И покрај стабилизацијата на цените на градежните материјали во Македонија, особено на атрактивните локации во Скопје, не може да се очекува пад на цените на становите, вели во интервју за „Блумберг Адрија“ претседателот на Здружението за градежништво при Стопанската комора, Андреа Серафимовски.
Тој вели дека причина за тоа се скапата работна рака и комуналиите, но и побарувачката, која, и покрај затегнувањето на монетарната политика, и натаму е висока.
„За креирање на цената на станбен простор или деловен простор во голема мера има удел работната рака. Ако видиме статистички податоци од минатата година до оваа година прв квартал, ќе видиме дека од минатата година во првиот квартал до оваа година платите пораснале за 36 отсто, што значи дека сега моменталната нето-плата е некои 36.500 денари во високоградбата, што многу значи, особено за цената на станбениот квадрат. Од друга страна, се соочуваме со поскапување на комуналиите на станбените единици, особено во општините што се атрактивни за купувања, на пример во Општина Центар или Град Скопје можеме да забележиме дека трошокот за комунални давачки, кој лани беше 110 евра, сега е 180 евра. И трета работа што ни се случува внатрешно и независно од некои текови е зголемувањето на процентот на исплаќање на сопствениците на парцелите, кој се движеше од 20 до 30 отсто во изминатите 12-15 години, за кои имавме голема трансакциска активност, од ковид-кризата наваму тој процент се зголеми за 10 отсто и сега изнесува од 30 до 40 отсто. Ако на сето ова го додадеме фактот дека има голема побарувачка во општините во кои има голема трансакциска активност и се очекува да има уште поголема, како во Општина Карпош или Општина Центар во Скопје, и ако видиме дека главниот елемент на тоа како се креира цената, а тоа е дали има побарувачка или има поголема понуда, кај нас има поголема побарувачка, така што во моментов не можеме да сметаме на никакво намалување на цените, можеме да сметаме само на стабилизација на градежните производи и материјали, што во моментов и се случува, и да добиеме некоја стабилизација на некое ниво што ќе ги отслика реалноста и регионот во кој живееме“, вели тој.
Како причина и за поголемата побарувачка од понудата и високите цени, Серафимовски ги посочува и мораториумите на некои ДУП.
На прашањето, пак, дали вложувањето во недвижности е исплатлива инвестиција во моментов, Серафимовски вели да, доколку внимателно се изберат вредноста и квалитетот на недвижноста.
„Се исплати ако процените дека недвижноста вреди. Во моментов има голема разноликост на цени, но не и на квалитет. Квалитетот што се нуди на пример во Општина Центар во моментов има некоја разлика од 10 до 20 отсто во изградбата, а цените варираат и до 50 отсто. Така што може да најдете стан и од 1.500 евра и од 2.300 евра. Разликата во цената не ја отсликува разликата во квалитетот. Сега е моментот граѓаните да проценат во што вложуваат. Секое вложување во недвижност што вреди, се исплати“, вели Серафимовски.