Цементарницата „Усје“ – Скопје веќе неколку месеци има во погон софтвер што го изработиле инженерите во фабриката заедно со странски консултант за автоматско водење на процесот на производство. Во интервју за „Блумберг Адрија ТВ“, генералниот директор Борис Хрисафов зборува за придобивките од вештачката интелигенција, која веќе ја применуваат во компанијата.
„Станува збор за софтвер што учи од податоците што се собрани во претходните години. Тој софтвер реагира во зависност од тоа дали параметрите отстапуваат од веќе дадените параметри или не, а на истиот начин се коригира за понатаму. Софтверот веќе работи на еден од млиновите за цемент, а ќе се пушти и на другиот. Работи на печката број 4, а секако плановите се да стави во функција и на печката број 3. Станува збор за софтвер што реагира во реално време и на некој начин го заменува операторот што досега го водел производството“, вели Хрисафов.
Сепак, тој вели оти не смета дека вештачката интелегенција ќе ги замени луѓето.
„Иднината е таму, во дигитализацијата, која е на врата од поодамна, и мора да ги следиме сите нови работи што се случуваат во светот. Но во врска со работната сила не значи ништо, бидејќи оператори ќе постојат и натаму, со тоа што ќе надгледуваат што се случува. Секако, квалитетот на производството се крева на повисоко ниво и се заштедува повеќе енергија затоа што процесот е постабилен од претходно“, објаснува Хрисафов.
Тој вели дека бројот на работна сила нема да се намали.
„Ние имаме потреба од работна сила, од постручна работна сила, и веројатно ќе одиме на друг тип на работна сила. Профилите ќе се сменат, ќе одиме на друг тип на кадар, кои ќе помогнат таа вештачка интелегенција или дигитализација да се спроведе и на други места во фабриката“, вели Хрисафов.
Според него, сега е тешко да се најде соодветен кадар.
„Не е едноставно, ни требаат стручни лица што ќе ги анализираат податоците и ќе предлагаат промени во софтверот за поуспешно да работиме. На пазарот е тешко не само во Македонија туку насекаде. Бидејќи работниците веќе имаат избор, а Македонија е мала држава, луѓето бараат излез, тешко може да ги задржиме, а главно станува збор за профили од информатичката област, кои многу тешко ги добиваме“, истакнува Хрисафов.
Тој смета дека решението е во дуалното образование.
„Нешто што ние го правиме со стручните училишта и со факултетите во Македонија е тоа што работиме на темата дека не мора сите да бидат инженери или високообразован кадар. Нам ни требаат стручни и технички лица од средните училишта да ги пoдготвиме повеќе и треба образованието да се насочи кон индустријата. Потребно е малку промовирање на тие професии што ги заборавивме, бидејќи може добро да се заработи и без да се заврши факултет, а повторно без да се валкаат рацете во масло“, нагласува Хрисафов.
Тој додава и дека интересот за дуалното образование не е добар.
„Мислам дека од образовниот систем не е достигнато до ниво до кое треба да бидат програмите. Треба да се сменат, односно побрзо да се менуваат, затоа што технологијата оди брзо напред и ако каскаат, како што каскаат, тешко дека ќе може да фатат чекор со индустријата“, вели Хрисафов.
Увоз на работна сила, според него, може да има само за некои поедноставни работи.
„Според мене, преквалификација е решение, но треба и промовирање на нови професии, младите не знаат каде да се запишат и вообичаено завршуваат на места што се на име, како што се адвокати, правници, економисти. Сакаат да бидат директори, но се сменија работите и затоа образованието треба да сервира на пазарот нови струи“, истакнува Хрисафов.
Тој во интервјуто зборуваше и за работењето на компанијата и за очекувањата за бизнис-опкружувањето, како и за состојбите со нелојалната конкуренција.