Македонската берза и оваа година се приклучи кон иницијативата „Да заѕвониме за родова рамноправност“, која е поддржана од 123 берзи и чија цел е издигнување на свеста за родовата еднаквост во приватниот сектор, прашањата поврзани со економијата, финансиите и одржливиот развој.
По овој повод, денеска, ѕвоното на Македонска берза заеднички го заѕвонија Даринка Дамјановиќ, извршна директорка на ЦДХВ, Јасна Смилева, координаторка на сектор за супервизија на пазарот на капитал во Комисијата за хартии од вредност, Катерина Илиќ-Нонкуловска, раководителка на Службата за услуги со хартии од вредност во НЛБ банка Скопје, Весна Каркинска, извршна директорка во „Генерали инвестментс“, и Иван Штериев, главен извршен директор на Македонската берза.
„Темата за 2023 година е 'DigitAll: технологија и иновации за родова еднаквост', со што токму на Меѓународниот ден на жената се препознава придонесот на жените низ светот што се залагаат за унапредување на трансформативната технологија и дигиталното образование“, велат од Македонската берза.
Главниот извршен директор на берзата, Иван Штериев, вели дека вклучувањето на Македонската берза пред три години во глобалната иницијатива „Да заѕвониме за родова рамноправност“ било израз на заложбите на берзата да се издигне на повисоко ниво темата за родова рамноправност во бизнисот во земјава, односно уверувањето дека домашните бизниси ќе станат поуспешни доколку се издигне степенот на инклузија на жените во деловниот свет, со што уште повеќе ќе се искористи нивниот креативен потенцијал.
Ова е деветта кампања на глобалната иницијатива „Да заѕвониме за родова рамноправност“, која се реализира во партнерство на Меѓународната финансиска корпорација (IFC), Светската федерација на берзи (WFE), Иницијативата за одржливи берзи (SSE), во која Македонската берза е учесник, Глобалниот договор на ОН, UN Women и Women in ETFs, за промовирање на родовата еднаквост на пазарите на капитал.
Во функција на зајакнување на општествената свест за постигнување поголема родова рамноправност, берзата и оваа година објави ажурирана анализа за состојбите со половата структура на составите во органите на управување кај котираните акционерски друштва, која е достапна на следниот линк.