„Стопанска банка“ АД Скопје во првите три месеци од годинава оствари добивка од 679,5 милиони денари(околу 11 милиони евра), што е намалување во однос на истиот период минатата година кога добивката на банката изнесуваше 833,5 милиони денари (13,5 милиони евра), покажува неревидираниот биланс на успех на банката објавен преку Македонската берза.
„Според предвидувањата на најрелевантите светски и домашни институции, 2026 година требаше да рефлектира период на закрепнување и подобрување на сите економски и финансиски перформанси, но најновиот конфликт кој започна во февруари 2026 помеѓу САД и Израел од една страна и Иран од друга, ги измести наведените очекувања. Иако иницијално се очекуваше овој конфликт да трае релативно краток временски период, реалноста покажува поинаква слика“, наведуваат од банката во коментарот на кварталните резултати.
Прочитај повеќе
Глобалниот данок ја нагризува добивката на скопската „Стопанска банка“
Добивката пред оданочување е зголемена за два отсто
30.07.2025
Оттаму додаваат дека за разлика од сите претходни причини за финансиска криза и влијание на геополитички контекст, „овој конфликт се проценува дека ќе има одложено или задоцнето влијание, со оглед на фактот дека во главен фокус се цените на енергентите, чиј ефект се пренесува во цените на сите производи и услуги, инфлацијата и генерално ги афектира синџирите на снабдување“.
Од „Стопанска банка“ информираа дека во првиот квартал нето-приходите од камати се намалени за 14 проценти во однос на истиот период од минатата година, како резултат на трендот на намалување на каматните стапки поради промените во референтните каматни стапки и соодветното приспособување согласно конкурентните движења.
„Притоа најголемо учество имаат каматните приходи од кредитни активности, каматните расходи на депозитите поради зголемување на салдата, како и трансфер на значителен износ од сметки по видување во категорија на орочени депозити. Како компензаторен механизам се каматните приходи од позициите за ликвидност (меѓубанкарски пласмани, депозити и вложувања во хартии од вредност), кои поради зголемување на салдата, придонесоа со поголеми каматни приходи“, соопшти банката.
Нето-приходите од провизии и надоместоци се зголемени за 13 проценти во однос на анализираниот период од 2025 година, како резултат на намалените расходи од провизии кои ги наплатуваат добавувачите на соодветните сервиси.