Анализа

Во Македонија добро им оди, но профитите на фирмите за достава под притисок

Автор: Наташа Хаџиспиркоска Стефанова

15 мај 2023, 08:00

Кризата во 2022 година негативно влијаеше на секторот за испораки

Трошоците за гориво пораснаа, а тие се клучна ставка во нивното работење

Испораката на храна имаше брз раст за време на пандемијата

Depositphotos

По растот во пандемиските 2020 и 2021 година, индустријата за курирски, експресни и пакетни услуги (КЕП) во 2022 година бележи намалување, а сличен тренд се очекува и оваа година, стои во најновата анализа на аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија инсајт“.  

Иако финансиските извештаи за поголем дел од компаниите за минатата година сè уште не се готови, нашите аналитичари прогнозираат дека неповолната макроекономска средина ќе влијае на профитабилноста на индустријата во регионот, пред сè поради зголемените трошоци за гориво, кои се главен влезен трошок во секторот.

„На пример, по трошоците за вработените, трошоците за гориво се следниот најголем трошок во вкупната структура на трошоците на српските компании ЈУ-ПД (YU-PD, 11 проценти) или ’Бексекспрес’ (Bexexpress, 14 проценти). Сметаме дека неможноста за навремено и рамномерно пренесување на зголемените трошоци на крајните клиенти ќе има негативно влијание врз минатогодишните маржи“, велат аналитичарите на „Блумберг Адрија“.

Трендот од лани се очекува да се преслика и во текот на 2023 година. Профитабилноста ќе се намали главно поради влошеното економско опкружување, што ќе изврши дополнителен притисок врз цените за испорака.

Е-трговијата ќе влијае позитивно на индустријата за испораки

Од друга страна, со растот на е-трговијата, компаниите за испорака ќе се соочат со потребата да го подобрат или одржат доброто искуство на своите клиенти, особено преку побрзи испораки. Тоа, природно, дополнително ќе ги зголеми трошоците и ќе направи уште поголем притисок врз компаниите.

Електронската трговија сè уште е во развој во регионот, особено во Македонија, Србија и Босна и Херцеговина тоа се гледа преку помалиот удел на е-клиентите, во споредба со просекот на Европската Унија, без оглед на релативно голема употреба на интернет во овие земји.

Според тимот аналитичари на „Блумберг Адрија“, силните продажни резултати во последниве години се придружени со солидни профитни маржи, а просечната маржа ЕБИТДА и ЕБИТ забележа раст од пет процентни поени во 2020 година и, што е уште поважно, овие профитни маржи останаа речиси на истите нивоа во 2021 година.

„Кога станува збор за конкурентите за испорака на храна, нивните финансиски податоци покажуваат дека овој сектор е во рана фаза на развој, што се покажува преку различните финансиски резултати што се остварени во последните години“, велат аналитичарите.

Сепак, пазарот е многу поразвиен, има  многу компании што се појавуваат и се обидуваат да добијат удел. Тоа е прослeдено и со аквизиции - како што е преземањето на „Волт“ (Wolt) од „ДорДаш“ (DoorDash) и купувањето на „Донеси“ (Donesi) и „Ехрана“ (Ehrana) од страна на „Гловo“ (Glovo).

„Со овие две аквизиции, де факто во регионот Адрија сега функционира дуопол, доминиран од ’Волт’ и ’Гловo’, со најголем пазарен удел во испораката на храна“, велат аналитичарите.

BloombergAdria.com

 

Притисокот врз платите ќе продолжи

Нашите аналитичари напоменуваат дека во индустријата има голем број вработени, таа е трудоинтензивна, а неодамнешните трендови ја намалуваат атрактивноста за работата во овој бизнис.

„Имено, со зајакнувањето на конкуренцијата и проширувањето на пазарот, стана видлив проблемот со намалената просечна профитабилност на компаниите за испорака, додека обемот на работа растеше со двоцифрена стапка“, објаснуваат аналитичарите.

Тоа значи дека притисоците врз платите ќе продолжат поради високите трошоци за живот и зголемената дигитализација, што негативно ќе влијае на дополнителните извори на приход, како што е бакшишот, создавајќи повеќе бариери за профитабилноста на компаниите за испорака.

Аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“ смета дека алтернативно решение за одбрана на профитабилноста, на долг рок, се таканаречените зелени решенија, односно користење електрични автомобили и проширување на ПУДО-мрежата.