Влегување во Шенген, прифаќање на еврото, нов мост од 425 милиони евра.
Изминатата година беше многу успешна за хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и неговата влада. Хрватската економија закрепнуваше од пандемијата со солидно темпо, нејзиниот кредитен рејтинг растеше, туристичката сезона беше многу добра, а како шлаг на тортата беше примањето во еврозоната и Шенген.
„Ова е година на испорака“, често повторуваше тој во медиумите, а покрај Шенген и воведувањето на еврото, особено ги истакнуваше изградбата на Пељешкиот мост и двата пакета помош за граѓаните, во вредност од 26 милијарди куни (3,45 милијарди евра), што владата ги донесе како одговор на кризата предизвикана од војната во Украина и зголемената инфлација.
„Влегуваме во клубот од само 15 земји во светот што се во НАТО, Европската Унија, Шенген и еврозоната. Овие две подлабоки интеграции се најопипливи во однос на придобивките за граѓаните и економијата“, нагласуваше Пленковиќ.
Изградбата на терминалот за течен природен гас (ЛНГ) на Крк тој ја смета за исклучително важен чекор за хрватската енергетска стабилност и одржливост.
Сепак, не беше сè баш толку чудесно како што претставуваше Пленковиќ. Најголемата дамка на неговата влада е неверојатно бавната и неефикасна обнова на областите погодени од земјотресот во Банија, каде што луѓето веќе трета зима чекаат во контејнери за „привремено“ сместување.
Тука се практично и постојаните корупциски афери поради кои премиерот речиси целосно го смени првичниот состав на својата влада.
Сепак, сето тоа не им нанесува преголема политичка штета ниту нему ниту на ХДЗ. Нивниот рејтинг во анкетите е стабилен, па дури и расте, додека опозицијата е во целосен хаос. Значи, 2022 година беше добра година за премиерот, а што ќе донесе 2023 година, ќе видиме допрва.