Однадвор, најновите ајфони на „Епл“ (Apple), кои беа промовирани синоќа, не се впечатливо различни од минатогодишните модели - освен малото копче сместено во долната десна страна.
Оваа функција, копчето за контрола на камерата, е вклучена во сите четири верзии на новиот „ајфон 16“ (iPhone 16) и изгледа како малку вдлабнат жлеб. Ако го притиснете еднаш, веднаш ќе се појави екранот за стартување на камерата, што ќе ви овозможи фино да ја приспособите снимката. Вториот допир ќе ја направи фотографијата.
Идејата е да се пренесе искуството од користењето копче за бленда на дигитална камера - попозната како DSLR. Процесот е многу едноставен и најдобро функционира доколку телефонот го држите во десната рака, користејќи го палецот на копчето. Можно е да го направите тоа со левата рака, иако можеби ќе треба малку поголема претпазливост.
Оттука, работите стануваат помалку предвидиви. Додека правев практичен тест на технологијата во кампусот на „Епл“ во Купертино, Калифорнија, беше потребно време да се искористат некои од другите функции на копчето.
Освен притискање за да се направи фотографија или да се започне видео, можете да го одржите контактот со прстот на копчето и лесно да допрете двапати за да се префрлате низ опциите на камерата. Можете исто така да го приспособите нивото на зум или - во зависност од режимот што сте го избрале - да ги менувате другите поставки со лизгање на прстот преку копчето.
Овој дел не оди секогаш лесно. Голем број луѓе што ја тестираа функцијата, како и дел од персоналот на „Епл“, имаа проблеми да го активираат менувањето на режимот првиот пат.
Има некои други суптилни промени во линијата на новиот ајфон. Верзиите „про“ сега имаат малку поголеми димензии на екранот, односно 6,3 и 6,9 инчи во зависност од моделот. Тие исто така ги имаат најтенките рамки од кој било производ на „Епл“, што помага да се максимизира површината на екранот.
И покрај тоа, многу потрошувачи можеби нема да ја забележат разликата. Екранот од 6,3 инчи на „ајфон 16 про“ (iPhone 16 Pro) не изгледа извонредно голем кога се држи наспроти неговиот претходник од 6,1 инчи.
Посуштинските промени годинава ќе дојдат во форма на ажурирања на софтверот - најзначајни се пакетите алатки за вештачка интелигенција наречена Епл интелиџенс (Apple Intelligence - AI). Но ќе мора да бидете трпеливи: бета-верзијата на таа технологија ќе дебитира следниот месец, веднаш откако ајфоните ќе бидат пуштени во продажба.
Раната имплементација на Епл интелиџенс ќе се фокусира на сумирање текст, генерирање одговори во е-пошта и други пораки, како и уредување фотографии. Тие способности беа импресивни за време на тестовите, но исто така се во согласност со она што е достапно преку „Адоби“ (Adobe Inc) и „Гугл“ (Google).
Моделот „16 про“ има и камера со ултраширок агол од 48 мегапиксели - нешто што изгледа како чекор напред за љубителите на фотографијата.
Сири (Siri), гласовниот асистент, има освежен интерфејс. Кога ќе се активира, функцијата блеска околу границите на екранот на телефонот. Можете исто така да поставувате прашања до Сири без глас, со внесување текст во командната лента.
Телефоните имаат помоќни процесори, а тоа е очигледно кога менувате апликации и се справувате со други задачи. „Епл“ исто така го опиша новиот модел „про макс“ (Pro Max) како теледон на „Епл“ со најдобро траење на батеријата досега - нешто што ми се виде особено привлечно откако ја испразнив батеријата на мојот „15 про“ за време на настанот.
Производителот ги задржа цените стабилни за новата постава. „Ајфон 16“ започнува од 799 долари, а моделот „плус“ има цена од 899 долари. „Ајфон 16 про“ чини 999 долари, а „про макс“ започнува од 1.199 долари. Преднарачките започнуваат в петок, а телефоните се испорачуваат од 20 септември.