, особено во Русија, доведоа до зголемување на трошоците за енергија, а тоа ги придвижува сите цени нагоре“, рече таа. „Во ваква ситуација, а бидејќи имаме и отпорна економија, ние сме обврзани да реагираме.“
Новите проекции на ЕЦБ објавени во четвртокот покажаа побрз раст на инфлацијата во 2027 и 2028 година, при што инфлацијата во втората година сега е малку над целното ниво од 2 отсто.
Без батериски паркови нема да имаме бенефит од соларната енергија
Во јуни годинава најмногу сме трошеле струја од сонце. Податоците на државната статистика покажуваат дека за првпат производството на електрична енергија во фотонапонските централи се доближи до 40 отсто. Ова е рекордно месечно производство на соларните панели од почетокот на инвестицискиот циклус, кој почна во 2022 година, во периодот на енергетската криза.
Сепак, рекордното производство на електрична енергија од сонцето не им носи и рекордни профити на инвеститорите. Напротив. Во дневните часови производство нагло расте, а цената паѓа.
„Многу е битно да напоменам дека фотонапонските централи треба да ги надградиме со батериски складишта во кои ќе може да се складира електричната енергија произведена во часовите кога има сонце и се појавува вишок. На пример, помеѓу 12 и 16 часот произведената енергија ќе ја складираме во батериите, а помеѓу 18 и 22 часот ќе ја пуштаме во мрежата за да може да се искористи односно потроши. На тој начин правиме два бенефита, едниот е економски и фотонапонските централи стануваат поисплатлив бизнис односно продаваат струја по многу повисока цена, а вториот бенефит што не се оптоварува преносната и дистрибутивна мрежа“, вели Марјан Јовчевски, сопственик на неколку енергетски компании во Штип.
Роботаксијата реалност во регионот
Индустријата за роботакси се наоѓа во преодна фаза, преминувајќи од технолошко експериментирање кон внимателно, но вистинско комерцијално ширење. Безбедносните предизвици, регулаторните пречки и високите трошоци за инфраструктура продолжуваат да го забавуваат масовното прифаќање, но насоката е јасна: автоматизираниот транспорт станува сè почест елемент на урбаната мобилност ширум светот.
Во оваа приказна, Загреб неочекувано презеде улога што ги надминува димензиите на градот. Додека „Вејмо“ и другите гиганти допрва се подготвуваат да влезат во европските метрополи како Минхен, хрватскиот главен град веќе покажува како изгледа таква услуга во реални сообраќајни услови.
Ова ја позиционира Хрватска не само на мапата на овој глобален тренд, туку и во првите редови на оние што го тестираат, учат од него и ја обликуваат неговата иднина во Европа.
Трамп отвора врата за кинеските автомобили во САД
Претседателот на САД Доналд Трамп навести дека би можел да му дозволи на некој кинески производител на автомобили да произведува електрични возила во САД, под услов да ги произведуваат американски работници. Истовремено порача дека ќе ја задржи де факто забраната за увоз на автомобили од Кина.
Трамп во интервју за „Фокс“ (Fox News) ја отфрли можноста да дозволи увоз на кинески автомобили во САД. „Не ги дозволуваме нивните автомобили на пазарот во САД и никогаш не сме ги дозволувале“, рече тој. Додаде дека во спротивно американскиот автомобилски пазар би бил преплавен со кинески возила.
„Ако Кина сака да дојде овде и да отвори фабрика за производство на своите автомобили, мене тоа би ми било во ред - Јапонија го прави тоа, но тие вработуваат наши луѓе“, рече Трамп, „Најважно е да вработуваат наши луѓе, да ја користат нашата работна сила.“