Купoвната моќ на домаќинствата во Македонија е зголемена за околу 83 отсто од 2003 година досега, а потрошувачките навики се значително променети, изјави во четвртокот Вања Манова, Регионален директор на „Мастеркард“ (Mastercard) за Бугарија, Македонија, Албанија и Косово. Резултатите од истражувањето на потрошувачките навики во земјава ги презентираше на настанот на кој Комерцијална банка и „Мастеркард“ одбележаа 30 години од воведувањето на првата платежна картичка во Македонија. Во тие три децении користењето картички во земјава бележи раст од околу 130.000 картички во 2005 година до една картичка по жител денес.
Според Манова, денешните потрошувачи сѐ почесто се насочуваат кон практични и алтернативни производи. Забележлив е трендот „искуство наместо материјално добро“, при што трошоците за забава се речиси двојно зголемени во однос на 2000 година. „Македонија се вбројува меѓу земјите во регионот со највисока потрошувачка во ресторани, а потрошувачите сè повеќе даваат приоритет на убавина, уживање, вкусни задоволства и удобност“, истакна Манова.
Комерцијална банка
Во рамки одбележувањето на јубилејот се одржа и панел дискусија „30 години партнерство, 30 години иновации“. „Почнавме пред 30 години со првата платежна картичка. Тогаш тоа беше голем чекор напред. Денес е секојдневие, вели Никола Џамбазовски, Главен директор за продажба и развој и член на Управниот одбор на Комерцијална банка.
Според Киро Чадиковски, директор на Дирекцијата за банкарски картички и платежни сметки во Комерцијална банка, и директен сведок на сите клучни чекори од првата картичка до модерните платежни решенија на банката, промената на навиките на клиентите е процес без крај.
Комерцијална банка
„Кога ја започнав мојата кариера, имаше околу 1.000 трансакции месечно, денес за само 2-3 минути има над 1.000 трансакции преку системите на Комерцијална банка. Денес сме најголем прифаќач на картички со пазарно учество од над 33 отсто во физичкиот свет и над 44 проценти во виртуелниот свет. Ова се само дел од фактите кои навистина го покажуваат патот кој го одевме заедно со 'Мастеркард', но ја покажуваат и динамиката на развојот“, изјави Чадиковски.
Џамбазовски го најави и следниот новитет од Комерцијална банка - дигиталната картичка, која постои веднаш, подготвена е за плаќање во дигиталниот свет од првиот момент и секогаш е достапна.