Кога зборуваме за криптовалути, многумина прво помислуваат на поими како „иновација“, „децентрализација“ и „слобода од банкарскиот систем“. Но токму тие карактеристики – брзината на трансакциите, глобалниот опфат и во некои случаи поголемата приватност – ги прават криптовалутите привлечно место и за оние што сакаат да измамат или да прикријат нелегални средства. За да се разберe ситуацијата, потребно е да се види како различни видови измами функционираат и како криминалните активности се спојуваат со процесот наречен „перење пари“.
Во основа, измамите со крипто често почнуваат со ветување – ветување за брза заработка, уникатен проект или „ексклузивна“ можност за инвестирање. Тие приказни се сервираат преку социјалните мрежи, форуми, платформи за тргување и дури и преку пријателски препораки. Кога зборовите звучат доволно привлечно, луѓето често не прават дополнително истражување. Така се раѓаат пирамидални структури, лажни берзи и лажни претпродажби на токени – сите механизми на почетокот може да изгледаат легитимно, но на крајот завршуваат со загуба на вложените средства.
Како функционираат криптоизмамите?
Прочитај повеќе

Трамп порано беше скептик за криптовалутите. Што се смени?
Доналд Трамп го смени курсот – од противник на биткоинот до криптопретседател. Сега САД имаат стратегија за дигитални средства, стабилни коини и дури и државен криптофонд...
09.09.2025

Ќе станат ли стабилните коини новата светска валута, а каде е Македонија?
Стабилните коини ја менуваат играта во банкарството – моментални глобални плаќања, целосна регулација и дигитален кеш 24/7. Дали иднината на парите веќе е тука?
04.08.2025

Каде во регионот Адрија може да платите со криптовалути?
Иако глобалните трендови покажуваат раст во прифаќањето на криптовалутите како средство за плаќање, ситуацијата во земјите од регионот Адрија останува разновидна.
24.07.2025

Како „Виза“ и „Мастеркард“ се борат со криптореволуцијата
Стабилните коини се закануваат да ја променат играта, а „Виза“ и „Мастеркард“ се впуштија во трката за да ја задржат својата доминација.
02.07.2025
Измамите со криптовалути може да изгледаат како нешто ново и модерно, но всушност тие се стари тактики во ново пакување. Една од најпознатите форми на измами во криптосветот се пирамидалните и понзи-шемите. Во овие измами, инвеститорите се привлечени со ветувања за брзи и високи профити. Меѓутоа, наместо вистински инвестиции, новите вложувачи всушност им исплаќаат пари на претходните, што создава фиктивен раст. Овие шеми може да изгледаат легитимно, особено ако се користат водечките криптовалути како биткоин или етер.
„За финансиски неукиот свет постои таа силна турбуленција на информации за новиот дигитален пазар во кој ‘сите се збогатуваат’, таканаречена ‘дигитална треска’ и многу е лесно во таква општествена околност да се прават измами на база на термини со крипто“, објаснува адвокатот и познавач на криптопазарот, Душко Гошевски.
Освен пирамидалните шеми, постојат и лажни платформи за тргување, кои нудат наводно поволни услови за купување и продавање криптовалути. Тие изгледаат како легитимни апликации за тргување, но всушност служат за кражба на средствата на корисниците. Многу од овие платформи имаат лажни реклами и понуди што ветуваат огромни заработувачки, само за да ги натераат луѓето да депонираат пари. По депонирањето, корисниците никогаш не можат да ги повлечат своите средства, а платформите исчезнуваат без трага.
„На крајот произлегува дека овие финансиски измами многу малку се базираат на криптоиндустријата, односно таа на некој начин е злоупотребена поради нејзината актуелност“, додава Гошевски.
Во тој контекст, многу измамници користат платформи за нови криптовалути за да ги измамат инвеститорите. Овие ICO (Initial Coin Offerings) или IEO (Initial Exchange Offerings) се можност за купување нови токени по почетна цена, но многу често токените се безвредни. Инвеститорите купуваат токени што никогаш не ја исполнуваат ветената функција.
Како помагаат криптовалутите во перењето пари?
Еден од најголемите проблеми со криптовалутите е нивната подложност да помогнат во перењето пари. Перењето пари е процес преку кој криминалците ги префрлаат нелегално стекнатите средства и ги прават да изгледаат како легитимни. Криптовалутите овозможуваат такви трансакции на глобално ниво, без потреба од посредство на традиционалните банкарски институции, кои се подложни на строг надзор.
Широката употреба на крипто, што не секогаш бара проверка на идентитетот, овозможува лесно пренесување средства помеѓу различни земји, понекогаш без да се остават траги. Престапниците често користат криптовалути за да ги преместат украдените средства, потоа ги разменуваат преку разни менувачници и на крајот ги поврзуваат со „чисти“ средства преку купување производи, имоти или инвестиции.
„Овој феномен може да се објасни многу практично. При преминувањето на нашите гранични премини, потребно е да декларирате доколку со вас носите износ над 2.000 евра, додека во телефонот или криптопаричникот може со вас да носите милиони или милијарди средства на кои не може да им се влезе во трага“, вели Гошевски.
„За една меѓународна банкарска трансакција се потребни основ, договор, фактура, додека за ваква директна трансакција нема никакво ограничување. Тоа е нашата нова дигитална реалност и тоа е глобален феномен, кој во моментот е најголем финансиски предизвик на регулаторите на финансиските пазари низ светот“, додава соговорникот.
Depositphotos
Еден од најчестите начини на кои се прави „перењето“ е преку „мешање“ (mixing) или „туркање“ средства низ голем број трансакции – со други зборови, украдените или нелегално добиените криптосредства се делат на многу мали незабележливи трансакции, се префрлаат преку повеќе „врати“ и на крајот се поврзуваат со наводно легитимни извори. Овој процес им отежнува на истражителите да ги поврзат крајните сметки со почетната нелегална актива. Покрај тоа, постојат криптовалути и алатки што нудат поголема приватност.
Во овој процес често се користат мрежи за анонимни трансакции (како што се Monero или ZCash), кои овозможуваат криптографска анонимност. Трансакциите се бележат со малку податоци или воопшто не се обележуваат во јавно достапните записи на блокчејн, што ги прави потешки за следење.
Како да се заштитиме од криптоизмами?
Во однос на заштитата, најважниот совет за инвеститорите е да се однесуваат претпазливо и на прво место да ја постават проверката на легитимноста на платформата или инвестицијата. Важно е да се истражат сите проекти и платформи, да се проверат коментарите и рецензиите на други корисници, како и да се избегнуваат понуди што ветуваат нереално високи поврати без ризик.
„Во случај некој да стане жртва на криптоизмама“, истакнува Гошевски, „реалните правни можности за пријава и заштита на средствата се многу мали. Станува збор за комплот на компјутерски, финансиски и економски криминал, многу често на база на скриени идентитети и адреси, што ја прави ситуацијата многу потешка за правно следење.“
Секој инвеститор треба да биде внимателен на следниве знаци на измама:
- Пораки добиени на социјални мрежи или форуми што ветуваат големи добивки за кратко време;
- Платформи што немаат јасна и транспарентна историја или не се регистрирани;
- Ветувања за „гарантиран поврат“ што немаат основа во реалноста.
Понатаму, за институциите и властите, важно е да применуваат механизми за проверка на идентитетот на клиентите (Know Your Customer / KYC) и да ги следат трансакциите што изгледаат сомнително. Со цел да се минимизира ризикот од нелегални активности, криптоменувачниците треба да спроведуваат мониторинг на трансакциите и да соработуваат со меѓународните регулатори.
Каква регулација е потребна во Македонија?
Сега, кога криптовалутите и нивната злоупотреба во измами и перење пари се глобални проблеми, многу земји, вклучувајќи и некои од соседните, веќе започнаа да воведуваат регулативи што имаат цел да го регулираат криптопазарот. Но, како што нагласува Гошевски, Македонија во моментов е во фаза на очекување посебен закон за криптовалути, кој би донел поцелосно регулирање на овој сектор.
„Кај нас, по првичната парцијална регулација, која го опфати делот на спречување на перењето пари, не се презеде чекор напред. Чекор во смисла на сеопфатно регулирање на оваа нова индустрија и регулирање на тој пазар. Секако дека со оставање нерегулиран простор се остава и простор за измами и финансиски малверзации“, дециден е Гошевски.
Тој додава и дека во однос на регулацијата речиси сите држави од регионот се движат во слична насока.
„Се почнува со регулирање на даночниот аспект и аспектот на спречување на перењето пари, а потоа се преминува на посебни закони за регулирање на криптовалутниот пазар“.
Македонија, како земја кандидат за членство во Европската Унија, може да се придуржи на регулативата што ја усвои ЕУ во форма на MiCA (Markets in Crypto-Assets Regulation), која беше донесена со цел да се регулира криптопазарот и да се обезбеди поголема заштита за инвеститорите.
„Оваа регулатива е веќе првиот чекор во правец на создавање сеопфатни правни рамки за криптовалутите, а ќе помогне не само во заштита на пазарот туку и во поттикнување иновации“, објаснува Гошевски. „Земјите кандидати за членство во ЕУ ќе треба да ја усогласат својата законодавна рамка со MiCA, што ќе донесе нови можности за раст на криптоиндустријата.“
Depositphotos
Претпазливост и правилна насока
Измамите со криптовалути и перењето пари се проблеми што растат со развојот на дигиталната економија. Криптовалутите не само што го менуваат начинот на кој правиме финансиски трансакции туку и ја отвораат вратата за нови форми на криминал. Проблемот со криптоизмамите и нелегалните трансакции е глобален и бара меѓународна соработка за да се спречи нивната експанзија.
Со цел да се заштитат граѓаните и да се спречи злоупотребата на оваа технологија, неопходно е да се создадат јасни и издржани регулативи што ќе го регулираат криптопазарот, а истовремено ќе обезбедат и простор за иновации.
Во македонски контекст, се чини дека патот што води кон подобро регулиран криптопазар е дефиниран, останува само да се направи конкретен чекор напред во имплементацијата на тие регулативи, кои, покрај заштитата на инвеститорите, ќе го отворат и патот за нови можности и развој на пазарот на виртуелни средства.