„Мета“ (Meta Platforms Inc.) ќе ги врати налозите на Фејсбук и Инстаграм на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, по двегодишната суспензија поради прекршување на правилата на социјалните мрежи.
Одлуката на компанијата да ја повлече забраната, објавена во средата, значи дека Трамп наскоро може да достигне десетици милиони следбеници преку двата сервиса, во ситуација кога објави уште една кандидатура за Белата куќа. Неговите сметки ќе бидат предмет на „заштитни огради“, велат од компанијата, и конкретни казни за идно прекршување на правилата.
„Како општо правило, не сакаме да попречиме отворена, јавна и демократска дебата за платформите на ’Мета’ - особено во контекст на изборите во демократски општества како САД“, посочи во објава Ник Клег, претседател за глобални прашања на „Мета“.
Прочитај повеќе
Маск го враќа Трамп на Твитер откако мнозинството гласаше „за“
За да се врати Трамп на Твитер гласаа 52 отсто, а против беа 48 отсто од над 15 милиони гласачи.
20.11.2022
Трамп ја објави кандидатурата, што ќе се случува понатаму?
Трамп се надева дека ќе стане првиот американски претседател во последните 130 години што ќе се врати откако еднаш беше одбиен од гласачите.
16.11.2022
Налозите на Трамп беа затворени на 6 јануари 2021 година, откако компанијата оцени дека некои од објавите ги охрабриле неговите приврзаници да ги организираат насилните немири во американскиот Капитол за да се обидат да го спречат Конгресот да ги потврди резултатите од претседателските избори, на кои победи Џо Бајден. Привремената забрана следниот ден беше променета во „неопределена“ суспензија.
„Со оглед на неговите прекршувања, тој сега се соочува и со зголемени казни за повторување на прекршоците - казни што ќе се применуваат и за други јавни личности чии сметки се вратени по суспензии поврзани со граѓански немири. Тоа е врз основа на нашиот ажуриран протокол“, посочува Клег во објавата. „Во случај г. Трамп дополнително да објави содржини што ги прекршуваат правилата, содржината ќе биде отстранета и тој ќе биде суспендиран од еден месец до две години, во зависност од сериозноста на прекршокот“.
„Мета“ посочи дека може да го намали досегот на некои функции на Трамп доколку тие имаат цел да ги делегитимираат претстојните избори или се однесуваат на заговорничката група „Кју анон“ (QAnon). „Овој чекор би значел дека содржината ќе остане видлива на сметката на г. Трамп, но нема да биде дистрибуирана во фидовите на луѓето, дури и ако тие го следат г. Трамп“, се вели во објавата на компанијата.
„Мета“ побара повратна информација од Надзорниот одбор - група од надворешни адвокати, новинари и експерти за политики платени од компанија. Со нивна помош, компанијата одлучи дека суспензијата ќе трае најмалку две години. Клег беше извршниот директор одговорен да одлучи дали ќе ги врати налозите на Трамп, на тој начин ослободувајќи го од притисокот на јавноста Марк Закерберг, главниот извршен директор.
Трамп, кој минатиот ноември објави дека повторно ќе се кандидира за претседател во 2024 година и интензивно го користеше Фејсбук за време на своите последни две кампањи, побара од Закерберг и другите претставници на компанијата да го вратат неговиот пристап, велејќи дека неговото задржување надвор од платформата се меша во политичкиот процес.
Поранешниот претседател, исто така, во објава на 5 јануари на „Трут“ (Truth Social), неговата сопствена платформа, порача дека „Мета“ „постапува многу лошо“ и „станува многу здодевна“ откако го суспендирала. Тој исто така нагласи дека неговото отстранување и промената на името на компанијата во „Мета“ од Фејсбук „ќе влезат во Бизнис-куќата на славните како две од најлошите одлуки во историјата на бизнисот“!
За потсетување, и новиот сопственик на „Твитер“, Илон Маск, одлучи да го врати Трамп на мрежата, откако корисниците на друштвената платформа гласаа за тоа.