text size
„Антропик“ (Anthropic PBC) им соопшти на потенцијалните инвеститори дека приходите во третиот квартал достигнале 16,8 милијарди долари, велат лица запознаени со прашањето, додека компанијата за вештачка интелигенција продолжува со плановите за излез на берза.
Компанијата што стои зад „Клод“ им соопшти на инвеститорите дека остварила профитабилност на приспособена основа во кварталот, на презентација одржана во средата во нејзиното седиште во Сан Франциско, изјавија изворите.
„Антропик“ генерира позитивен слободен паричен тек, а во третиот квартал имала приспособена бруто-маржа од 85 отсто и позитивна приспособена оперативна маржа од над 11 отсто, според изворите.
Bloomberg
Компанијата се подготвува да почне со формално претставување на својата иницијална јавна понуда пред инвеститорите веќе во неделата од 9 ноември, што би ѝ овозможило да почне со тргување пред американскиот празник Денот на благодарноста, изјавија лица запознаени со прашањето претходно месецов. Се очекува нејзиното берзанско деби да се случи најдоцна до крајот на годината.
Реакциите на инвеститорите на најновите податоци од „Антропик“ ќе бидат клучни за процесот на ИПО, при што некои пред состанокот во средата посочија дека праведната вредност на компанијата е во рамките од 1,8 до 2 билиони долари. Компанијата очекува да ја достигне или надмине големината на ИПО на „СпејсЕкс“ (SpaceX) од јуни, изјавија лица запознаени со прашањето.
„Претпазлив сум во однос на изгледите за приходите на ‘Антропик’“, изјави Јунг Ин Јун, главен извршен директор на „Фибоначи“ (Fibonacci Asset Management). „Цените би можеле дополнително да паднат со засилувањето на конкуренцијата, па дури и силниот раст на користењето можеби нема да се преточи во подеднакво силен раст на приходите или во одржлива профитабилност.“
Нето-стапката на задржување на приходите на компанијата, мерка за нејзината способност да ги задржи постојните клиенти и со текот на времето да ја зголеми нивната потрошувачка, изнесувала 900 отсто, изјавија некои од лицата запознаени со најновите податоци. Нејзината маржа по одбивањето на трошоците за пресметковна моќ, односно приходите што остануваат откако ќе се одземат трошоците за пресметковната моќ и другата неопходна инфраструктура, изнесува повеќе од 40 отсто, изјавија некои од изворите.
Разговорите продолжуваат и деталите за ИПО би можеле да се променат, изјавија изворите, кои побараа да останат анонимни бидејќи информациите не се јавни. „Фајненшл тајмс“ објави дел од бројките претходно во средата. Портпаролот на „Антропик“ одби да коментира.
„Антропик“, која беше во подем во поголемиот дел од годинава, сега се соочува со обновена конкуренција од „Опен еј-ај“ (OpenAI), која е изедначена со својот ривал во трката за повисока процена на вредноста. Компаниите се и во центарот на сè поголемото внимание на јавноста кон безбедноста на вештачката интелигенција по низа хакерски инциденти од висок профил извршени од агенти што дејствуваат надвор од контрола, што ја зголемува загриженоста за потенцијалното влијание врз ИПО на „Антропик“.
„Мета“ (Meta Platforms Inc.) се приклучи кон конкурентите што инвеститорите треба да ги следат откако објави модел на вештачка интелигенција за кој компанијата вели дека претставува голем напредок во однос на нејзините претходни модели. Според „Мета“, способностите на „Мјуз вондер“ го ставаат на исто рамниште со „ЧетГПТ“ на „Опен еј-ај“ и „Клод“ на „Антропик“ кога станува збор за програмирање или решавање финансиски или правни прашања.
„Антропик“ имала нето-загуба од речиси 42 милијарди долари во 2025 година, приближно петпати повеќе од околу 8,3 милијарди долари претходната година, објави „Блумберг њуз“ во август. Приходите на компанијата за целата 2025 година изнесувале приближно 4,6 милијарди долари, значително повеќе од 386 милиони долари во 2024 година, иако нејзината оперативна загуба се зголемила на повеќе од осум милијарди долари, според документи во кои „Блумберг њуз“ имал увид.
„Оваа вест е донекаде негативна“, изјави Мет Мејли, главен пазарен стратег во „Милер Табак“ (Miller Tabak + Co.). „Тоа веројатно ќе предизвика одредена загриженост кај инвеститорите. Имаме и проблеми на кредитниот пазар поврзани со технолошкиот сектор во САД. Веќе видовме значителен раст на цените на ЦДС за најголемите даватели на облачни услуги во последните недели.“
Како знак на растечката вознемиреност околу темпото на трошење во индустријата, акциите на давателот на облачни компјутерски услуги „Корвив“ (CoreWeave Inc.) паднаа за дури 17 отсто во средата. Неговите обврзници со достасување во 2032 година, кои инвеститорите ги купија по номинална вредност пред четири месеци, се тргуваа по цена пониска од 78 центи за долар номинална вредност. Цените на договорите за заштита од неплаќање на долгот на компанијата подразбираат веројатност од над 50 отсто за неплаќање во следните пет години.
Со продолжувањето на плановите за ИПО, „Антропик“ би одела спротивно на низата одложувања на пазарот на нови берзански котирања низ светот. Операторот на центри за податоци „Ертранк“ (AirTrunk) ја одложи за следната година ИПО на фонд за инвестирање во недвижности во Сингапур, неколку дена откако пропадна планираната ИПО на австралиската компанија за центри за податоци „Фирмус“ (Firmus).
И низа други компании ги поместија планираните рокови поради слабите резултати на овогодишните ИПО. Кога ќе се исклучат рекордните котирања во САД на „Спејсекс“ и „СК Хајникс“ (SK Hynix Inc.), пондерираниот просечен принос на повеќе од 100 новокотирани акции е загуба од 9,7 отсто, покажуваат податоците собрани од „Блумберг“. Овој резултат значително заостанува зад приносот од 14 отсто на индексот S&P 500 и растот од 19 отсто на „Nasdaq 100“, во кој доминираат технолошките компании, годинава.
„Во последните неколку квартали вештачката интелигенција стана жртва на сопствениот успех“, изјави Ана Ву, инвестициска стратегинка и основачка на „Флудлајнс“ (Floodlines Research). „Пазарот веќе не реагира на добрите финансиски резултати, но реагира и на најмалото потфрлање. Бројките на ‘Антропик’ се добри во очите на инвеститорите и прилично сум сигурна дека ќе запишат акции во ИПО. Она што нема да го направат е да го подигнат целиот сектор како што би се случило пред една или две години, бидејќи инвеститорите сега ги земаат добрите вести здраво за готово.“
Демонстранти и инвеститори
Помалку од десетина демонстранти беа собрани пред влезот на седиштето на „Антропик“ на улицата Хауард во Сан Франциско, додека инвеститорите и вработените пристигнуваа во средата наутро. Неколкумина од нив држеа транспарент на кој пишуваше „Блокирајте ја ИПО“.
Bloomberg
Кристал Зермењо од „Калифорнија комон гуд“ (California Common Good), активистичка група насочена кон тоа корпорациите да сносат одговорност, изјави дека е загрижена поради метеорскиот подем на „Антропик“ и ризиците што нејзините акции би можеле да ги претставуваат за пензиските фондови.
„Мора навистина стратешки да размислиме каде нè води ова“, изјави Зермењо.
Алфред Лин, партнер во „Секвоја капитал“ (Sequoia Capital), и Бред Герстнер, основач и главен извршен директор на „Алтиметер“ (Altimeter Capital Management), беа меѓу инвеститорите забележани како влегуваат во зградата.
Повеќето од оние што излегуваа од канцеларијата на „Антропик“ по настанот беа воздржани во врска со презентацијата и одбија да ја коментираат нејзината содржина.