text size
„Штаермеркише Шпаркасе Групација“ денеска официјално поднесе известување за намера за преземање на сите запишани обични акции издадени од „Уни банка“ од Скопје, соопшти банката.
Ова е прв, иницијален чекор во процесот. За да се реализира трансакцијата и понудата за преземање потребно е исполнување на законски и регулаторни процедури, кои вклучуваат задолжително прибавување на претходни согласности и одобренија од надлежните институции во земјата и од соодветните меѓународни регулаторни тела.
„Во тој контекст, ‘Штаермеркише Шпаркасе Групација’ останува целосно посветена на успешно, транспарентно и одговорно спроведување на сите наредни чекори во согласност со важечките прописи и највисоките професионални стандарди“, стои во соопштението.
„Како една од водечките банкарски групации во Европа, имаме силна доверба во македонскиот банкарски сектор и неговиот долгорочен потенцијал за раст. Оваа објава ја потврдува нашата континуирана посветеност на пазарот и нашата стратегија за одржлив раст. Со овој чекор имаме цел дополнително да го зајакнеме нашето присуство во Северна Македонија и да ја унапредиме нашата улога како доверлив, стабилен и долгорочен партнер на граѓаните, деловната заедница и економијата во целина“, изјави Георг Бухер, претседател на Управниот одбор на „Штаермеркише Шпаркасе“ и претседател на Надзорниот одбор на „Шпаркасе“ од Скопје.
„Штаермеркише Шпаркасе“ делува во земјава од 2008 година, а вкупната актива во моментов изнесува скоро две милијарди евра. По преземањето на „Уни банка“, „Штаермеркише Шпаркасе“ ќе располага со вкупна актива од околу 2,8 милијарди евра во Македонија и пазарен удел од приближно 17 отсто.