Извршниот директор на „Енвидија“ (Nvidia Corp.), Џенсен Хуанг, продаде акции вредни речиси 169 милиони долари во јуни, што е најмногу што заработил за еден месец, бидејќи ненаситната побарувачка за чипови што се користат за имплементација на вештачка интелигенција (ВИ) ги доведе акциите до нов врв.
Продажбата на 1,3 милион акции (негова прва продажба годинава) дојде во текот на месецот кога пазарната вредност на „Енвидија“ за првпат се искачи над 3 трилиони долари. Тоа накратко ја направи највредна компанија во светот и го катапултира Хуанг (61) во мала група на ултрабогати - оние со богатство над 100 милијарди долари.
Серијата на трансакции беше извршена според планот за тргување 10b5-1 усвоен во март, покажуваат официјалните документи. „Енвидија“ одби да коментира за продажбата.
Благодарение на доминантниот удел на пазарот на акцелератори од висока класа, компанијата стана еден од најголемите победници во треската за вештачка интелигенција. Со раст на акциите за повеќе од 150 отсто од почетокот на годината, нето-вредноста на Хуанг се зголеми повеќе од двојно - порасна за 63,7 милијарди долари - во изминатите шест месеци. Соосновачот на компанијата сега е рангиран на 13-то место на индексот на милијардери на „Блумберг“, со богатство од 107,7 милијарди долари.
Тој не е единствениот човек од компанијата што продава акции. Директорите на компанијата продадоа акции од над 700 милиони долари во првата половина од годинава, што е износ во долари што го надминува секој друг период во историјата на компанијата.
Личната фондација на Хуанг е уште една што има корист од растот на акциите. Проценетата вредност на фондацијата „Џен-Хсун и Лори Хуанг“ е 8 милијарди долари, што е податок заснован на 69 милиони акции што ги поседуваше на крајот на 2022 година, според нејзините најнови даночни пријави. Досега најголемиот дел од личното дарување на Хуанг одело во фонд управуван од добротворната организација „Шваб“.
Хуанг заработи речиси 1,1 милијарда долари во акции од почетокот на 2020 година, вклучувајќи ја и продажбата во јуни. Досегашните поднесоци покажуваат дека планира да продолжи со продажбата во јули.