Во првите пет месеци од годинава на скопскиот и охридскиот аеродром биле опслужени приближно 1,2 милион патници. Менаџментот на „ТАВ Македонија“ е оптимист дека може да се надминат дури и бројките од 3,3 милиони патници што досега беа прогнозирани. Сепак, ризици постојат, вели Неџат Курт, генерален директор на „ТАВ Македонија“, во интервју за „Блумберг Адрија“.
„Секогаш има некои тешкотии во оваа индустрија. Постојат ризици што може да доведат до некои намалувања, но генерално гледаме оптимистички делови во зголемувањето на сообраќајот“, вели Курт.
Тој посочува дека ако се погледне сообраќајот од двата аеродрома, Турција е една од петте топ дестинации.
Сепак, кога станува збор за тоа од каде најмногу доаѓаат туристите во Македонија, тоа е Германија, а потоа следуваат Турција, Швајцарија, Италија и Шведска.
Курт посочува дека се работи на сите фронтови за да се зголемат дестинациите.
„Многу напорно се работи на Барселона. Сè уште не е воспоставена, а таа беше дестинација што ја имавме порано. Се надеваме дека ќе ја имаме наскоро“, вели Курт.
Авиосообраќајот закрепнува, а тоа се гледа низ бројките.
„Ако ја погледнете нашата перспектива во однос на достигнувањата или бројот на патници, ние доживеавме многу големо заживување. Во споредба со 2017 година, бројките во 2019 година во основа беа зголемување од 33 отсто“, вели Курт.
Тој смета дека македонските аеродроми се конкурентни во регионот.
„Имаме 47 дестинации достапни само од Скопје и оваа бројка се зголемува. Имаме и патници што доаѓаат од Србија, патници што доаѓаат и од друга соседна земја и се трудиме да дадеме сè од себе за да бидеме што е можно поконкурентни и да се етаблираме на врвот“, вели Курт.