Најнизок раст на земјава во регионот Адрија
Економијата дополнително забавила во последниот квартал од 2022 година. Според податоците на Државниот завод за статистика, во последното тримесечје лани БДП се зголемил само за 0,6 отсто. На годишно ниво растот на економијата изнесува 2,1 отсто и е најнизок во регионот Адрија. Потфрлија клучните гранки. Рударството се намали за 1,5 отсто, индустријата за 1,8 отсто, а градежништвото, кое е во криза подолго од две години, годината ја заврши со пад од 8,4 отсто.
Рекордна базична инфлација во еврозоната
Поттикната од трошоците за храна и услуги, инфлацијата во еврозоната во февруари изнесува 8,5 отсто, што е повеќе од очекувањата на економистите. Основната инфлација, која во моментот е клучен фокус за креаторите на политиките, се зголеми на 5,6 од 5,3 отсто.
Претседателката на Европската централна банка, Кристин Легард, повлекувањето на инфлацијата го оцени како „нестабилно“ и порача дека зголемување на каматите можеби ќе продолжи и покрај веројатното покачување во март за половина поен.
Рекордна емисија на ЦО2
Глобалните емисии на ЦO2 лани се искачија на рекорд. Податоците на Меѓународната агенција за енергија покажуваат дека емисиите поврзани со енергијата се зголемија за 0,9 проценти, на повеќе од 36,8 милијарди метрички тони. Скокот дојде и покрај значителниот пад на индустриското производство во Кина и Европа. Најголемото зголемување на емисиите доаѓа од азиските економии во развој. Над половина од зголемувањето во тој регион е од електроцентралите на јаглен.
На берзите...
Акциите на глобално ниво се подготвени да ја прекинат тринеделната низа загуби. Вчера индексот S&P 500 скокна највисоко во последните две недели, а растот на главните берзански индекси низ светот продолжи и утрово.
Нафтата се движи кон неделна добивка, бидејќи оптимизмот околу закрепнувањето на Кина ја неутрализира загриженоста дека американската монетарна политика дополнително ќе се затегне. ВТИ се тргува на ниво од околу 78 долари, што е за два отсто повеќе на неделно ниво. Нафтата брент е близу 85 долари за барел.
Курсот евро - долар претрпе сосема мали промени и сега еврото чини 1,0603 долар. Златото има мал раст од 0,2 отсто, со што унца чини 1.838,63 долари.
Денеска читаме....
Намалената потрошувачка и послабиот извозен потенцијал ќе бидат причина за дополнително забавување на македонската економија годинава, смета аналитичарот на „Блумберг Адрија“, Иван Одрчиќ. Не само што оствари најнизок економски раст во споредба со регионот Адрија туку остварениот БДП во земјава лани всушност е најслаб резултат на македонската економија во последните години, со исклучок на 2020 година поради пандемијата.