Просечната исплатена месечна бруто-плата по вработен за ИТ-секторот за 2022 година е 2,260.10 евра, што е за 13 отсто повеќе од 2021 година. Вкупниот број на вработени во ИКТ-секторот во 2022 година е 19.947 лица, што е за 13 отсто повеќе од 2021 година, додека пак вкупниот број на компании регистрирани во дејноста за 2022 година е 2.846, што е за 16 отсто повеќе во однос на 2021 година. ИТ-секторот бележи значен раст, но има и низа предизвици, вели Орце Симов, претседател на ИКТ-комората при Сојуз на стопански комори на Македонија, во интервју за „Блумберг Адрија“.
„Меѓу предизвиците би го спомнал недостигот од квалификувана работна сила, како и предизвикот да се помине кон сопствени производи или услуги што ќе се понудат на меѓународниот пазар. Со тоа ќе се генерира дополнителна додадена вредност, која ќе овозможи да се добијат и повеќе средства за инвестиции, за иновации, за поголеми плати на вработените“, вели Симов.
Се соочуваме со неразвиен екосистем за финансирање иновации, кој е доста сиромашен и неразвиен кај нас.
„Има недостиг од инструменти што се потребни за финансирање високоризични, но и високодоходовни проекти“, вели Симов.
Македонската ИТ-индустрија можеме да ја разгледуваме низ два сегмента.
„Едни се компаниите што работат на македонскиот пазар, кои нудат услуги за македонската економија, македонските компании и македонските локални и централни институции. Овие компании се соочуваат со недостиг од кадар. Бидејќи другиот сегмент се компаниите што работат за светските пазари и можат да дадат поголеми плати, тие ги земаат работниците од македонските компании од овој сектор“, вели Симов.
Блумберг Адрија ТВ
Македонија имаа релативно ниски даноци и со тоа сме конкурентни и во однос на регионот.
„Во однос на даночната политика е потребно да има предвидливост и даночна стабилност, да не се зголемуваат даноците, да останат на ова ниво на кое се сега, и да се овозможат добри услови за водење бизнис. Треба на долги патеки да се знае колкави ќе бидат даноците, да може да се планираат финансиските приходи, да може да се прават и бизнис-планови за финансирање нови производи или услуги што би се понудиле на светскиот пазар, а биле финансирани од некои бизнис-ангели. Не би требало да доаѓа до воведување нови поголеми даноци, особено не како што беше случајот со данокот на екстра-добивка, кој беше воведен ретроактивно“, вели Симов.
Недостигот од кадар во македонските компании ќе се одрази негативно и на дигитализацијата на другите сегменти од македонската индустрија.
„Ако нема доволно кадар, нема да може да се оди кон дигитална трансформација ниту во државните институции, а тоа е предуслов за раст и развој. Во иднина, доколку некоја компанија не е дигитално трансформирана, таа нема да биде доволно добра, нема да има доволно брзи услуги и добри производи кон своите клиенти, нема да има доволен број иновации, доволен број канали за комуникација со своите клиенти, така што таквите компании ќе се соочат со неодржливост и со можност за исчезнување доколку не се трансформираат“, вели Симов.
Симов заклучува дека доколку државните институции не ја трансформираат околината за водење бизнис, во земјите во кои има помал степен на дигитализација на државните институции ќе има не толку добар екосистем за водење бизнис, така што во овој дел мора да ги унапредуваме процесите.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...