Еуфоријата околу ЕТФ поттикна заживување на биткоинот минатата година, чија вредност продолжи да расте и во 2024 година.
Водечката криптовалута периодов достигна највисоко ниво во повеќе од две години, а според познавачите на оваа сфера, криптотреската ќе продолжи и понатаму.
„Биткоинот, а и другите криптовалути се најосцилаторните валути на пазарот на капитал и иако криптопазарот помина низ едно тешко премреже и претрпе неколку силни удари во текот на 2023 година, пред сè тоа се должеше на огромни скандали, на почетокот на годинава повторно се врати во светскиот фокус на инвеститорската јавност. Утрово биткоинот ја преминаа границата од 64 илјади долари и многу брзо се движи кон историски највисокото ниво, кое беше во текот на 2022-2021 година (69.000 долари). Најновиот бум на финансиските пазари во светот пред сè се должи на одобрувањето на ЕТФ фондовите. Тоа се случи на почетокот на јануари и оттогаш, освен една мала корекција на почетокот, пазарот е во постојан раст. Инаку, таа постапка за ЕТФ траеше цели 10 години пред Комисијата за хартии од вредност да ги одобри на почетокот на јануари, првото барање беше поднесено уште во 2013 година, но во 2024 година, на 15-годишнината од биткоинот, почна тоа тргување и сето ова што следиме во најголема мера се должи токму на тоа“, вели Душко Гошевски, поранешен член на Комисијата за хартии од вредност, адвокат и познавач на криптопазарот и регулацијата.
Гошевски очекува ЕТФ да ја зголемат довербата на пазарите на капитал и да ги привлечат и попретпазливите инвеститори, бидејќи, како што вели, станува збор за посредно инвестирање, па наместо да се тргува лично, тргувањето го прави фонд што на дневна основа ги следи и ги анализира пазарните карактеристики и носи одлуки во име на инвеститорите.
„Другите криптовалути обично го следат биткоинот. Биткоинот е тој којшто го диктира темпото на финансиските пазари. Во моментот всушност се работи за отстранување одредени несигурности во делот на регулацијата и фактички е направен еден голем чекор напред. Досега имаше инвеститори на криптопазарот што имаа поголема храброст од аспект на инвестирање во ризичен капитал, сега се очекува овие ЕТФ да ги привлечат и оние постабилни и попретпазливи инвеститори, кои очигледно го зголемуваат тргувањето, но и придонесуваат за постабилна инвеститорска основа. На пазарот на капитал секогаш се работи за довербата како пазарен механизам, сè зависи од тоа колку ќе биде зголемена потребата од инвеститорите низ светот, како индивидуалните така и институционалните, да ги вклучат во своите портфолија криптовалутите. од тоа ќе зависи и пикот, но секако и психолошките граници. Психолошката граница од 69.000 долари е секако многу важна за идниот период“, вели тој.
Гошевски смета дека ниту македонската инвеститорска јавност не е имуна на овие процеси, но ја истакнува и потребата од законска регулатива.
„Регулацијата е многу важна пред сè затоа што им создава заштита на инвеститорите, тоа е многу важен дел за зголемување на довербата и отстранување на скептицизмот што постои на овие пазари што не се традиционални. Кај нас имаше една почетна регулација, Законот за спречување на перењето пари, кој беше донесен минатата година во јули, донесе една првична регулација, но од аспект на една сеопфатна регулација потребно да се донесе нов закон, за кој е формирана работна група, но сега се наоѓаме во предизборие. Сепак, мислам дека една од темите на ова предизборие ќе биде и таа регулација, како и основа за пробивање на тој пазар“, вели Гошевски.