„Интеса Санпаоло“ (Intesa Sanpaolo SpA) понуди да ја купи „Банка деи Монте Паски ди Сиена“ (Banca Monte dei Paschi di Siena SpA) за 30,6 милијарди евра (35,3 милијарди долари), потег кој се очекува да поттикне нова фаза на спојувања во италијанскиот финансиски сектор.
Со преземањето би се создала една од највредните банки во Европа и би се зајакнала позицијата на „Интеса“ како најголем кредитор на домашниот пазар. Тоа би било и клучен момент за извршниот директор Карло Месина, еден од најдолго активните банкарски лидери на континентот.
Понудата е околу 12,5 отсто над пазарната вредност на „Монте Паски“ на затворањето на берзите во петокот.
Ова доаѓа еден ден откако „Банко БПМ“ (Banco BPM SpA) предложи спојување со „Монте Паски“, што би резултирало со комбинирана вредност од околу 50 милијарди евра. „Банко БПМ“ не одговори по која цена ја вреднува другата банка.
Секое спојување со „Монте Паски“ би имало импликации низ италијанската финансиска индустрија, вклучувајќи го и осигурувањето. Банката, која се смета за најстара во светот, минатата година стана најголем акционер во „Асикурациони џенерали“ (Assicurazioni Generali SpA) откако ја купи „Медиобанка“ (Mediobanca SpA).
Оваа аквизиција би била најголемата трансакција досега во бран активности во италијанскиот финансиски сектор што започна кон крајот на 2024 година. „Банко БПМ“ ја купи компанијата за управување со средства „Анима Холдинг“, а „Монте Паски“ ја купи „Медиобанка“. Обидот за преземање од „Уникредит“ (UniCredit SpA), моментално највредната италијанска банка, на „Банко БПМ“ беше неуспешен.
Извршниот директор на „Уникредит“, Андреа Орчел, кој се обидува да ја преземе германската „Комерцбанк“ (Commerzbank AG), изјави дека сè уште е „внимателен“ кон можности за спојувања на домашниот пазар.
Акциите на „Монте Паски“ скокнаа за повеќе од 10 отсто во раното тргување во понеделник. „Интеса“ падна до 3,6 отсто, додека „Генерали“ порасна до 2,8 отсто.
„Интеса“ понуди 1,6 од своите акции и 1 евро во готовина за секоја акција на „Монте Паски“, се наведува во соопштението во понеделник. Готовинскиот дел би изнесувал околу 3 милијарди евра.
Ако договорот се реализира, „Интеса“ би го продала брендот „Монте Паски“ и околу половина од филијалите на осигурителната компанија „Унипол“ (Unipol Assicurazioni SpA).
„Унипол“ се очекува да плати меѓу 3 и 3,5 милијарди евра во готовина. Компанијата ќе спроведе емисија на права до 2,5 милијарди евра за да ја поддржи трансакцијата.
„Унипол“ би предложил спојување меѓу купените средства на „Монте Паски“ и „БПЕР Банка“ (BPER Banca SpA), во која веќе е најголем инвеститор.
Интересот на „Џенерали“
„Интеса“ би го задржала одделот „Медиобанка“ купен од „Монте Паски“ минатата година, како и уделот во „Џенерали“. Осигурителната компанија одамна привлекува интерес за преземање поради доминантната позиција во осигурување и управување со средства.
„Интеса“ во посебно соопштение рече дека купува уште 3 отсто во „Џенерали“. Купувањето е чисто финансиско и привремено за да се задржат сметководствените придобивки по договорот.
„Интеса“ процени дека трошоците за интеграција во преземањето на „Mонте Паски“ би биле околу 2,1 милијарди евра пред еднократни даноци. Проектираше синергии на трошоци пред оданочување од околу 1,5 милијарди евра годишно, како и синергии на приходи од приближно 1,4 милијарди евра.
Претставник на „Монте Паски“ одби да коментира пред состанокот на управниот одбор закажан за денес, на кој ќе се разгледа понудата.
Купувањето на инвестициската банка на „Монте Паски“ би ја зацврстило позицијата на Intesa на домашниот пазар, каде веќе има повеќе од 2.600 филијали и 14 милиони клиенти, според веб-страницата на компанијата.
Месина, 64, претходно изјави дека нема да се вклучи во домашни банкарски преземања, делумно поради загриженост дека тие напори би можеле да наидат на проблеми со конкуренцијата.
Минатиот месец, гувернерот на Банката на Италија, Фабио Панета, рече дека силната финансиска индустрија на земјата има простор за нова фаза на спојувања, и дома и во регионот, предупредувајќи дека M&A не треба да биде на штета на конкуренцијата и посочувајќи го ризикот од прекумерна концентрација на локалните пазари.