Криптоиндустријата никогаш не била поголема. Глобалните пазари бележат рекордни капитализации, институционалните инвеститори сѐ почесто стапуваат на сцена, а секојдневно се појавуваат нови проекти. Но, со проширувањето, доаѓа и другата страна на медалот - измама, хакерски напади и финансиски манипулации што може скапо да ги чинат инвеститорите.
Довербата во криптовалутите често се заснова на ветувања за децентрализација и транспарентност, но реалноста е далеку од идилична. Поради недостиг од регулатива, лоши безбедносни протоколи и недостиг од свест на корисниците, криптосекторот стана рај за сајбер-криминалците. Зголемените измами и хакерски напади покажуваат дека овој свет е полн со можности, но и со опасности. Последниот напад се случи на една од најголемите платформи во индустријата - „Бајбит“ (Bybit).
Групата Лазарус го испразни „Бајбит“
Прочитај повеќе

Крипто лудило меѓу политичарите
Сѐ повеќе луѓе кои се славни или пак имаат политичка поддршка се вртат кон криптото
22.02.2025

Криптоскандалот со аргентинскиот претседател се проширува со обвинувања против неговата сестра
Политичката прашина околу улогата на аргентинскиот претседател Хавиер Милеи во криптоскандалот го насочи вниманието кон неговата најблиска советничка и чуварка: неговата сестра.
19.02.2025

Криптоиндустријата на изборите во ноември го доби тоа што го сакаше. Што понатаму?
Криптоиндустријата сега е во положба да ги ублажи финансиските прописи што би ги заштитиле корисниците во случај на нов крах на криптовалутите.
21.02.2025

Како да инвестирате во криптовалути
Популарноста и вредноста на криптопазарот пораснаа во текот на изминатата година, додека начините за инвестирање во оваа високонестабилна класа на средства стануваат поразновидни и подостапни.
21.02.2025

Како да избегнете трагедија при купување биткоин?
Секакви видови на ужасни сведоштва може да се прочитаат на интернет, каде што поединци останале без своите пари поради губење на криптографски клучеви на биткоини или поради измама и злоупотреба.
12.02.2025
„Бајбит“, една од водечките берзи за крипто со седиште во Дубаи, стана жртва на најголемиот хакерски напад во 2025 година, губејќи неверојатни 1,46 милијарда долари во етериуми од својот ладен паричник.
Според истражувањето на блокчејн-аналитичарите, зад нападот стои севернокорејската хакерска група Лазарус, која е поврзана со голем број претходни криптограбежи, вклучувајќи ги и нападите на „Ронин бриџ“ (Ronin Bridge), во износ од 625 милиони долари, и на „Атомик волет“ (Atomic Wallet), со вредност од 100 милиони долари. Лазарус се специјализирани за напади на криптоменувачници, често користејќи софистицирани техники за социјално инженерство и манипулација со паметни договори.
Во овој случај хакерите ја искористиле безбедносната дупка во т.н. multi-sig ладен паричник. Поточно, нападот го извршиле хакери користејќи маскиран кориснички интерфејс, кој ја прикажувал точната адреса за потпишување на трансакцијата. Но, во реалноста, додека податоците прикажани на администраторите изгледаа чисто, трансакцијата беше пренасочена кон компромитирани адреси.
Откако средствата беа префрлени, напаѓачите брзо ги поделија на десетици различни етериум-адреси и почнаа да ги тргуваат преку децентрализирани берзи (DEX), што го отежнува следењето на трансакциите.
И покрај итната реакција, „Бајбит“ не можеше да го спречи трансферот на средства, но тие веднаш почнаа внатрешна истрага и најмија фирми за блокчејн-аналитика за да се обидат да ги идентификуваат и блокираат компромитираните адреси. Извршниот директор на „Бајбит“, Бен Џоу, изјави дека сите засегнати корисници ќе бидат обесштетени од сопствените средства на берзата или преку надворешни инвестиции.

ЗахХБТ – детектив во сенка
Меѓу првите што ги забележаа сомнителните трансакции беше ЗахХБТ (ZachXBT), анонимен истражувач на блокчејн, познат по откривање измами и следење криминални активности на блокчејнот. За неколку часа ЗахХБТ идентификува пет клучни адреси на кои беа префрлени средствата, а потоа и нивната понатамошна дисперзија низ голем број други паричници и децентрализирани берзи.
Неговата анализа укажа на неверојатната брзина и прецизност со која дејствувале хакерите. Средствата за само неколку часа беа поделени на повеќе од 39 различни адреси, а значителен дел веќе почна да се претвора во разни токени за да се покријат трагите.
Овој инцидент е дополнителен доказ дека децентрализацијата е и сила и слабост на криптовалутите. Иако обезбедува анонимност и слобода, таа исто така им овозможува на криминалците да работат во сивата зона на финансиите, и тоа со релативна леснотија.
Петте најголеми криптоизмами што го потресоа пазарот
Хакерските напади како оној на „Бајбит“ не се изолирани инциденти. Криптоиндустријата со години се соочува со низа софистицирани измами, кои ги чинат инвеститорите милијарди долари. Одвоивме пет од најистакнатите случаи што покажаа колку лесно може да се манипулира со нерегулиран пазар.
1. „Уан коин“ - понзи-шемата на векот
„Уан коин“ (OneCoin) се претставуваше како „убиец на биткоин“, но тоа беше најголемата крипто понзи-шема на сите времиња. Ја започна Руја Игнатова, позната како криптокралица, која успеа да измами инвеститори за повеќе од пет милијарди долари пред да исчезне во 2017 година. Без вистински блокчејн или вистинска технологија, „Уан коин“ беше обична измама што се потпираше на агресивниот модел МЛМ (англ. multi-level marketing - MLM).
Depositphotos
2. „Битконект“ – „инвестирајте и збогатете се“
„Битконект“ (Bitconnect) ветуваше месечен профит од 40 проценти преку алгоритамска стратегија за тргување. Многумина паднаа на приказната, а вредноста на токенот BCC експлодира... Сѐ додека не пропадна. Во јануари 2018 година, по регулаторните истраги, платформата беше затворена, оставајќи зад себе 3,5 милијарди долари отштета.
3. „Сквид гејм токен“ (Squid Game Token) – инспирација што ги уништи инвеститорите
Во екот на популарноста на сериите на „Нетфликс“ се појави „Сквид гејм токен“ (Squid Game Token), наводно поврзан со франшизата. Цената скокна од неколку центи на повеќе од 2,8 илјади долари, но креаторите нагло ја повлекоа ликвидноста и исчезнаа со повеќе од 3,4 милиони долари, оставајќи ги инвеститорите со безвредни токени.
4. „Плус токен“ – кинеска пирамидална шема
„Плус токен“ (PlusToken) привлече милиони корисници ветувајќи стабилен поврат на инвестицијата. Но платформата всушност беше класична пирамидална шема, а креаторите избегаа со повеќе од шест милијарди долари кориснички средства, што ја прави една од најголемите финансиски измами во историјата на криптовалутите.
5. „Тера“ (ЛУНА) – колапс на „стабилни“ криптовалути
За разлика од класичните измами, ЛУНА (LUNA) не беше измама од самиот почеток, но заврши како една од најголемите катастрофи во историјата на криптото. „Стејблкоин тера УСД“ (Stablecoin terraUSD - UST) требаше да биде рај за инвеститорите, но неговиот алгоритам падна во мај 2022 година, бришeјќи повеќе од 40 милијарди долари од пазарната вредност, и предизвика верижна реакција на банкротства на криптофирми.
Овие измами и напади јасно покажуваат колку е иновативна и истовремено хаотична криптоиндустријата. Додека децентрализацијата овозможува финансиска слобода, таа исто така обезбедува бескрајни можности за криминалците и за измамниците.
Случајот „Бајбит“ уште еднаш го стави во преден план прашањето за безбедносните протоколи и за потребата од подобра заштита на средствата на корисниците. Криптоинвеститорите мора да бидат крајно претпазливи. Никогаш не инвестирајте во проекти што ветуваат загарантиран профит, секогаш проверувајте ја безбедноста на берзите со кои тргувате и користете дополнителни заштитни мерки како хардверски паричници.
Криптовалутите се финансиска револуција, но и минско поле полно со измами. Само тие што се едуцираат, истражуваат и не паѓаат на бајки за брзи пари можат долгорочно да опстанат во тој простор.