Регион

Македонија ќе плаќа ‚најсолени‘ камати за нови задолжувања

Извор: Владимир Николоски, Тео Зориќ, Карло Вајдиќ, Александра Ненадовиќ, Борис Черни

17. Јули 2022, 22:50

Камати од 6,7 проценти за задолжувања на С.Македонија

Србија е на вторто место со камати од 6,5 проценти

Остатокот од регионот е под помал притисок на страната на задолжувањето

Македонија ќе плаќа ‚најсолени‘ камати за нови задолжувања

Bloomberg

Највисоки камати за нови задолжувања меѓу земјите од регионот Адриа во моментов имаат Македонија со 6,7 проценти и Србија со 6,5 проценти, покажа анализата на „Блумберг Адриа“ на приносите за петгодишните државни обврзници. Остатокот од регионот е под помал притисок на страната на задолжувањето. Огромните инфлаторни притисоци и војната во Украина поттикнаа аверзија кон ризици, што предизвика раст на каматите за нови задолжувања насекаде во светот.  Во услови кога парите условно кажано поскапуваат, кога има намалена економска активност и навестувања за рецесија, од огромно значење за земјите од регионот е пристапот до капитал односно начинот на кој би го финансирале буџетскиот дефицит. Правиме детална анализа за обврзниците во регионот.

Простор за развој во земјава   

Првата аукција на државни хартии од вредност во Македонија е реализирана во јануари 2004 година со емисија на тримесечни државни записи. Оттогаш до денес, има значителен напредок во однос на понудата на краткорочни државни записи и долгорочни обврзници на примарниот пазар. Пред четири години, Македонија прв пат издаде државна обврзница со време на достасување на 30 години, што се покажа како добар чекор со оглед на тоа што кај инвеститорите имаше двојно поголема побарувачка отколку понудениот износ.  Државата денес издава обврзници со и без девизна калузула, а карактеристично е дека во изминатиов период најчести се аукциите на 12-месечни записи. Имено, Министерството за финансии на примарниот пазар во текот на 2021 одржа 47 аукции, од кои 23 аукции на 12-месечни државни записи, а останатите на обврзници со рок на достасување од 2 до 15 години. Забележително е и дека расте и интересот на инвеститорите за тргување со државните хартии од вредност на секундарниот пазар. Заклучно со јуни на пазарот има недостасани државни обврзници вредни 148,7 милијарди денари (2,4 милијарди евра). 

Во март, 2021 година Македонија ја издаде осмата еврообврзница на меѓународниот пазар на капитал во вредност од 700 милиони евра со историски најниска каматна стапка од 1,625 проценти и рок на доспевање од седум години. На меѓународниот пазар се тргува и со дел од претходно издадените еврообврзници, а приносите во зависност од времето на достасување се движат од 1,39 до 2,72 проценти. 

Поради новите глобални текови и задолжувањата, македонската Влада денес може само да сонува за пари од меѓународните пазари по толку ниски каматни стапки. Токму затоа во новата стратегија за управување со јавниот долг се предвидува  Министерството за финансии да се фокусира на издавање државни хартии од вредност во домашна валута и воведување таканаречени „Развојни обврзници“, коишто би биле индексирани за стапката на инфлација, со што би требало да се поттикне финансирањето на развојните проекти во земјата. Се планира и воведување „Зелени обврзници“ за поттикнување и поддршка на проекти за унапредување и заштита на животната средина, како и „Проектни обврзници”кои би биле алтернативен начин за финансирање на проекти поврзани со инфраструктура. 

Словенија со највисок рејтинг

Од сите земји во регионот Адриа, Словенија има највисок кредитен рејтинг, што значи дека имателите на државни обврзници се посигурни дека ќе си ги вратат вложените пари.

Првата обврзница во независна Словенија е издадена во јануари 1993 година со рок на доспевање во 2000 година, објаснуваат од Министерството за финансии во Љубљана. Обврзницата била деноминирана во претходникот на еврото, системот ECU, главнината била исплатена во износ од 28 милиони евра, но плаќањата се вршеле во тогашната словенечка валута, толарот. Во јануари 2021 година беше издадена обврзница за доспевање од 60 години, во износ од 500 милиони евра. Ова е доказ и за довербата на институционалните инвеститори во Словенија. Кога инвеститорите сакаат да ја проверат ризичноста на Словенија и другите земји, тие обично гледаат на десетгодишната репер обврзница. Обврзницата на Република Словенија, која доспева во март 2032 година, го достигна највисокото ниво на 14 јуни, кога приносот скокна на 2,77 отсто, покажуваат податоците на „Блумберг“. 

Според Блаж Хрибар, економист и член на одборот на „Покојнинска дружба“ во Љубљана нема потреба од зголемен обем на издавање на државни обврзници во наредните месеци.

„Во иднина очекувам умерен притисок врз нивото на каматните стапки поради очекувањата дека инфлацијата ќе биде потрајна отколку што многумина мислат. Нивото на каматните стапки на словенечките државни обврзници, како и судбината на економскиот раст во Европа, е силно зависна од цената на гасот и електричната енергија во Европа“, објаснува Хрибар,

Членството во ЕУ знак за безбедност

Во првиот дел од деведесеттите, Хрватска издаваше различни обврзници, но тие беа пред се последица на тогашните нерасчистени состојби во стопанството и со одредена цел. Како и во повеќето земји од регионот имаше обврзници за старо девизно штедење, т.н големи обврзници што ги користат компаниите за подмирување на нивните обврски кон банките, како и обврзници за реконструкција или оние што се издадени за рехабилитација на банките. Поконкретно создавање на вистинскиот пазар на обврзници дојде во вториот дел од деведесеттите. Првите две емисии на меѓународниот пазар се појавија на крајот на јули 1996 година. Денеска две третини од вкупниот долг на општата влада, кој на крајот на март изнесуваше 342,5 милијарди куни, се во обврзници. 45 отсто се во домашни емисии, а дополнителни 21 отсто се во обврзници издадени на странски пазар. Во првата деценија од милениумот, задолжувањето во странска валута беше нешто поевтино отколку во куни, но со текот на годините, со намалувањето на ризикот, задолжувањето во странска и домашна валута поевтинуваше. Ова го илустрираат податоците на Хрватската народна банка за трендовите на приносите.

Bloomberg
 

На пример, приносот до достасување за десетгодишните обврзници во евра во 2004 година беше околу пет отсто, а лани беше помал од еден процент. Слична е ситуацијата и со куна обврзниците. Додека во 2003 година петгодишните обврзници имаа принос до достасување поголем од шест отсто, лани тој беше дури и помал од 0,1 отсто. Во меѓувреме, во последните две години состојбата се влоши поради низа фактори. Неизвесноста во светските финансии се појави со пандемијата, дополнително се вжешти со рускиот напад врз Украина, а високата инфлација додава масло на огнот во последниве недели. За намалувањето на ризичноста и намалувањето на трошоците за задолжување Хрватска пред се треба да се заблагодари на нејзиното членство во Европската унија, поради што се смета за безбедна земја. Ниту очекуваното влегување во еврозоната нема значително да го промени профилот на ризик, а како што може да видиме деновиве, ниту ненадејната оставка на министерот за финансии не остава белег на цената на државните обврзници.

Недоволно развиен пазар во БиХ

Пазарот на капитал во Босна и Херцеговина е на многу ниско ниво, а состојбата на висока инфлација само дополнително ја влошува таа слика. Во ситуација кога инфлацијата е 14 проценти, треба да се понуди повеќе на пазарот на обврзници за да бидат интересни за инвеститорите. Сепак, ова е неостварливо знаејќи дека инфлацијата е минлива и дека обврзницата останува. Убедливо најважните актери на пазарот на обврзници се владите на ентитетите. Нивните емисии немаат јасна стратешка улога во однос на финансирањето на некои инфраструктурни проекти, но новите емисии главно се користат за плаќање на обврските врз основа на претходните емисии. Како ексклузивни купувачи на овие хартии од вредност се јавуваат банките, кои на овој начин ја пласираат својата вишок ликвидност, во отсуство на примарни кредитни пласмани.

Bloomberg
 

Главниот аналитичар на „Блумберг Адриа“, Андреј Кнез смета дека нагорниот притисок врз приносите и маржите се донекаде искривени на некои обврзници поради слабата ликвидност, како што е случајот во БиХ.

Тој истакна дека покрај огромниот инфлациски притисок, војната во Украина главно ја поттикнува одбивноста кон ризик и дека тоа е причината за растот на стапките. Тој смета дека оваа аверзија ќе доминира на светските пазари во иднина, што ќе ги држи распоните под нагорен притисок. 

Секундарниот пазар, генерално, не е доволно развиен во Босна и Херцеговина. Исклучително мали количини, речиси комични, се присутни во секојдневното тргување на ентитетско или државно ниво.

Србија ќе се задолжува на домашниот пазар

Српскиот пазар на обврзници сè уште е недоволно развиен, а управувањето со долгот носи поголеми и посложени ризици во управувањето со должничкото портфолио на државата и стратегиите за финансирање од оние на поразвиените пазари. Во повеќето земји, државните обврзници се нискоризични и високоликвидни инструменти, со добро развиена пазарна инфраструктура, но тоа сè уште не е случај во Србија. Обемот на тргување е релативно мал и оваа година интересот за купување должнички хартии од вредност на Србија е намален.

Bloomberg
 

На 19 август 2002 година, Република Србија издаде обврзници од серија А од 4,2 милијарди евра, што беше вкупниот долг на Република Србија кон штедачите на стари девизни заштеди.  Во 2019 година Србија за прв пат ја издаде првата државна обврзница деноминирана во евра на меѓународниот пазар на капитал, која изнесува една милијарда евра, која доспева во 2029 година и котира на Лондонската берза. Министерот за финансии на почетокот на годинава најави дека државата годинава нема да се задолжува на странскиот, туку само на домашниот пазар. Според новите одлуки на Владата на Србија, од оваа година државата може да продава државни обврзници со непосредни преговори со квалификувани инвеститори, како во земјата, така и во странство.

Србија од почетокот на оваа година издаде државни обврзници во вредност од 1,2 милијарди динари, додека за цела минатата година издаде обврзници од 1,3 милијарди динари, што е исто толку за кое државата се задолжи во 2020 година. Јавниот долг на Србија во моментов изнесува 52,4 отсто од БДП. Србија треба да ја промени долгорочната рочна структура, префрлајќи го националниот долг од краткорочен на долгорочен, со што би се стабилизирал јавниот долг и би се привлекле странски инвестиции. Затоа државата пред две години првпат издаде долгорочна обврзница со рок на доспевање од 20 години, а потоа и обврзници со рок на доспевање од 25 и 30 години.

 

Сите новости од рубриката Анализа

Алкалоид АД Скопје
Компании

Алкалоид АД Скопје

„Алкалоид“ AД Скопје е компанија која работи на производство на лекови, преработка на билни суровини и на производство на козметички и на хемиски производи.

28.06.2022

КОСТАЛ Македонија
Компании

КОСТАЛ Македонија

КОСТАЛ МАКЕДОНИЈА е една од водечките компании на глобално ниво за производство на електронски и мехатронски компоненти за автомобилската индустриј

27.06.2022

Анализа

сите новости од рубриката Анализа