Нееднаквите можности помеѓу мажите и жените во глобалната економија сè уште се реалност. Бројките не се охрабрувачки, а студија на Светската банка фокусирана на Западен Балкан покажува дека регионот губи во просек околу 18 отсто од БДП поради помалата вклученост на жените на пазарот на трудот.
„Ако половина од работоспособното население во светот се жени, а само 50 отсто од нив се активно вклучени на пазарот на трудот, што би значело дека работат или активно бараат работа, тоа упатува дека значаен потенцијал во глобални рамки останува неискористен. Јасно е дека човечкиот капитал односно човечките ресурси се еден од основните предуслови за повисок економски раст“, вели Анита Ангеловска-Бежоска, гувернерката на НБРМ, во интервју за „Блумберг Адрија“.
Таа додава дека неискористениот потенцијал резултира со помали стапки на економски раст.
„Има анализа што се фокусира на регионот односно на Западен Балкан којашто покажува дека економиите или целиот регион губи во просек околу 18 отсто од БДП поради помалата вклученост на жените во општеството. Тоа јасно се гледа преку статистиката за стапката на активност на жените, која во регионот на Западен Балкан во просек е околу 45 отсто, а, за споредба, во Европската Унија стапката е 70 отсто“, вели Бежоска.
Жените на раководни позиции
Стапката на активност на жените во Македонија е блиску до просекот на регионот, некаде околу 46 отсто, за разлика од стапката на активност на мажите, која е околу 65 отсто. Тоа покажува голем јаз од околу 20 процентни поени.
„Друг проблем е тоа што и жените што се вклучени на пазарот на трудот многу помалку добиваат раководни позиции споредено со мажите“, вели Бежоска.
Според последните податоци објавени од страна на Македонската берза, учеството на жените во раководните структури во котираните компании во 2023 година е околу 23 отсто, што е релативно мала бројка.
„Ако гледаме динамички што се случува во изминатите неколку години, може да се види попозитивно поместување, но сепак динамиката е бавна. Со самото тоа што жените се помалку вклучени, тоа значи и пониски примања, јазот тука е тешко да се процени, но изнесува околу 20 отсто“, објаснува Бежоска.
Дополнителен проблем во Македонија се недостигот од човечки потенцијал, од една страна, и големиот потенцијал на жени што не се активни, од друга страна.
„Треба да обезбедиме услови да ги стимулираме жените да бидат активни на пазарот на трудот. Влијанието на жените врз растот не се согледува само преку зголемена бројка на човечки потенцијал којшто се става во функција туку многу истражувања покажуваат дека жените даваат една нова димензија, поинаков квалитет. Тие придонесуваат за еден систем на одлучување што подразбира комбинирани вештини, знаења и ставови, а сето тоа се смета дека носи до посоодветни одлуки, кои на крајот резултираат со подобар животен стандард“, заклучува Бежоска.
Финансиска поддршка за жените претприемачи
ЕБРД и Народната банка водат проект со кој е планирано да се подобри финансиската поддршка на жените претприемачи. Народната банка ќе биде национален координатор на овој проект и ќе бидат вклучени повеќе институции во зависност од надлежностите.
„Целта е да се овозможи поголема инклузија на жените во општеството, особено да им се помогне на жените во сферата на претприемаштвото, што подразбира и поголем пристап до финансии за жените“, изјави гувернерката.
Во изминатиот период се случуваат позитивни промени, сè повеќе жени се поставуваат на раководните позиции во централните банки, како во нашето соседство, така и пошироко.
„Сепак, во глобални рамки централнобанкарската сфера е сфера во која доминираат мажите, барем сега за сега. Исто е и во Европската Унија, само претседателката на Европската централна банка е жена, на сите други централни банки на чело се мажи“, наведува Бежовска.
НБРМ е добар пример во меѓународната сфера, бидејќи две години по ред е рангирана на прво место во светот по учеството на жените во раководната структура.
Жените во Македонија го освојуваат просторот
„Освестувањето на жените е веќе видливо и неспорно за овој регион, а тоа важи особено за Македонија“, вели Ангелка Пеева Лауренчиќ, основачка и извршна директорка на „Имиџ ПР“.
„Многу е очигледно дека можете да се потпрете на еден голем број освестени жени, општествено освестени жени што се појавија во последните десетина години, така што оваа битка, ако може да ја наречеме битка, полека но сигурно ја освојуваме“, вели Пеева Лауренчиќ.
Елена Младеновска Јеленковиќ, директорка на „М6 едукативен центар“, вели дека истражувањата покажуваат дека жените се покреативни, помалку коруптивни, а за време на пандемијата на ковид компаниите што беа водени од жени извонредно добро се снајдоа, се организираа и ја пребродија кризата.
„Европската директива што е донесена минатата година ќе им овозможи охрабрување на компаниите да постават жени на менаџерски позиции или во бордовите. Целта на таа европска директива е да се постават мерки за да се обезбеди побалансирана застапеност на мажите и жените во раководните позиции, особено оние компании што котираат на берзата. Меѓу условите што се предвидени е дека оние компании што котираат на берзата треба да имаат повеќе од 40 отсто од жените во своите бордови, а повеќе од 33 проценти да имаат жени на раководни позиции“, вели Младеновска Јеленковиќ.
Активноста на жените на пазарот на трудот
Жените се значително помалку активни на пазарот на трудот од мажите. Родовиот јаз во стапката на вработеност е околу 20,3 отсто. Пеева Лауренчиќ додава дека новите генерации ќе донесат и нови трендови, нови проценти.
„Овие бројки доаѓаат и оттаму што жените работат и некои други работи што не се сметаат за полно работно време или формално работно место, а сепак ги извршуваат, како што се задачите дома, затоа што градинките се преполни и немаат кај да ги остават децата. Општеството нема соодветен капацитет да им даде поддршка за поактивно вклучување на пазарот на работниот труд“, вели Пеева Лауренчиќ.
Таа додава дека како што се менуваат генерациите така се менуваат и начините на работа, сè повеќе се отвораат работни места оддома, дигиталните платформи и дигитализацијата на општеството воопшто отвораат нови перспективи за еден подобар баланс помеѓу семејството и работното место.
„Се отвораат многу нови и јаки бизниси, кои се темелат токму на овие дигитални платформи, каде што сметам дека со текот на времето ќе дојде до доста изедначен процент меѓу мажите и жените. Со тоа што новите трендови и новото време отвораат и некои други дилеми. А тие се во смисла на родовите, односно на појавата на ’нон бајнери’ или определување на полот во согласност со личното чувство. Така што, сите овие статистики за кои зборувавме денес, иако тоа за мене лично во моментот е малку чудно и неприфатливо, водат натаму кога родовите ќе ја изгубат својата основна смисла“, заклучува Пеева Лауренчиќ.