Кварталниот профит на „Самсунг“ (Samsung Electronics) се зголеми дури 19 пати, но тоа не беше доволно да ги импресионира инвеститорите навикнати на спектакуларните резултати на производителите на чипови кои профитираат од глобалниот бум на вештачката интелигенција (ВИ).
Акциите на „Самсунг“ паднаа за повеќе од 10 проценти на берзата во Сеул, предводејќи го падот на референтниот индекс Kospi, што привремено го активираше и механизмот за прекин на тргувањето. Инвеститорите, имено, веќе однапред ги имаа пресметано исклучително високите профитни маржи што произлегуваат од историскиот бран инвестиции во ВИ инфраструктурата ширум светот.
Најголемата јужнокорејска компанија во вторникот објави прелиминарна оперативна добивка од 89,4 билиони вони (околу 58 милијарди долари) во периодот од април до јуни, што е за околу шест проценти над очекувањата на аналитичарите.
Прочитај повеќе
Берзански преглед: Распродажба кај чип-компаниите, „Самсунг“ падна за 10 проценти
Индексот MSCI Asia Pacific падна за 2 процента, а секторот за чипови е под притисок.
пред 2 часа
„Самсунг“ и „СК Хајникс“ ќе изградат две фабрики за чипови во вредност од 518 милијарди долари
Со инвестиции во чипови, меморија и ВИ-центри за податоци, Јужна Кореја почнува една од најголемите индустриски офанзиви за зајакнување на технолошкото лидерство.
29.06.2026
Зошто „Спејс екс“, „Самсунг“ и „СК Хајникс“ стануваат меме-акции
Феноменот на меме-акциите се пресели од маргините на берзата кон најголемите технолошки гиганти, каде што традиционалните правила за проценка на вредноста повеќе не важат.
20.06.2026
Резултатите на најголемиот светски производител на мемориски чипови внимателно се следат, бидејќи инвеститорите се обидуваат да ги оправдаат рекордните инвестиции и високите вреднувања на компаниите поврзани со вештачката интелигенција. Акциите на производителите на чипови рекордно пораснаа претходно годинава, но во последните недели се најдоа под притисок поради стравувањата од посилна конкуренција, можен вишок на капацитети и прашањето дали инвестициите вредни стотици милијарди долари навистина ќе го донесат очекуваниот поврат.
„Резултатите се исклучителни во апсолутна смисла, но не се многу подобри од она што пазарот веќе го очекуваше за компанија која се наоѓа во самиот центар на моментално најатрактивниот сектор на пазарот“, оцени Адам Крисафули, основач на компанијата ВН (Vital Knowledge).
Приходите на компанијата се повеќе од двојно зголемени и достигнаа 171 билион вони.
„Самсунг“ оствари рекорден квартален профит и покрај тоа што издвои значителни средства за бонуси на вработените во секторот за производство на чипови, кои годинава можат да достигнат и до 400.000 долари по вработен. Тоа дополнително ја поттикна расправата во Јужна Кореја за тоа што претставува правичен надомест за работа.
Наглиот раст на богатството што го носи развојот на вештачката интелигенција е последица на сè поизразениот недостиг од мемориски чипови, кој стана едно од главните тесни грла во развојот на ВИ технологијата. Бидејќи производителите му даваат приоритет на производството на напредни мемориски чипови наменети за дата-центри, растат и цените на стандардните мемории, а тоа ги зголемува трошоците и ја загрозува профитабилноста во другите делови на технолошката индустрија.
Аналитичарите очекуваат недостигот од мемориски чипови да трае најмалку до 2027 година, што на компаниите „Самсунг“, „СК Хајникс“ (SK Hynix) и „Микрон“ (Micron Technology) им дава исклучително силна преговарачка позиција при одредувањето на цените.
Според проценките на банката ХСБЦ (HSBC), продажните цени на DRAM меморијата пораснале за повеќе од 40 проценти во второто тримесечје во однос на претходниот квартал, додека цените на NAND меморијата скокнале за повеќе од 50 проценти.
„Побарувачката е толку силна што компанијата се обидува да испорача што е можно повеќе производи на купувачите од секторот на серверските системи, каде што маржите традиционално се повисоки“, изјави Санџив Рана, директор за истражување во компанијата ЦЛСА (CLSA Securities Korea).
Тој додаде дека„Самсунг“ од најголемите купувачи веројатно бара значително зголемување на цените.
„Самсунг“ во последен момент постигна принципиелен договор со синдикатот во мај, со што се спречи голем штрајк / Bloomberg
Според процените на истражувачката куќа „Кантерпоинт“ (Counterpoint Research), просечната оперативна маржа на трите најголеми производители на мемориски чипови во вториот квартал се движела меѓу 75 и 80 проценти. Во извештајот се наведува дека толку високите маржи би можеле да предизвикаат загриженост поради прекумерното профитирање на производителите на меморија и да доведат до регулаторни притисоци доколку таквиот тренд продолжи.
Под притисок беа и акциите на јапонската компанија „Киоксија“ (Kioxia Holdings), конкурент на „Самсунг“ во производството на NAND меморија, кои паднаа за дури 12 проценти во Токио. Истовремено ослабеа и акциите на производителите на опрема за чипови ТЕ (Tokyo Electron) и „Скрин“ (Screen Holdings), додека ДК (Disco Corporation), производител на машини за обработка на силициумски плочи, загуби дури 7,7 проценти и покрај силните прелиминарни податоци за продажбата.
„Мислам дека пазарот сè уште не сфаќа колку овие резултати навистина се добри“, изјави директорот на „Кантерпоинт“, Том Канг. Според него, растот на цените на мемориските чипови бил уште поизразен кон крајот на второто тримесечје отколку на неговиот почеток. „Овој подем сигурно ќе продолжи и во наредните квартали“, оцени Канг.
„Самсунг“ кон крајот на месецот треба да го објави целосниот финансиски извештај, кој ќе вклучува нето-добивка и детални резултати по деловни сегменти. Акциите на „Самсунг“, кој покрај мемориски чипови произведува и потрошувачка електроника, екрани и процесорски чипови, годинава заостануваат зад акциите на „СК Хајникс“, кој е повеќе фокусиран на производство на меморија со висок пропусен опсег (HBM) наменета за системи со вештачка интелигенција.
Акциите на „Самсунг“ од почетокот на годината пораснаа за околу 150 проценти, додека растот на акциите на „СК Хајникс“ достигна приближно 250 проценти. Овие две компании имаат клучна улога во амбицијата на Јужна Кореја да стане глобален лидер во областа на вештачката интелигенција, поради што се под притисок значително да го зголемат производството на мемориски чипови.
Групацијата „Самсунг“ и групацијата СК планираат изградба на две нови фабрики за чипови на југозападот на земјата, со вкупни инвестиции од 800 билиони вони, со цел што побрзо да ги зголемат производствените капацитети. Целта на Јужна Кореја е во наредните пет години да ги удвои капацитетите за производство на мемориски чипови.
За 2026 година „Самсунг“ веќе најави инвестиции поголеми од 70 милијарди долари во проширување на производствените капацитети и во истражување и развој.