Финансискиот пазар е клучен дел од секоја економија и нуди можности за инвестирање и тргување со различни инструменти. „Блумберг Адрија“ во серија написи ви ги приближува основите на економијата и на финансиите, а овде се фокусираме на суровините.
Што се суровини?
Суровините (анг. commodities) ги претставуваат основните стоки што се користат во индустријата и трговијата. Најзастапени суровини се нафтата, гасот, металите (како злато, сребро и бакар), земјоделските производи (како пченица, пченка и соја) и други суровини, како кафе, шеќер и памук. Суровините често се сметаат за важни показатели за движењата на светската економија, бидејќи цените на суровините можат да влијаат на цените на финалните производи и на инфлацијата.
Прочитај повеќе
Кои се економските ризици од судирот меѓу Хамас и Израел?
Цената на нафтата ќе се движи меѓу 85 и 90 долари за барел.
17.10.2023
Цените на нафтата се ризик во борбата со инфлацијата
Рано е за прогласување победа врз инфлацијата, бидејќи сè уште постојат ризици за нови ценовни шокови.
08.08.2023
„Блумберг“: Цените на суровините ќе паѓаат
Во неделата што почнува ќе ги следиме случувањата на пазарите на суровини
07.08.2023
Како се тргува со суровини?
Трговијата со суровини може да се одвива на неколку начини.
Прво, физичко тргување, кое подразбира директно купување и продажба на суровини. На пример, нафтата може да се купува и продава на нафтени компании или дистрибутери.
Друг начин е да се тргува со суровини на берзата преку финансиски инструменти како што се фјучерси, опции или ЕТФ (Exchange-Traded Funds - ЕTFs).
Каде се тргува со суровини?
Нафтата, гасот и златото се меѓу најтргуваните суровини во светот.
Најпознати берзи на кои се тргува со суровини како нафта, гас и злато се NYMEX (New York Mercantile Exchange), CME (Chicago Mercantile Exchange), ICE (Intercontinental Exchange), LME (London Metals Exchange), COMEX (Commodity Exchange) и London Bullion Market.
Што се фјучерси?
Фјучерсите се финансиски инструменти што им овозможуваат на инвеститорите да купат или да продадат одредено количество суровини во иднина по однапред одредена цена. Фјучерсите имаат стандардизирани спецификации, како што се количество, квалитет, рочност и место на испорака на суровината. Тргувањето со фјучерси се одвива на организирани берзи и бара отворање посебна инвестициска сметка. Фјучерсите нудат можност за заштита од ризик од промени во цените на суровините или шпекулaции за нивното движење.
Зошто со суровините се тргува во фјучерси?
Потеклото на фјучерсите е поврзано со трговијата со земјоделски производи во Соединетите Американски Држави во текот на 19 век.
Во тоа време земјоделските производители се соочувале со ризици од променливи цени на нивните производи. За да се заштитат од потенцијални загуби, почнале да користат фјучерси. На пример, земјоделец што одгледувал пченка можел да продаде фјучерси за одредено количество пченка по однапред договорена цена. На тој начин земјоделецот би се заштитил од евентуален пад на пазарните цени.
Оваа иновација во тргувањето им овозможила на производителите и трговците да го планираат својот бизнис со помал ризик. Покрај тоа, фјучерсите обезбедуваат ликвидност и флексибилност во тргувањето со суровини, дозволувајќи им на учесниците да шпекулираат за движењата на цените и да остварат профит.
Што се опции?
Опциите на финансиските пазари се договори што на инвеститорот му даваат право, но не и обврска, да купи или да продаде одредено количество од одредено средство (најчесто акции) по однапред договорена цена (позната како strike price) во одреден временски период. Купувањето опција му дава право на инвеститорот да го купи средството (call option), додека продажбата на опцијата му дава обврска на инвеститорот да го продаде средството (put option). Опциите се користат како средство за заштита од ризик, шпекулации за движењата на цените на средствата и за генерирање дополнителен приход преку премии за опција.
Што е ЕТФ?
ЕТФ (Exchange-Traded Fund) е финансиски инструмент што се користи за инвестирање во различни видови средства, како што се акции, обврзници, стоки или индекси, преку берза. ЕТФ е популарен меѓу инвеститорите поради својата ликвидност, диверзификација и транспарентност.
ЕТФ функционира така што следи одреден индекс или кошница со средства. На пример, ЕТФ што го следи индексот S&P 500 ќе има портфолио составено од акции што го сочинуваат тој индекс и има цел да ги репродуцира перформансите на тој индекс. Другите ЕТФ се фокусираат на одредени сектори, географски области или стратегии за инвестирање.