Блокчејнот и криптовалутите воведоа нов концепт во светот на финансиите и ги разнишаа регулаторните рамки на земјите низ светот. Биткоинот како највредна криптовалута полека продира во мејнстримот на развиените земји, иако никој (или речиси никој) не знае кој е неговиот основач, а прашање е и колку луѓе се запознаени со начинот на кој функционира неговата мрежа.
Додека во претходниот текст поминавме низ основните принципи на блокчејн-технологијата, во продолжение прочитајте повеќе за тоа што се криптовалути и зошто се сметаат за револуционерни.
Криптовалути: Нова форма на дигитални средства
Прочитај повеќе
Основачот на „Бајненс“ загуби 12 милијарди долари поради падот на криптотргувањето
Сем Бaнкмен-Фрид, кому му се суди за измама во Њујорк, не е единствениот основач на крипто на кој му гори под нозе.
27.10.2023
Биткоинот достигна 35.000 долари за прв пат од 2022 година
Американскиот федерален апелационен суд ја официјализираше победата на „Грејскејл Инвестментс“ (Grayscale Investments LLC) во нејзиниот обид да создаде биткоин ЕТФ
24.10.2023
„Коинбејс“ ја избра Ирска како стратешко седиште во ЕУ
MiCA му дава на „Коинбејс“ координиран пристап кон огромен пазар од околу 440 милиони потрошувачи
23.10.2023
„Ферари“ почнува да зема криптовалути за купување на автомобили
Извршниот директор не прецизираше колку автомобили Ферари очекува да продаде преку крипто
15.10.2023
Адвокатите на Банкмен-Фрид не го разнишаа сведочењето на неговата поранешна девојка
Керолин Елисон мина низ повеќечасовно испрашување од страна на адвокатите на Сем Банкмен-Фрид, а нејзината приказна во голема мера остана неизменета.
13.10.2023
Криптовалутите, значи, се дигитални монети што се базираат на блокчејн-технологија. Тие претставуваат нова форма на дигитални средства што овозможуваат брзи, сигурни и транспарентни трансакции. Најпозната криптовалута е гореспоменатиот биткоин, кој стана синоним за дигитални пари. Меѓутоа постои цела низа на криптомонети, како што се етереум, тетер, доџкоин, лајткоин и други, секој со свои специфични карактеристики. Заедничкото име за сите криптомонети што не се биткоин е алткоини (анг. altcoins).
Иако во текстовите на англиски јазик може да се забележи дека термините „криптовалута“, „токен“ и „коин“ често се користат како синоними, треба да се нагласи дека криптовалутите не се исто што и дигиталните токени. Имено, двата главни типа дигитални средства се виртуелни валути (криптовалутите се поттип на виртуелните валути) и дигитални токени, а поедноставно објаснето, првите може да се гледаат како пандан на традиционалните пари, а вторите како пандан на хартиите од вредност.
Оваа поделба на средствата со месеци е актуелна тема во Соединетите Американски Држави, каде што Комисијата за хартии од вредност - СЕЦ (анг. Securities and Exchange Commission - SEC) - се обидува да преземе одредени монети под своја надлежност. Како што неодамна објави „Блумберг“, изворните монети на блокчејните кардано, полигон, чилиз, солана и коти се само некои од оние за кои СЕЦ смета дека се хартии од вредност што треба да се регулираат под нејзина закрила. Да појасниме, изворните монети на блокчејните се користат за да се наградат оние членови на мрежата што овозможуваат да се случат трансакции на самиот протокол.
Криптовалутите стекнаа голема популарност поради неколку причини. Прво, тие даваат можност за директен рамноправен кориснички трансфер на вредноста, без посредници. Тоа значи дека корисниците можат директно да испраќаат и да примаат пари без потреба од банки или други финансиски институции. Ова ја отвора вратата за финансиска инклузија за луѓето што немаат пристап до традиционалните банкарски услуги.
Второ, криптовалутите овозможуваат побрзи и поевтини трансакции во споредба со традиционалниот финансиски систем. Додека традиционалните трансфери на пари може да траат неколку дена и да вклучуваат високи провизии, криптовалутите овозможуваат речиси моментални трансакции со минимални трошоци.
Трето, криптовалутите им нудат поголема безбедност и приватност на корисниците. Трансакциите се спроведуваат преку криптографски алгоритми, што ги прави исклучително тешки за хакирање или за манипулирање. Покрај тоа, идентитетот на корисникот може да остане анонимен, освен ако тој сам не одлучи да ги открие своите податоци.
Конечно, уште една важна карактеристика е потенцијалот за високи приноси. Имено, пазарот на криптовалутите е познат по големи осцилации на цените, што им нуди можност за значителна заработка на инвеститорите. Од друга страна, токму поради волатилноста на пазарот и можноста за губење значителна сума пари, криптовалутите се сметаат за ризична класа на средства.
Неговото височество биткоин
Биткоинот е дигитална криптовалута и децентрализиран систем за плаќање, кој е претставен во 2008 година, а лансиран во 2009 година од еден човек или група луѓе под псевдонимот Сатоши Накамото.
Оваа монета е создадена преку процесот познат како рударење (анг. mining), кој вклучува решавање сложени математички проблеми со помош на компјутерска моќ. Основниот преглед на процесот вклучува неколку чекори. Имено, кога корисниците си испраќаат биткоини едни на други, тие трансакции содржат информации за тоа колку биткоини се испраќаат и кому. Потоа се собира групата на трансакции и од неа се формира блок. Овие блокови се основната единица во книгата на трансакциите, односно блокчејнот.
Потоа на сцената стапуваат рударите (т.н. мајнери), кои се натпреваруваат да решат сложени математички проблеми за да ги верифицираат трансакциите во блокот. Тоа се постигнува со помош на компјутерска моќ. Првиот рудар што ќе го реши проблемот има право да додаде нов блок во блокчејнот.
Откако ќе се реши бараната задача, блокот на трансакции се енкриптира во низа знаци наречени хаш (анг. hash). Хашот на еден блок вклучува информации за самите трансакции, хашот на претходниот блок (кој овозможува поврзување на блоковите во синџир) и дополнителни метаподатоци. Рударот треба да докаже дека тој всушност ја завршил работата за креирање на блокот, така што дополнително решава математички проблем што се базира на информации внатре во блокот. Овој дополнителен „доказ за работа“ (анг. proof of work) осигурува дека блоковите не може лесно да се лажираат.
Кога рударот успешно додава блок во блокчејнот, другите членови на мрежата ги верифицираат тој блок и сите трансакции во него. Тоа вклучува проверка на точноста на потписите, хашовите и другите информации. Ако блокот е валиден, членовите го прифаќаат и го додаваат во своите локални копии на блокчејнот. Новите блокови се додаваат на крајот на блокчејнот и стануваат дел од непрекината низа на трансакции што се верифицирани и потврдени од рударите.
Некој би можел да се запраша која е користа на рударите од сето ова, односно зошто тие треба да трошат енергија за решавање некои математички проблеми за им биде овозможено на други да испраќаат свои биткоини. Затоа што за својата работа добиваат награди и заработуваат провизии од трансакции. Со други зборови, рударот што успешно додава блок на блокчејнот се наградува со одредено количество нови биткоини, заедно со трансакциските провизии добиени од тој блок. Ова е наедно и начинот на кој се воведуваат во оптек нови биткоини.
Како што се шири мрежата на биткоинот, процесот на рударење станува сè потежок, бидејќи математичките проблеми стануваат посложени. Овој процес има и едно важно ограничување. Тоа се однесува на вкупниот број на биткоини што воопшто ќе бидат ископани, а тој број е 21 милион.
Биткоинот често е предмет на критики за количеството електрична енергија што се троши за одржување на неговиот протокол. Затоа веќе неколку години во криптосветот се засилува тенденцијата на вртење кон принципи различни од „доказот за работа“ на биткоин. Така, на пример, вториот најпопуларен блокчејн-протокол етереум минатата година премина на принципот на „доказ за удел“ (анг. proof of stake), со цел да се намали потрошувачката на енергија и да се подобри одржливоста на мрежата.
Други криптомонети
Илјадниците различни криптомонети создадени низ светот доведоа до развој и мноштво функции што им се доделени.
Претходно во текстот споменавме дека двата главни типа дигитални средства се криптовалутите и дигиталните токени. Последните се најпознати по своите подвидови - незаменливи токени - НФТ (анг. non-fungible token - NFT). Нивното име покажува дека - за разлика од криптовалутите, кои се заменливи (една единица од оваа валута може да се замени за друга без никаква промена во вредноста) - тие имаат единствени карактеристики што ги разликуваат од другите. Затоа, НФТ најчесто се користат за претставување дигитални уметнички дела и колекционерски предмети. Пред околу една и пол година, НФТ-пазарот забележа рекордно ниво на обем на тргување, по што овој балон прилично се издува.
Дигиталните токени нудат и многу пошироки можности од забава и уметност. На пример, во Србија вакви токени за првпат беа издадени минатата година, а ги издаде белградската факторинг-компанија „Финспот“. Практично, тие претставуваат дематеријализирани обврзници, а компанијата ги создаде за да собере инвестиции на иновативен начин.
Меѓутоа, практиката препознава и хибридни дигитални средства, кои не се посебно дефинирани со закон, а кои имаат карактеристики и на виртуелната валута и на дигиталниот токен. Тоа се покажа како проблематично прашање за светските регулатори, поради покомплексното ставање во правна рамка. Пример за таков вид средства, меѓу другите, би бил етерот, оригиналниот токен на блокчејнот етереум, бидејќи освен карактеристиките на платежно средство, тој нуди и можност за заработка од криптозаложување или т.н. стејкинг. „Доказот за удел“ на кој се заснова функционирањето на мрежата етереум подразбира дека одредени корисници ги заложуваат своите етери за да го одржат системот да работи, а за тоа се наградени со поврат. Тоа е причината што некои светски јурисдикции го третираат етерот како средство што има карактеристики на дигитален токен, односно хартија од вредност.
Постои и четврти тип на дигитални средства - стабилно дигитално средство. Тоа се издава за да се направат што помали промени во вредноста на тоа средство. Истовремено, неговата вредност е поврзана со вредноста на законското средство за плаќање или некој друг имот што има мала промена на вредноста.
Стабилните криптовалути или стабилкоините најчесто се врзани за американската валута, што значи дека компаниите што ги издаваат треба постојано да ги имаат потребните резерви на фиат-пари или средства еквивалентни на нив за да се одржи воедначена посакуваната вредност на дигиталното средство. Најраспространет стабилкоин е тетерот, а неговата цена тежнее секогаш да биде еден долар.
Слични на стабилкоините се и дигиталните валути на централните банки - ЦБДЦ (анг. Central Bank Digital Currency - CBDC) - но наместо да се врзани за некоја фиат-валута, ЦБДЦ сами по себе се легално средство за плаќање, само во дигитална форма. Како што веќе пишуваше „Блумберг Адрија“, досега повеќе јурисдикции лансираа вакви валути, што поттикна дилеми за начините на користење на валутите и за приватноста на податоците што се собираат преку таквите системи.