Во органите на управување во компаниите што го сочинуваат македонскиот берзански индекс МБИ 10 само 25 отсто се жени. Прашањето за родова еднаквост во управувањето, надзорот и раководењето на компаниите во глобални рамки станува сè поактуелно, а секако и во Македонија. Марија Дуковска-Павловска, генерална директорка во „Макстил“, во интервју за „Блумберг Адрија“ вели дека во компанијата околу 8,5 отсто од вработените се жени, но на раководни позиции околу 30 отсто се жени.
Марија Дуковска-Павловска
Bloomberg Adria
„Металската индустрија е претежно менаџирана од мажи, се смета за машка индустрија и затоа претставува голем предизвик. Треба да се разбијат многу предрасуди, не само околу родовата еднаквост и припадност туку и дека некој може да дојде и однадвор, некој што не ѝ припаѓал на оваа индустрија и добро да менаџира. Ова не е индустрија каде што е најтипично и нормално да бидат вклучени жени. Во САД има Асоцијација на жени во металната индустрија. Такво нешто нема во Европа. Таа асоцијација нуди многу интересни програми, едукации и менторства за жените специфично во менталната индустрија и можеби тоа е нешто за кое треба да размислуваме во иднина“, вели Дуковска-Павловска.
Марија Дуковска-Павловска (ТВ-гостување)
Bloomberg Adria
Според неа, само преку едукација и соодветна надградба на жените тие може да бидат повеќе вклучени во бизнисот.
„Малку сум скептична кога станува збор за процентите на застапеност на жените. Дали нештото треба да биде само заради некаков процент, а не заради тоа што жените навистина заслужиле и навистина се подготвени да бидат на тие позиции. Така што за да се кренат капацитетите на жените, треба да бидеме фокусирани на нивна едукација и поголемо вклучување во одлучувачките активности во рамките на една компанија, бидејќи само на тој начин ќе можеме вистински да го имаме овој процент што со закон или со уредба ќе биде нешто што ќе биде задолжително“, додава Дуковска-Павловска.
Има истражувања што посочуваат дека невклученоста на жените е загуба за бизнисите.
„Жените во органите на управување носат едно поинакво гледање на работите, ги омекнуваат работите, го земаат предвид и емотивниот дел на работењето, човечкиот фактор, кој е клучен и многу битен во секое работење. Можеби сите овие работи придонесуваат за профитабилноста на компаниите, така што тоа е една област што мислам дека во следниот период доста би требало да се истражува за да се види какво е влијанието на жените во зголемувањето на финансискиот резултат во компаниите“, вели Дуковска-Павловска.
Нејзината порака до младите жени е да се едуцираат во областите што им лежат и во кои се добри, да се надградуваат и да се одберат ментори, бидејќи многу е битно со кого ќе учите.