Поладни работни простории за вработените, побавни ескалатори и намалена брзина на возовите - ова се некои од мерките што ги разгледува париската управа за јавен транспорт RATP во услови на енергетска криза оваа зима. Со оглед дека руската инвазија на Украина доведе до нагло зголемување на цените на горивото во Франција, властите во изјава од почетокот на месецов посочија дека трошоците за енергија годинава веројатно ќе бидат за една третина повисоки отколку во 2021 - дополнителни 70 милиони евра.
Менаџирањето на ова зголемување нема да биде лесно. Намалувањето на обемот на услугите е невозможно и контрапродуктивно од перспектива за заштеда на енергија, во град во кој недостигот на машиновозачи и забавувањата предизвикани од лошата инфраструктура веќе предизвикуваат негодувања. Во меѓувреме, цените во 2023 година треба да пораснат по петгодишно замрзнување. Точниот обем на зголемувањето сè уште не е прецизиран, но веројатно нема да го покрие недостатокот. Така, како и сопствениците на домови и бизниси низ Европа, RATP прави сè што може за да штеди.
Гледано поединечно по патник, јавниот превоз е енергетски поефикасен од соло користење на автомобил. Но, системите на RATP, кои превезуваа 3,4 милијарди луѓе низ најнаселената метро област во Европа во 2019 година, се машини што трошат енергија: агенцијата троши 2.400 гигавати електрична енергија годишно, што е еквивалент на 1,2 милиони домаќинства - доволно за во целост да се обезбедат енергетските потреби за големи француски град како Бордо или Лил.
За да се намали таа бројка, агенцијата размислува за мерки како што се намалување на температурата на станиците и во возовите, автобусите, канцелариите и центрите за податоци - иако на засега подносливи 19 Целзиусови степени. Брзината на движење на пешачките патеки и ескалатори - како и на самите возови - исто така може да се намали, додека RATP размислува да ги врати своите системи за обновување на свеж воздух од 100 отсто на стандардот пред пандемијата од 80 проценти.
Овие мерки можеби изгледаат мали, но транзитната агенција прави подлабоки напори за намалување на потрошувачката на енергија веќе неколку години. RATP вети дека ќе ги намали емисиите на јаглерод за 50 отсто помеѓу 2015 и 2025 година и потрошувачката на енергија за 20 отсто. Потезите усвоени за таа цел вклучуваат транзиција на автобускиот возен парк на ниски или нулта емисии до 2025 година и инсталирање на LED светилки за заштеда на енергија. Воведени во системот во 2016 година, овие LED диоди веќе овозможија да се намали потрошувачката на електрична енергија на станиците и автобуските постојки за 50 отсто; светилките сега треба да се заменат со уште поефикасни модели, со цел да се намали потрошувачката на електрична енергија за осветлување за дополнителни 15 проценти.
Исто така помага и поновата опрема за возовите. Во 2020 година, RATP воведе возови MP14 опремени со системи за регенеративно сопирање на целосно автоматизираната линија 14, намалувајќи ја потрошувачката на електрична енергија за 17 проценти. До 2032 година, вели RATP, возовите со системи за регенеративно сопирање ќе бидат воведени низ целата мрежа. Во меѓувреме, возачите во автобусите и метрото се обучувани да поминат што е можно повеќе километража со одржување на стабилни, умерени брзини и избегнување на нагло забрзување и сопирање каде што е можно.
RATP, исто така, воведува систем за следење на енергијата за своите локации за да ги идентификува можностите за штедење.
На некој начин, RATP жонглира со зелените иницијативи: регенеративното сопирање е веќе широко распространето меѓу возовите на лондонското метро, додека сегашната цел на RATP за задоволување на 10 проценти од потребите за електрична енергија од ветер и соларни извори до 2025 година е бледа во споредба со целта на транспортот во Лондон да користи 100 отсто обновлива енергија до 2030 година.
Но, другите мерки усвоени во Париз се многу иновативни: од 2018 година, на пример, транзитната агенција го користи вишокот топлина од метро линијата 11 за да обезбеди 35 отсто од потребите за греење на зграда со 20 единици во центарот на Париз.
Пред зимската енергетска криза RATP е веќе под стрес поради недостиг на кадар. Корисниците на метрото веќе се под стрес поради долгите чекања, па оваа зима може да биде жешка за челниците на агенциjта.