Добивката на „УБС груп“ во третиот квартал ги надмина очекувањата, поттикната од зголемените приходи во инвестициското банкарство и пониските пправни трошоци од очекуваните.
Банката со седиште во Цирих соопшти дека нето-добивката во трите месеци до септември изнесувала 2,5 милијарди долари наспроти консензусот од 1,4 милијарда долари. Резултатот беше поддржан од ослободување резерви поврзани со порамнување на случај за даночно затајување во Франција и затворање стар правен спор на „Кредит Свис“ (Credit Suisse).
Во клучната единица за управување со богатство, приливите на средства изнесуваа 38 милијарди долари, повеќе од очекувањата, иако добивката пред оданочување беше под прогнозите. Основните приходи на инвестициската банка пораснаа за 23 отсто, бидејќи тргувањето и советувањето забележаа пораст на активностите во склучување зделки, тренд што го следеа и конкурентите на Волстрит.
Прочитај повеќе
Кина доби најлоша прогноза за раст во 2025 година од УБС
Швајцарската банка, која претходно прогнозираше раст во 2025 година од четири проценти, ја задржа проценката за следната година на три проценти.
15.04.2025
Швајцарија претстави 12 можни дизајни за новите франци
Швајцарската централната банка објави 12 можни дизајни за новите банкноти во франци и повика на мислење од јавноста.
13.08.2025
Неутралноста не им помогна на Швајцарците во трговската војна со царините
Швајцарија трпи силен удар поради новата царина од 39 отсто од САД, тоа би можело да ја чини 1 отсто од БДП.
06.08.2025
Овој силен квартал за извршниот директор Сержо Ермоти може да биде олеснување по период на повеќе негативни настани, меѓу кои и колапсот на американскиот доставувач на автомобилски делови „Фрст брендс“ (First Brands). Банката сè уште се соочува со години неизвесност поради предложеното зголемување на капиталните барања од 26 милијарди долари, кое го разгледува швајцарската влада.
Во своите проекции УБС наведе дека активноста во инвестициското банкарство во четвртиот квартал веројатно ќе се нормализира во споредба со силниот период од минатата година. Банката додаде дека вреднувањата на повеќето класи на средства се високи, а инвеститорите сè повеќе се насочени кон заштита од ризици на пазарот.
Минатата недела УБС направи промени во раководството и предложи Маркус Ронер да го наследи Лукас Гејвилер на функцијата заменик-претседател. Мишел Берео ќе ја преземе улогата на раководителка за усогласеност и контрола на оперативни ризици, додека Беатрис Мартин ќе стане главна извршна директорка на групацијата.
Банката во моментов го анализира влијанието од банкротот на „Фрст брендс“ врз неколку свои инвестициски фондови. УБС има вложено повеќе од 500 милиони долари во долговите на „Фрст брендс“ (First Brands) и преку аранжмани за финансирање на синџирот на снабдување, распределени во неколку свои фондови – меѓу кои „УБС хеџ фонд“ (UBS Hedge Fund Solutions) и „УБС О’Конор“ (UBS O’Connor).
Овие вложувања се наоѓаат во инвестициските фондови, а не во билансот на состојба на УБС, но случајот отвори прашања за управувањето со ризици. Колапсот исто така го доведе во прашање планираното продавање на хеџ-фонд единицата „УБС О’Конор“ на „Кантор Фицџералд“ (Cantor Fitzgerald).
Покрај тоа, овој месец швајцарски суд донесе пресуда што внесе нова правна неизвесност за УБС. Во изненадувачки потег, судот оцени дека одлуката на Швајцарија од 2023 година за поништување на околу 17 милијарди долари конвертибилни обврзници АТ1 издадени од „Кредит Свис“ е незаконска. УБС соопшти дека ќе поднесе жалба на одлуката.
УБС започна со веќе најавената програма за купување сопствени акции во вредност до 2 милијарди долари за втората половина од годината, задржувајќи го планот за вкупна вредност од 3 милијарди долари во текот на целата година. Банката соопшти дека нејзиниот коефициент CET1 до крајот на годината ќе ги одразува планираните средства за овие купувања што ќе се реализираат во 2026 година.