„Стопанска банка“ АД Скопје во првите три месеци од годинава оствари добивка по оданочување од 861,9 милиони денари (14 милиони евра), што е зголемување во однос на истиот период во минатата година кога добивката на банката изнесувала 698,8 милиони денари (11,3 милиони евра), покажува неревидираниот неконсолидиран успех на банката објавен преку Македонската берза.
Во коментарот на остварените резултатите од банката соопштија дека првиот квартал од 2024 година претставува континуитет на исклучително сериозните предизвици со кои економиите и бизнисите, како глобално така и на ниво на домашната економија, се соочија во изминатите неколку години.
„Геополитичките тензии и конфликтите во Украина и на Блискиот Исток, заедно со продолжените ефекти од енергетската криза и затегнатите монетарни политики на централните банки како одговор на инфлаторните притисоци, неминовно доведуваат до забавување на глобалниот економски раст. Како мала и отворена економија, Република Северна Македонија силно ги чувствува последиците од глобалните движења кои се рефлектираат и на растот на домашната економија“, наведуваат од банката.
Прочитај повеќе
Значителен раст на добивката на „Стопанска банка“ АД Скопје
Нето-приходите од провизии и надоместоци се намалени за 10 проценти во однос на анализираниот период во 2022 година.
01.02.2024
„Стопанска банка АД Скопје“ со профит од 40,3 милиони евра за девет месеци
Значително зголемување на добивката во однос на истиот период минатата година
27.10.2023
Оттаму, меѓудругото, информираа дека добивката на банката пред оданочување во однос на истиот период од минатата година е повисока за 23 проценти.
„Во најголем дел, ова е резултат на зголемените приходи по сите основи поради зголемувањето на обемот на деловните активности“, соопшти банката.
Во однос на очекувањата за наредниот период, од банката велат дека и покрај отежнатите услови на делување, Меѓународниот монетарен фонд предвидува закрепнување на домашната економија и зајакнување на растот во 2024 година, поттикнат од планираните јавни инвестиции, особено од започнувањето на изградбата на автопатските делници од коридорите 8 и 10-д, како и постепено намалување на инфлацијата.
„Подобрениот надворешен трговски биланс, кој делумно се припишува на острото намалување на глобалните цени на енергијата, заедно со странските директни инвестиции кои се отпорни на изложените шокови, ги одржуваат девизните резерви на адекватно ниво. Банкарскиот сектор и понатаму е ликвиден, добро капитализиран, профитабилен, при што нефункционалните кредити се стабилни и се на историски најниско ниво“, наведуваат од банката.
Од „Стопанска банка“ во следниот период очекуваат продолжување на деловните активности во согласност со дефинираниот деловен план на банката со целосна ориентираност кон поддршка на клиентите, прудентно управување со ризиците и одржување на високата стабилност, сигурност и ефикасност во сите сегменти од нејзиното работење.
„Исто така, банката продолжува со реализација на започнатите проекти, пред сè, во делот на дигитализацијата, како и подготовка на понуда на нови услуги. Секако, фокусот останува на редовното и ефикасно извршување на основните деловни активности, одржување на лидерското пазарно учество од околу 27 проценти во сегментот на кредитирање на населението, со фокус за натамошно зголемување на пазарното учество во делот на кредитирање на компаниите“, велат од банката.