Годишната стапка на инфлација во октомври, годинава зајакна во регионот Адрија, освен во Словенија каде што благо забави. Во просек стапката на инфлација во регионот изнесуваше околу 15 проценти. Истовремено, базичната стапка на инфлација (Хармонизиран индекс на потрошувачки цени - ХИЦП минус енергија и храна) во просек беше 13 проценти. Оттука полека, но сигурно базичната инфлација се приближува до основната стапка. Клучен белег е тоа што очигледно сè уште има доволно домашна побарувачка за да се овозможи понатамошно зголемување на цените, особено во случај на базичните категории, укажува аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“ во новата анализа во која меѓудругото се даваат прецизни прогнози за движењето на инфлацијата во регионот во следните две години.
Македонија со највисока инфлација во регионот
Гледано по земји, инфлацијата (ХИЦП) во Македонија достигна рекордно високо ниво од 19,4 проценти годишно (најголема стапка во регионот), главно поради посилниот раст на цените на зеленчукот (22,2 проценти наспроти 12,6 проценти во септември) и недостигот од владина помош за високите цени.
Годишната стапка на инфлација во Хрватска се врати на рекордно ниво од 12,7 проценти, последен пат забележано во јули годинава, што доаѓа по стагнацијата во претходните два месеци на 12,6 проценти. Нашите аналитичари посочуваат дека на годишниот раст на потрошувачките цени во Хрватска примарно влијаел растот на цените во категориите храна и безалкохолни пијалаци (19,4 проценти), а потоа следуваат категориите домување, вода, струја, гас и други горива (16,4 проценти) и ресторани и хотели (18,1 проценти).
Годишната стапка на инфлација во Босна и Херцеговина забрза на рекордно ниво од 17,4 проценти во октомври 2022 година наспроти 17,3 проценти на годишно ниво во септември.
„Најсилен придонес во вкупниот пораст на цените на годишно ниво имаа повисоките цени на храната за 27,3 проценти, што главно се должи на недостигот од мерки за државна помош за населението, особено ако се има предвид глобално стабилизирачката состојба во однос на цените на храната“, велат од аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“.
Во Србија, инфлацијата го забрза своето темпо петнаесетти месец по ред, достигнувајќи речиси рекордно ниво од 14,6 проценти на годишно ниво (претходната највисока вредност од 14,7 проценти беше забележана во април 2008 година). Доминантен придонес имаше порастот на цените на храната и безалкохолните пијалоци и на домувањето, водата, струјата, гасот и другите горива (23 и 17,2 проценти на годишно ниво, соодветно).
„Случајот на Словенија е различен од остатокот од регионот, бидејќи инфлациските притисоци омекнаа трет месец по ред и изнесуваат 10,3 проценти на годишно ниво. Во позадината на омекнувањето на инфлацијата се пониските цени на транспортот во однос на еден месец претходно (10,4 проценти во октомври наспроти 15,8 проценти во септември)“, посочуваат нашите аналитичари.
Нормализирање дури во 2025 година
Што се однесува до изгледите за инфлација, нашиот аналитички тим очекува пресврт во периодот меѓу во четвртиот квартал од 2022 година и првиот квартал од 2023 година, со сериозно забавување на инфлациските притисоци дури во вториот дел од 2023 година. Тоа главно би било поттикнато од високиот базен ефект, затегнувањето на монетарната политика, намалувањето на цените на храната и енергијата (иако ова година владите ширум регионот ги субвенционираа трошоците за крајните корисници и тие субвенции се очекува да исчезнат напролет во 2023 година) и намалената побарувачка.
Оттаму потенцираат дека една сериозна непозната за следната година останува геополитичката несигурност, која може значително да го промени реалниот исход на инфлацијата во годината што следи и понатаму.
„Сè на сè, очекуваме просечни годишни стапки на инфлација во регионот Адрија да бидат во опсег од 8 до 13 проценти во 2023 година, при што Словенија и Хрватска се на долниот крај на листата додека Македонија е на врвот. Очекуваме дека таргетираната цел за стапка на инфлација од 2 проценти ќе се реализира во 2025 година“, велат од нашиот аналитички тим.
Се очекува каматните стапки на пазарот на пари да се зголемуваат понатаму, што ќе биде проследено со раст на каматните стапки на приватниот сектор.
„Очекуваме монетарната власт на еврозоната да ги зголеми стапките за дополнителни 75 базични поени, при што циклусот на зголемување најверојатно ќе заврши во првата половина од 2023 година. Стапките на српската централна банка би требало да се зголемат за дополнителни 100 базични поени во текот на следните шест месеци, а очекуваме македонската Народна банка да ја зголеми каматата за дополнителни 100 базични поени во следните шест месеци во услови на тековна борба против постојано високата инфлација и потребата да се заштити стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото“, велат од аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“.
Целата анализа подолу на линкот